На Саемот на книгата му треба нова физиономија, не само локација

Пулскиот саем на книгата успеа да се одлепи од општествено-политичките конотации што владеат во остатокот на земјата. Луѓето тука имаат чувство дека можат слободно да зборуваат, на бината секој може да каже што сака, нема цензура на зборот, а писателите особено го сакаат тоа, па постојано му се навраќаат… Традиционалниот „Појадок со авторот“ во кафеаната „Моцарт“ е содржина што пулската публика особено ја сака. Ако сака да прерасне во нешто слично на ова, нашиот саем на книга треба да добие барем нешто од таа физиономија

Денеска завршува Саемот на книгата, што за некои може да значи пропуштена можност за обновување на домашната библиотека со некој нов наслов, но не и за многу повеќе од тоа. Затоа што и овој пат, освен променетата локација, саемот не донесе многу новини во програмска смисла.
Куп книги, меѓу кои и доста лоши преводи и нечист македонски, па и такви со евтина и пожолтена хартија, распоредени како во повеќе мали продажни книжарници, е сликата од годинашното издание. Малку автори, уште помалку гости (главно анонимци), а најмалку придружни настани, трибини, хепенинзи, перформанси, работилници за креативно пишување, дискусии за иднината на книгата, промовирање нови технолошки достигнувања во издаваштвото.

Нашиот саем нема ни почесен гостин, некоја национална литература, каков што имаат сите книжевни саеми во светот и во околината, нема ни странски издавачи, иако со години никој не се осмелува да ја отстрани ознаката меѓународен за да не му опадне „нивото“, странски писатели се носат инцидентно, а да не зборуваме за некоја поголема книжевна ѕвезда.

За да биде вистински саем на книгата, на оваа манифестација сепак ѝ треба нешто повеќе од тезги со хартија, треба да биде место каде што доаѓаат издавачите да купат или продадат авторски права на новите книги, да се запознаат со најновите меѓународни трендови во издавачката бранша и со познати но и со нови писателски имиња од целиот свет, бидејќи овде, повеќе отколку на кое било друго место, се гледа иднината на книгоиздателството.
Лајпцишкиот саем на книги, на пример, отсекогаш бил место за непосредно собирање на писателите и читателите. Таму манифестациите се одржуваат не само на саемот туку и во книжарниците, библиотеките, факултетите, базените, во зоолошката градина, фризерските салони, па дури и на локалните гробишта!

Годинава мало освежување е новиот простор во кој се одржува саемот, спортската сала „Борис Трајковски“, која, и покрај првичната слика – трибини што ни се познати кога сме биле таму во улога на навивачи, во однос на претходниот простор во халите на Скопскиот саем, има и некои предности. Просторот е отворен и широк, вентилацијата е добра, па внатре може и да се дише, пристапот е солиден…
Ако се има предвид неизвесноста околу неговото одржување, добро е што и годинава имаме саем на книга, но, освен просторот, мора да се осмисли и програмски и визуелно и содржински.

Нашиот саем нема ни почесен гостин, некоја национална литература, каков што имаат сите книжевни саеми во светот и во околината, нема ни странски издавачи, иако со години никој не се осмелува да ја отстрани ознаката меѓународен за да не му опадне „нивото“, странски писатели се носат инцидентно, а да не зборуваме за некоја поголема книжевна ѕвезда

Како пример нема да ги земам светските саеми како лондонскиот или франкфуртскиот, туку еден балкански, и тоа не белградскиот, како најмасовен и најзначаен. Еве, на пример, Саемот на книгата во Пула, кој не е толку голем ни масовен, ама е иновативен и интересен со своите содржини. Таква содржина е на пример т.н. „Појадок со авторот“, за која се чекаат редици (еднаш таму беше славниот Умберто Еко), а потоа редици читатели чекаат да ја набават неговата нова книга. Појадокот традиционално се одржува во кафеаната „Моцарт“ претпладне, а пулската публика особено ја сака оваа содржина што излегува од рамките на формалното претставување и дружење со авторите.

Потоа се прават маички со слогани, има богата музичка програма, а секоја година и тема на саемот од областа на културата, слободата на творештвото, социјални и општествени теми, се врткаат агенти за книги и автори што на духовит и луциден начин зборуваат слободно, без автоцензура, пред публика… Таму и публиката е веќе едуцирана, но строга и праведна, има свои критериуми, па никакво малограѓанство не е добредојдено. Лани саемот го отвори Дарко Рундек, а во музичките вечери настапуваше и Раде Шербеџија.
Опуштена атмосфера, чија цел е не само да се продаде некој примерок повеќе туку и да е вистинско и неформално уживање во книжевноста. За средношколците тука е програмата „Поп-лектира“, која се покажа како добитна комбинација, а се претставуваат на пример домашни стрип-автори. За најмладите има забавна програма „Колективно фантазирање и лудување“ во соработка со студентите по ликовна уметност.
Пулскиот саем на книгата успеа да се одлепи од општествено-политичките конотации што владеат во остатокот на земјата. Луѓето тука имаат чувство дека можат слободно да зборуваат, на бината секој може да каже што сака, нема цензура на зборот, а писателите особено го сакаат тоа, па постојано му се навраќаат… Тоа всушност и не е саем, туку е фестивал на кој им се придава вистинска важност и на авторите и на нивните дела, место на кое помислувате дека книгите некому му се навистина важни и дека писателите имаат причина да пишуваат, иако можеби таквата илузија ќе трае само кратко, дури не се вратите дома…

Ако сака да прерасне во нешто слично на ова, нашиот саем на книгата треба да добие барем нешто од таа физиономија, во спротивно ќе остане типичен пример на панаѓур со вообичаените лавиринти изградени од непрегледни купишта книги, трговски саем, обична дисконтна книжарница.

Фото: Игор Бансколиев