На повидок тензична есен

Летово бевме сведоци на два големи геополитички настана, средбите на Трамп со Путин и со Ким, по кои се очекуваше барем мало намалување на тензиите меѓу големите сили, како и на заканите за нуклеарна војна. Но ако се суди според изјавите и потезите на лидерите на САД, Русија и на Северна Кореја по историските самити, наместо мирна нѐ очекува тензична есен, во која дијалогот одново ќе им го отстапи местото на заканите

Малата искра надеж дека летните т.н. историски средби меѓу светските лидери ќе донесат помирни денови, полека згаснува. Напротив, ако се суди според потезите што ги влечат истите лидери, наместо мирна нѐ очекува многу напната есен. Летово бевме сведоци на два големи геополитички настана, средбите на американскиот претседател Доналд Трамп со колегите од Русија и од Северна Кореја, Владимир Путин и Ким Јонг-ун, по кои се очекуваше барем мало намалување на тензиите меѓу големите сили и на заканите за нуклеарна војна.

Сепак, по самитот меѓу Трамп и Ким, на кој според американскиот претседател е договорена денуклеаризација на Корејскиот Полуостров, билатералните односи меѓу САД и Северна Кореја претрпеа огромни осцилации. Трамп прво ги поздрави резултатите од средбата и го фалеше Ким, но деновиве ја откажа посетата на американскиот државен секретар Мајк Помпео на Пјонгјанг, тврдејќи дека не е постигнат доволен напредок во денуклеаризацијата и обвинувајќи ја Кина дека го саботира целиот процес. Од друга страна, Северна Кореја ги обвини Американците дека преземаат „непријателски чекори“ и спроведуваат „тајни операции“, криејќи се зад завесата на дијалогот. Пјонгјанг тврди дека Американците трупаат војска во Јапонија, Филипините и Јужна Кореја и дека одржуваат тајни вежби насочени против Северна Кореја. Заклучокот на Пјонгјанг е дека ако односите меѓу двете страни се влошат како пред самитот, кога Ким и Трамп си ги мереа нуклеарните копчиња и се закануваа со нуклеарно уништување, светот го очекува „најлоша воена криза досега“.

Таква е ситуацијата на Далечниот Исток, а не е нималку подобра ниту на Блискиот Исток, каде што Американците и Русите водат нова војна со зборови пред најавената офанзива во Сирија. Двете сили разменуваат предупредувања за нови хемиски напади, кои би можеле да се искористат како изговор за нова интервенција во државата. Русија распореди воени бродови во Средоземно Море и тоа, според руските медиуми, е најголемо собирање на руската морнарица од интервенирањето на Москва во сирискиот конфликт во 2015 година. Од друга страна, Русија ја обвинува Америка дека го јакне своето воено присуство на Блискиот Исток, во пресрет на најавената офанзива на силите на сирискиот претседател и руски сојузник, Башар ал Асад, врз провинцијата Идлиб, која е и последно упориште на т.н. бунтовници. Американците тврдат дека обвинувањата за јакнење на нивното воено присуство на Блискиот Исток се руска пропаганда, додека Русите ги обвинуваат дека бараат изговор за нова интервенција во Сирија. Трамп на Твитер ги предупреди Асад, Русите и Иранците дека ќе направат „сериозна хуманитарна грешка“ и дека ќе предизвикаат „голема човечка трагедија“ ако решат да го нападнат Идлиб, додека Стејт департментот се закани со интервенција ако има хемиски напади. Претходно, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров го предупреди Вашингтон „да не си игра со оган“ во Сирија.

