Невидливоста останува „супермоќ“ на жените и на црнците

Очигледно во Шведската кралска академија треба нешто да се менува, и не само кога станува збор за расната и за половата дискриминација, ако сака Нобеловата награда да го задржи епитетот најпрестижна светска награда. Во спротивно, тоа што Тони Морисон, една дебела црнкиња, со седа коса, во розова блуза, осамна на првата страница на „Њусвик“, најугледниот неделник на белците, не е повеќе показател дека општеството еволуирало и дека не треба да се губи надеж

Октомври е месец на Нобеловите награди, најпрестижната награда на светот во повеќе општествени и уметнички сфери, која до денес ја освоиле вкупно 923 личности од кои само 57 жени и 16 припадници на црната раса, а годинава отиде во рацете на само четири жени и ниедна личност со темна кожа, што сугерира дека наградата и натаму има проблем со разноликоста. Првата жена што го добила „нобелот“ е Марија Кири, во 1903 година за физика, а потоа уште неколкупати и за хемија. Година во која најмногу награди им се доделени на жените е 2009-та (пет во четири различни категории), најмладата добитничка е Малала Јусуфзаи (17 година), а најстарата е писателката Дорис Лесинг (88 година)… Веста за Нобеловата награда за писателката Тони Морисон, пак, одекна низ светот како бомба затоа што Морисон, покрај тоа што е жена, таа е и црна жена. Вакви статистики и податоци вооппшто не е тешко да се најдат за припадниците на женскиот род и на црната раса, едноставно затоа што се работи за мал примерок. Истото би било многу покомплицирано на бројка од околу 900 лауреати од машката бела раса.

Проблемот со недостигот од расна и родова разноликост не е само проблем на Нобеловите награди, туку системски општествен проблем, кој е присутен во сите сегменти, а таквиот недостиг може да доведе до намален обем информации од различни области, научи, уметнички, политички… Една од „супермоќите“ на жените и на црнците и натаму останува нивната – невидливост! Навистина е време конечно нешто да се направи на планот на поголема инклузивност, така што при кандидирањето ќе се води сметка за географијата, односно за потеклото на кандидатите, како и за нивниот пол. Во спротивно ќе ни се повторува одново и одново историјата кога жените евидентно биле занемарени, и големиот број нивни откритија (особено во науката) подлегнале на апропријација од страна на нивните машки колеги. Има безброј примери кога нивните заслуги биле преземени и на крајот тие поради овие процеси на маргинализација се турнати назад во приватната сфера, а многу од нив се откажале од науката, уметноста и другите дисциплини со кои успешно се занимавале. Едно обично пребарување на интернет може да нѐ доведе до неверојатни откритија за историски неправди чии жртви се жените или припадниците на црната раса, во науката, но и во многу други области. А една од најголемите неправди, е сознанието дека Нобеловите награди се доделуваат за сѐ и сешто, но не и за диверзитет и рамноправност.

Она што Морисон го изјави по повод добивањето на Нобеловата награда за книжевност, се покажува како точно и во овој „напреден и прогресивен“ свет во 21 век: „Идентитетот, особено американскиот, почива на белата раса и на машкиот род. Какви и да се неговата моќ, ранг или економски статус, мажот секогаш останува маж и си дава предност над жената. Ако се обидете од него да создадете човечко суштество, тоа ќе биде тежок потфат“

Низ историјата имало и многу контроверзни одлуки и скандали. На пример, Нобеловата награда за мир на Барак Обама по само девет месеци мандат беше контроверзна, исто како и наградата на палестинскиот водач Арафат или наградата за „мировен проект“ доделена на Европската Унија. Од друга страна, Махатма Ганди, симболичната фигура на ненасилната борба против неправдата и угнетувањето, никогаш не беше почестен со „нобелот“ и покрај многубројните номинации. Тука е и минатогодишната награда за австрискиот писател Петер Хандке, кој, како што тврдат критичарите, ги банализирал и ги негирал воените злосторства на Србите во војната во Југославија. Имало и спорни добитници како кога Нобеловата награда за природни науки му била доделена на данскиот патолог Јоханес Гриб Фибигер, кој ја доби за откритието дека една спирална бактерија предизвикува рак на желудник, што подоцна се покажало како грешка. Или кога Канаѓанецот Џон Маклеод ја доби наградата иако бил на годишен одмор кога вработените во неговиот институт го откриле инсулинот. Или Јапонецот Коичи Танака, кој беше почестен со „нобел“ затоа што развил ласерски процес што само тој ќе го користи!
Очигледно во Шведската академија треба нешто да се менува, и не само кога станува збор за расната и за родовата дискриминација, ако сака Нобеловата награда да го задржи епитетот најпрестижна светска награда.

Во спротивно, тоа што Тони Морисон, една дебела црнкиња, со седа коса, во розова блуза, осамна на првата страница на „Њусвик“, најугледниот неделник на белците, не е повеќе доказ дека општеството еволуира и дека не треба да се губи надеж. А она што го изјави таа, по повод добивањето на Нобеловата награда за книжевност, ќе се покаже како точно и во овој „напреден и прогресивен“ свет во 21 век: „Политичкиот, економскиот и културниот живот е заснован на конструкцијата на идентитетот на белата раса. Додека на црнците им се заканува замката себеси секогаш да се сметаат за жртви, па така и да живеат. И жените, генерално, често се подготвени да подлегнат на тоа. Со други зборови, идентитетот, особено американскиот, почива на белата раса и на машкиот род. Какви и да се неговата моќ, ранг или економски статус, мажот секогаш останува маж и си дава предност над жената. Ако се обидете од него да создадете човечко суштество, тоа ќе биде тежок потфат“.