Невистините и грешките во учебниците уништуваат генерации

Учебникот по социологија ги запали социјалните мрежи, каде што многумина прашуваат како е можно цели генерации ученици да учат дека на жените седејќи дома и апстинирајќи од општествениот и јавен живот им се стеснува можноста да бидат изложени на влијанието на објективните криминогени фактори, а со тоа тие имаат помалку шанса да прават кривични дела (?!). Освен тоа, на истата страница во истиот учебник, има изнесено погрешни претстави, односно дека прељубата е кривично дело…

„Причините за различното учество на жените во криминалитетот се објаснуваат со општествената положба на жената. Ако жената е затворена во домот и нема никакви јавни улоги, таа нема можност да прави кривични дела. Жената на тој начин е заштитена од многу комуникации, одговорности, ангажмани, натпревари, конфликти и е упатена да се грижи за семејството, а со тоа помалку е изложена на влијанието на објективните криминогени фактори. Во услови на поголема општествена активност можно е да дојде до поголема криминална активност особено кај некои видови кривични дела“.
Ова е дел од содржината во учебникот по социологија за втора година гимназија. Овој дел од учебникот ги запали социјалните мрежи, каде што многумина прашуваат како е можно цели генерации ученици да ги учат (како факти) тврдењата дека жените затворени во домот без никакви јавни улоги ќе немаат ни можности да прават кривични дела. Значи треба да седат дома и да не бидат дел од општествениот и јавен живот, за да не прават кривични дела?! Ова го наметнува и прашањето, дали жената не треба да се образова, ако веќе треба да седи дома. Освен тоа, на истата страница во истиот учебник, има изнесено погрешни претстави, односно пишува дека прељубата е кривично дело… Реченицата гласи вака: „Жените во помал обем го извршуваат кривичното дело прељуба, недозволен абортус, уцени, кражби кривоклетство“.

Учебници со небулози, дискриминирачки содржини и содржини со погрешни податоци и претстави за општествени феномени не се ништо ново во македонското учебникарство. Во учебници по многу предмети има забележани грешки, предрасуди и стереотипи, па и говор на омраза. По објавата на учебникот по социологија, со право реагираат и еднородителските семејства, кои ги повикаа одговорните во Министерството за образование и наука да ги ревидираат содржините во учебниците, меѓу кои и оној во кој децата од второ одделение учат за семејство и лепат сликички од типични семејства, роднини, кои некои од еднородителските семејства ги немаат.
Не беше толку одамна и кога во јавноста имаше реакции и за наставната програма по Општество за четврто одделение, во делот каде што се бара од децата да одговорат на прашањата кога се венчале нивните родители, колку години имале кога стапиле во брак и колку години се во брак, како и да залепат слика од свадбата. Авторите, односно рецензентите на оваа содржина, очигледно го немале предвид фактот дека можеби некое дете има починат родител или поради различни причини живее само со едниот родител или, пак, можеби воопшто нема родители. Во учебниците е недозволиво да има теми што дискриминираат и кои можат да ги вознемират децата.

Во минатото, токму поради вакви грешки многупати беа најавувани многу ревизии на учебниците, кои требаше да ги прават универзитетски професори. Ваква ревизија пред неколку години имаше, а во неа учествуваа меѓу другите и професори од Педагошкиот факултет, кои најдоа многу неточности. Резултатите од таа ревизија никогаш не беа обелоденети, најверојатно, затоа што беа забележани многу грешки, па сигурно ќе требаше да се повлечат од употреба учебници по многу предмети. Како што неофицијално коментираа тогаш во Министерството за образование и наука, ако истите тие беа повлечени, во меѓувреме децата ќе немаа од што да учат во текот на наставата, а постапката за избор на нов учебник е комплицирана со постојната законска регулатива. Сепак, тоа не е оправдување. Ревидирање на содржините во учебниците мора да има, затоа што е недозволиво учениците да усвојуваат знаења што не се исправни.

Црвеното светло е вклучено. Одамна? Надлежните не смеат да губат време и мора да почнат сериозно да ги решаваат проблемите со учебниците еден по еден. Најпрво треба да се види што учат децата, а она што е погрешно или поттикнува дискриминација, веднаш да се повлече од употреба. Потоа, за да не трпи наставата, неопходно е да се работи на упростување на процедурата за избор на учебници, па да се мотивираат авторите да пишуваат учебници по оние предмети по кои нема воопшто учебници со години. Оти со ваков третман на образованието, кое е стожерот на државата, не треба да нѐ чудат поразителните податоци од светските истражувања за знаењата на нашите ученици, какви што беа последните на меѓународната студија ПИСА

Иако проблемот со учебниците во македонскиот образовен систем е повеќеслоен, нема впечаток дека надлежните нешто посебно прават за да го решат. На пример, хроничен е проблемот што трае со децении со недостигот од учебници. Учениците во трето, четврто и во петто одделение воопшто немаат учебник по предметот Работа со компјутери и основи на програмирање, а сепак добиваат оценки во текот на учебната година, како и во евидентните листови и во свидетелствата. Не е само тој предмет проблем, туку учебници нема ниту по Општество, по Географија, по Историја, по Информатика. Учениците учат од материјалот во тетратките што самите го пишуваат, а наставниците им го диктираат, и тоа им е единствениот материјал од кој учат за да можат да бидат оценети. Дискутабилно е во колкава мера децата можат да ја совладаат наставната програма учејќи на овој начин.

Црвеното светло е одамна вклучено. Надлежните не смеат да губат време и мора да почнат сериозно да ги решаваат проблемите еден по еден. Најпрво треба да се види што учат децата, па она што е погрешен факт или поттикнува дискриминација, да се повлече од употреба. Потоа, за да не трпи наставата, неопхoдно е да се работи на упростување на процедурата за избор на учебници, па да се мотивираат авторите да пишуваат учебници по оние предмети по кои воопшто нема учебници со години. Оти со ваков третман на образованието, кое е стожерот на државата, не треба да нѐ чудат поразителните податоци од светските истражувања за знаењата на нашите ученици, какви што беа последните на меѓународната студија ПИСА.