Дека односите меѓу Русија и Западот не се сјајни и покрај средбата меѓу Трамп и Путин сведочат и најавените воени маневри, кои веќе ја добија оцената за „најголеми“ досега. Прва воени вежби ќе одржи Русија и тоа во Сибир и на Далечниот Исток, кои се сметаат за најголеми од падот на Советскиот Сојуз. Во вежбите „Восток-2018“ првпат ќе учествува и Кина. Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу нагласи дека вежбите што се одржуваат месецов ќе бидат најголеми уште од времето на вежбите во 1981 година, во кои според документите на ЦИА учествувале 150.000 војници. Вежбите, тврди Русија, исто како што вообичаено тврди и Западот, не се насочени кон некој конкретен ривал, туку имаат цел да ги зајакнат партнерството меѓу учесниците и капацитетите за заеднички реакции на секакви можни закани. Сепак, Москва претходно порача дека новите воени технологии што ги обелодени Путин ја прават одбраната на НАТО „бескорисна“.

Конечно, за да не биде дека само Русија ќе одржува најголеми вежби, и НАТО наредниот месец во Норвешка ќе одржи „една од најголемите вежби во изминатите години“, во која ќе учествуваат над 40.000 војници, околу 10.000 возила и тенкови, 130 авиони и 70 брода. Повторно, официјално, вежбите не се насочени конкретно против Русија, но се посочува дека нивната цел е да се вежба сценарио од членот 5 од договорот за НАТО, односно колективната самоодбрана. Од Алијансата посочија дека за вежбите веќе е известена Русија.

Трите случаи покажуваат дека светот не може да се надева на позатоплени односи по летните лидерски средби. САД во моментот имаат претседател што ужива да објавува запаливи твитови против ривалите, а потоа веќе наредниот ден радикално да ги менува позициите. Другите светски лидери досега главно чекаа да видат што ќе твитне Трамп за потоа да реагираат на неговите тиради. Приврзаниците на Трамп тврдат дека играњето топло-ладно со Русите, Севернокорејците, Иранците и со другите ривали, но и сојузници, всушност е дел од неговата умешност да склучува договори и дека зад редот закани и пофалби всушност се крие конзистентна стратегија од која најголема полза би требало да извлече Америка. Ако во тој процес изгорат многу наднационални институции, организации, договори и сојузи (ОН, НАТО, СТО, климатски договор, ирански договор, итн.) тогаш нека горат зашто и онака се „катастрофални“ за интересите на САД, барем според Трамп и неговите приврзаници.

За противниците на актуелниот претседател на САД веќе е јасно какви штети направил тој на домашен и на меѓународен план и затоа уште отсега треба да се размислува и да се планира што ќе се прави во „ерата по Трамп“. На геополитички план, требало да се преиспитаат односите меѓу големите сили и да се бараат далекосежни решенија. Според нив, има повеќе прашања на кои уште сега треба да се бараат конкретни одговори. На пример, дали САД треба да ги остават Европа и Азија да тргнат по свој пат? Дали САД и нивните сојузници во НАТО треба да ги јакнат регионалните партнерства и да создаваат нови за да го ограничат влијанието на Русија и на Кина? Дали САД треба да се обидат да создадат раздор меѓу Кина и Русија со тоа што најдат компромис за Украина и ќе промовираат некаква безбедносна архитектура меѓу Европа и Русија? Стратегијата, според нив, не треба да се сведува само на краткорочни идеи како „спасување на НАТО“ или на „либералниот поредок“ туку на далекосежните односи во светот, кои се посакувани или реални во наредните децении и кои во идеални услови би значеле што помалку војни.

Ова се само некои од прашањата што ги мачат западните политичари, аналитичари и медиуми. Од самиот начин на нивно размислување може да се види дека во далекосежните стратегии на големите сили, помалите земји секогаш имаат второстепено значење и се дел од некаков поширок план. Така, некои помали земји понекогаш може да се вклопат во интересите на суперсилите и да извлечат корист од нив, ама и многу брзо може да бидат жртвувани за компромис со некоја друга голема сила. Ова можеби и не е ново, но е вредно да се посочи додека се подготвуваме да излеземе (или да не излеземе) на референдумот, за кој неговите приврзаници тврдат дека би требало да нѐ приклучи кон глобалните геополитички текови. Во таков случај битно е да се види какви се тие и каде водат. Едно е сигурно во целата ситуација, а тоа е дека летната надеж за помирен свет полека води кон есенски тензии, во кои дијалогот повторно им го отстапува местото на заканите.