На штрек поради невидливиот убиец

Доколку СЗО прогласи глобална опасност по здравјето на луѓето по појавата на новиот смртоносен вирус, познат како коронавирус, и во нашата земја може да се очекуваат мерки како што се карантин, заострување на граничните контроли, формирање специјални центри за лекување и ограничување на меѓународниот патнички сообраќај. До таквата одлука, се разбира, во сила се општите хигиенски правила – да се избегнува контакт со лица што имаат акутни респираторни тешкотии, како и со живи и со мртви домашни и диви животни

Појавата на новиот смртоносен вирус, познат како коронавирус, го вклучи алармот на светската (и домашната) јавност. Овој нов невидлив убиец, кој веќе однесе дваесетина животи, во заден план ги стави горливите теми што ги преокупираа светските медиуми изминатиот период. Па, така, вниманието повеќе не е фокусирано на темите како што се импичментот на Доналд Трамп, брегзит или кризата со Иран. Дали станува збор за непотребно кревање врева? Не. Слободно може да се каже дека реакцијата не е претерана, особено ако се земе предвид претходното искуство со сличните вируси, како што се САРС и МЕРС, кои пред повеќе години однесоа илјадници животи низ сите ќошиња на светот. Подобро е да се алармира и превенира, отколку да се чека ѓаволот да тропне на нашата врата, а тогаш веќе ќе биде доцна.

Кога станува збор за нашата земја, Македонија е дел од земјите што ќе спроведуваат засилени контроли и превентивни мерки за заштита од опасната инфекција, која се заканува да прерасне во нова глобална епидемија. Па, така, иако нашите здравствени власти засега не стравуваат дека коронавирусот може да се рашири и во државата, Комисијата за заразни болести на својата последна седница донесе одлука на скопскиот аеродром да има засилена информациска кампања за смртоносниот вирус. Оттаму истакнуваат дека засега нема потреба од поригорозни мерки. Сепак, ваквата одлука може во иднина да се промени, зависно од развојот на ситуацијата на глобално ниво, но и во регионот, кој важи за една од влезните капии за миграциските текови кон Европа.

За понатамошните чекори се чека на одлуката на Светската здравствена организација, која секој момент треба да пресече дали ќе биде прогласена меѓународна здравствена опасност. Доколку биде прогласена глобална опасност по здравјето на луѓето, и во нашата земја може да се очекуваат мерки како што се карантин, заострување на граничните контроли, формирање специјални центри за лекување и ограничување на меѓународниот патнички сообраќај. До таквата одлука, се разбира, во сила се општите хигиенски правила – да се избегнува контакт со лица што имаат акутни респираторни тешкотии, како и со живи и со мртви домашни и диви животни. За сериозноста на ситуацијата и опасноста од можна глобална епидемија, доволно говори фактот дека некои од државите на Азија, но и на Западна Европа, веќе почнаа да спроведуваат свои контролни мерки за да спречат ширење на вирусот. Најчесто станува збор за мерки како што се проверка на телесната температура на аеродромите, железничките станици и на автопатиштата, преку поставување термални камери. Доколку стигне препорака од СЗО, Македонија не треба воопшто да биде имуна на ваквите превентивни мерки. Затоа што, сепак, да повториме, подобро е да се спречи, отколку да се лечи…

Интересно е да се направи краток осврт за тоа како се справува „земјата-домаќин“ на овој смртоносен вирус. Кинеските власти го ставија буквално во карантин Вухан – градот со 11 милиони жители, каде што се наоѓа изворот, односно жариштето на коронавирусот. Светските медиуми јавуваат за апокалиптични сцени во градот, во кој привремено се запрени авионските летови, автобуските линии, возовите, па дури и метрото. Покрај тоа, интензивно се работи на дезинфекција на улиците со специјален раствор. Истовремено, се поставени и специјални шатори за изолација на заразените пациенти, во случај болеста масовно да се прошири. Последните информации од Кина говорат дека слична судбина го очекува и шестмилионскиот Хуанганг. Покрај тоа, по избивањето на епидемијата, Владата во Пекинг донесе одлука да ја забрани прославата на Кинеската нова година на градските плоштади и улиците. Не треба да заплашува ваквата реакција на кинеските власти, особено ако се земе предвид нивното претходно искуство со, исто така, смртоносните вируси од истото семејство како и коронавирусот. Првите случаи на САРС беа откриени во Кина кон крајот на 2002 година. Кинеските власти првично ги игнорираа случаите, поради што подоцна беа цел на остри критики, бидејќи вирусот неконтролирано се прошири низ 37 земји, предизвикувајќи глобална паника и над 750 смртни случаи. Покрај големиот број човечки жртви, им беше нанесена и голема штета на азиските економии, која се мереше во милијарди долари. Затоа, се надеваме дека светот ја научи лекцијата со претходните смртоносни епидемии и дека ќе стори сѐ за да не дојде до повторување на овие глобални здравствени катастрофи…

[email protected]