На граѓаните им здодеаја несаканите туристички разгледи на Скопје

Периодов во Скопје никаде не се стигнува брзо, особено ако се избере солуцијата јавен транспорт, а тоа на граѓаните им троши многу време од нивниот живот. Тие имаат трпение за сите овие градежни зафати, бидејќи речиси сите и без исклучок сакаме асфалтирани улици, без дупки во асфалтот. Но никој навистина, ама баш никој, токму поради долгите реконструкции, не сака по еден час да патува до својата населба на враќање од работа, ниту пак тоа го прави среќен кога треба наутро навреме да стигне и да не задоцни каде и да тргнал

Цело лето ништо не се случуваше, ниту една сообраќајница не се закрпи, а камоли да се реконструира. И сега наеднаш неколку главни сообраќајни артерии во Скопје се реконструираат и подновуваат со нов асфалт. Завршија реконструкцијата и делатацијата на мостот „Гоце Делчев“, за волја на вистината во рекордно време заврши реконструкцијата на коловозот на дел од булеварот Крсте Мисирков на Бит-пазар, но за скопјани бескрајно долго се асфалтира булеварот Кочо Рацин. Пред два дена градот и општината Аеродром почнаа нова реконструкција, сега на улицата 23 Октомври, со поранешно име Владимир Комаров, а тоа дополнително ги вознемири скопјани, кои сега очекуваат нов сообраќаен метеж. Периодов во Скопје никаде не се стигнува брзо, особено ако се избере солуцијата јавен транспорт, а тоа им троши на граѓаните многу време од нивниот живот. Тие имаат трпение за сите овие градежни зафати, бидејќи речиси сите и без исклучок сакаме асфалтирани улици, без дупки во асфалтот. Но никој навистина, ама баш никој, токму поради долгите реконструкции, не сака по еден час да патува до својата населба на враќање од работа, ниту, пак, тоа го прави среќен кога треба наутро навреме да стигне и да не задоцни каде и да тргнал. Кошмар имаа сите оние што месецов користат јавен градски превоз, бидејќи токму поради многуте реконструкции на сообраќајници се возат со автобуси што сообраќаат по изменети и долги траси низ градов.

Иако е август, месец кога најголем дел граѓани се на своите годишни одмори и период кога се чинеше дека градов е најпразен, токму поради непроодните сообраќајници се чини дека е најполн со луѓе, бидејќи токму сега улиците се затнати од автомобили и автобуси. Никој повеќе не може да запамети кој автобус каде вози, по која видоизменета траса, а токму тоа за граѓаните стана и најголем градски проблем. Трасите по кои возат ги оддалечија постојките на одредени линии, поради што граѓаните се изнаодеа пеш за да стигнат од една до друга автобуска линија, се разбира прашувајќи каде, на која постојка кој автобус стои.

Всушност, некои беа неинформирани или збунети затоа што постојано имаше информации за пренасочен сообраќај ваму, пренасочен сообраќај таму. Како да не беше доволно што автобусите се преполни, особено во деновите кога право на бесплатен превоз имаат пензионерите, сега само недостигаше да возат по заобиколен пат. Токму поради тоа на овие летни горештини никој не можеше брзо да стигне до дома. Во четвртокот многумина што патуваат со автобуските линии што сообраќаат преку Бит-пазар и булеварот Крсте Мисирков мораа да патуваат преку Автокоманда, односно заобиколно, преку Скопски саем и кружниот тек, за да стигнат до Чаир или Радишани. Сакале или не, мораше така, бидејќи се асфалтираше кај Судска палата, а ЈСП уредно ги информира граѓаните. Некои знаеја, некои не знаеја каде вози нивниот автобус, а сите заедно беа нервозни и лути што останаа заглавени во колоната што чекаше на семафорот кај Скопски саем. Во автобусите имаше нервозни и уморни патници, бидејќи воопшто не им беше до туристички разглед на Скопје. За тоа секако служи отворениот двокатен автобус, кој го користат туристите. Но луѓето што секој ден се возат со јавниот градски превоз не се туристи. Тие се сметаат за заробеници на својот град, заробеници во сообраќајни долги колони од возила, од кои тешко или никако не можат да излезат во одредени периоди од денот. Такви се постојано коментарите што се слушаат во јавниот градски превоз.

Многумина со автобускиот превоз не можеа да се снајдат и во петокот, бидејќи во утринските часови се најдоа затечени кога нивниот автобус поради протест на поранешни вработени во ОХИС, наместо по Димитрие Чуповски, продолжи по улицата 11 Октомври и потоа бавно се движеше до ТЦ „Рамстор“ и крстосницата кај зградата на НИП. Патувањето по подолгиот пат не е само трошење време и нерви, туку и вистинско измачување, бидејќи автобусите се преполни со патници, кои се задушуваат на овие високи надворешни температури, особено кога не функционираат клима-уредите.

Но дали некој мисли на сето ова што го доживуваат граѓаните? Водат ли сметка градските власти за тоа дека овој град и онака претешко функционира со сиот сообраќаен метеж што постојано го има, а згора на сѐ, пак, едновремено да асфалтираат неколку главни сообраќајници? Зарем не ќе беше подобро една по една реконструкција да се завршува секој викенд, за да се избегне сиот овој градски метеж во работните денови? И дали можеби институциите треба поинаку да реагираат во период кога се прават вакви реконструкции истовремено да нема и протести? Проблемот на поранешните вработени од ОХИС не е од вчера и не е првпат тие да протестираат, секако треба и имаат право да си ги бараат неисплатените плати, но тоа барем да не беше сега, во сиот овој сообраќаен хаос.

Само да не биде полошо, шепотат скопјани, бидејќи стравуваат поради тоа што градежните машини сѐ уште се на скопските улици. На нив сѐ уште се работи, а месецов привршува и наскоро ќе биде 1 септември. Тогаш ќе започне учебната година, ќе се вратат учениците и повеќемина од годишен одмор. Само тогаш да нема вакви брканици по улиците и да не дојде до уште поголем сообраќаен колапс. Тогаш сите ќе колабираме, и градот и ние граѓаните. Дури тогаш никој не ќе знае како ќе функционира животот во градов. Затоа уште сега сериозно да се размисли како до пофункционален град, до што пофункционален јавен транспорт, бидејќи на сите веќе им е доста од секојдневно разгледување на градот. Скопјани повеќе би сакале функционален град тука, а туристички разглед на некои други далечни дестинации.