Невидливите центри на моќ

Во земјава е изграден, а секоја власт по потреба го надградува целиот систем на институции, установи, агенции, дирекции, претпријатија, регулаторни тела…, кои, со меѓусебно испреплетени надлежности, формално и неформално, вршат дел од државните и јавните работи. Иако како главен мотив за нивното формирање се наведува потребата од постручно, поефикасно и пофлексибилно извршување на државните и јавните задачи, вистинските причини се мошне прагматични

Недоволно искусни и несоодветно образовани кадри управуваат со државните и со јавните добра. Уште една општоприфатена констатација доби своевидна верификација со истражувањето и анализата на институтот за демократија „Социетас цивилис“ што пред неколку дена ѝ беше презентирана на јавноста под насловот „Кој тоа таму управува“. За сите оние што барем еднаш во животот го следеле патешествието на автобусот на фирмата „Крстиќ и син“ во брилијантното филмско остварување на Слободан Шијан – веќе сѐ е кажано со насловот на истражувањето. За помладите, веројатно е потребно објаснување оти станува збор за едно навистина долго патување на релативно кратка релација во дотраен автобус, кој вози во катастрофа.

Но, за разлика од повеќеслојноста на приказната со трагикомичните моменти на ликовите од автобусот, ситуацијата со управувачките капацитети на раководните структури што ги именуваат Владата, Собранието и единиците на локална самоуправа во земјава е мошне проста, без комични моменти, но со веќе сосема видлива тенденција да прерасне во трагедија со далекосежни последици. Имено, истражувачите од сите јавни претпријатија, компании во целосна државна сопственост, регулаторни тела, самостојни државни органи и самостојни управни органи побарале професионални биографии на директорите и на членовите на управните и на надзорните одбори. Освен што добар дел од нив целосно ја игнорирал обврската што им ја наметнува Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, биле доставувани и нецелосни податоци, а некои од нив дури и се дрзнале да го одбијат барањето. Толку за процедурата. Суштината е дека, според анализираните биографии, во над половина од случаите именуваните лица немале искуство во областа на работата на институциите или, пак, тоа искуство било пократко од пет години. Освен тоа, како директори и членови на одборите се појавуваат ликови со средно образование, што, исто така, е во спротивност со законските критериуми, според кои високото образование е задолжително, што значи дека оние што ги именувале, го прекршиле законот по неколку основи. А тоа се премиерот, министрите, пратениците, градоначалниците и советниците во општините и во градот Скопје. Поедноставено, тоа се тие крстиќи и синови.

За да нема дилеми, треба да се каже и оти собирањето податоци се одвивало помеѓу август 2018 и јануари 2019 година, некаде на половина од мандатот на актуелната централна власт и една година по последните локални избори. Сето погоре изнесено, значи, е утврдено и потврдено. Е сага, зошто е тоа така?

Постојат тука уште многу повеќе или помалку замрсени релации, но на сите им е заедничко тоа дека станува збор за невидливи или барем помалку видливи центри на моќ, кои, освен што речиси воопшто не ја исполнуваат функцијата за која се создадени, на целиот систем често му нанесуваат повеќе штета отколку корист

Во земјава е изграден, а секоја власт по потреба го надградува целиот систем на институции, установи, агенции, дирекции, претпријатија, регулаторни тела…, кои, со меѓусебно испреплетени надлежности, формално и неформално, вршат дел од државните и јавните работи. Иако како главен мотив за нивното формирање се наведува потребата од постручно, поефикасно и пофлексибилно извршување на државните и јавните задачи, вистинските причини се мошне прагматични. Една од нив е одбегнување на законските одредби, како во случајот со професионалното искуство и образованието, така што оддалечени од очите на јавноста, претставуваат релативно безбедно засолниште за некомпетентните партиски кадри и за ангажирање и плаќање подобни надворешни соработници, но и за дополнително хонорирање службеници и функционери од поекспонираните институции. Втората причина би можеле да бидат и јавните набавки што им се доверуваат заради маскирање на вистинските нарачатели.

Постојат тука уште многу повеќе или помалку замрсени релации, но на сите им е заедничко тоа дека станува збор на невидливи или барем помалку видливи центри на моќ, кои, освен што речиси воопшто не ја исполнуваат функцијата за која се создадени, на целиот систем често му нанесуваат повеќе штета отколку корист.

Навистина смешно дејствува актуелната јавна дебата за потребата од трансформирањето на Секретаријатот за европски прашања во министерството за политички систем и односи со заедниците, додека во заднината речиси секојдневно се формираат некакви параинституции и параоргани со сомнителни кадри и надлежности. Затоа, конечно би требало да се спроведе комплетна ревизија на сите творби што се финансираат од парите на граѓаните, јасно да се дефинираат целите на нивното работење и да се преиспита компетентноста на раководните, надзорните и сите други кадри, зашто, во спротивно, ако веќе не станале, тие ги имаат сите предиспозиции за трансформирање во невидливи центри на моќ, кои неретко насочени кон крајно егоистички цели, можат да им нанесат немерлива штета на државата и на општеството.