На Балканот станува премногу жешко

Не еднаш беше речено дека од способноста на државите да ги доведат докрај процесите на меѓусебни усогласувања и надминувања на конфликтите ќе зависат и оцените за нивната функционалност и способност за преживување. Она што никогаш не беше кажано директно е дека доколку оцените се лоши, некои од нив би можеле да послужат како парички за поткусурување помеѓу оние што ќе покажат повеќе способност за приспособување и самоодржување во системот, во кој, за жал, исто како и во природата, сѐ уште преживуваат само посилните

Климатските промени на Балканот ќе резултираат со годишен пораст на температурата од 1,7 Целзиусов степен, а до средината на овој век, просечната температура ќе се зголеми дури за пет степени. Ваквата прогноза неодамна ја објави Советот за регионална соработка (РСС), кој во опсежна студија анализира две сценарија. Првото сценарио се темели на претпоставено стабилизирање на емисиите на стакленички гасови и на намалување на емисиите по 2040 година, во согласност со одредбите од Парискиот договор за климатски промени, на други обврски од различни меѓународни конвенции и на плановите во националните стратегии, за чие спроведување, се разбира доколку воопшто постојат, се потребни многу пари. Второто сценарио е сценарио во случај да не се преземе ниту една од горенаведените мерки и препораки за заштита на климата. Она што е најважно е дека експертите што учествувале во изработката на студијата сметаат оти во случај на двете сценарија, очекувањата воопшто не се охрабрувачки. Напротив, дури се по малку и застрашувачки.

Ништо помалку застрашувачки не се ниту информациите дека некои земји-членки на ЕУ имаат план да отворат приемни центри за мигранти во земјите од Западен Балкан, како што го нарекуваат. Во речиси тајни разговори, кои, според европските медиуми, се предводени од Австрија, поточно од премиерот Себастијан Курц, се споменуваат Албанија, Србија, Косово и Македонија. Наводно, веќе се преговара со властите во некои од балканските земји за изградба на кампови во кои ќе бидат сместени протерани илегални имигранти од земјите на Западна Европа. Регионалните аналитичари оценуваат дека ниту една од земјите не ќе може да го издржи притисокот и дека проблемот само ќе се прелева преку границите. Таквиот „сигнал на очајни времиња“, како што го нарекоа некои европски аналитичари, според кои, патем, сето тоа од корен е погрешно, покажува што сѐ се подготвени одделни земји да стават на преговарачката маса. А во изминатиов период се преговараше и сѐ уште се преговара за многу нешта, не само за надминувањето на спорот помеѓу Македонија и Грција, за признавањето на Македонската православна црква од страна на православниот свет или за реализацијата на Договорот за добрососедство со Бугарија. Се преговара, како што е познато, помеѓу Белград и Приштина. За наредниот викенд е најавена нова рунда преговори во Брисел, и тоа под сѐ поголем притисок целиот процес да заврши до крајот на оваа година. Дури и по цена да се смени форматот на преговорите. Можеби помалку е познато дека се преговара и помеѓу Атина и Тирана, околу поморската граница во Јонско Море. Договорот веќе беше постигнат во 2009 година, но Уставниот суд на Албанија го поништи, бидејќи опозицијата докажа дека Албанија со него загубила голем дел од територијалните води. Минатиот месец повторно беа отворени преговорите, на прелиминарниот состанок во Тирана.

Освен што на Балканот, поради климатските промени, температурата сериозно се вжештува, наводно, веќе се преговара со властите во некои од балканските земји за изградба на кампови во кои ќе бидат сместени протерани илегални имигранти од земјите на Западна Европа. Таквиот „сигнал на очајни времиња“, како што го нарекоа некои европски аналитичари, според кои, патем, сето тоа од корен е погрешно, покажува што сѐ се подготвени одделни земји да стават на преговарачката маса.
А во изминатиов период се преговараше
и сѐ уште се преговара за многу нешта

Последните информации говорат дека Тирана и Атина ги привршуваат преговорите за надминување на проблемите стари речиси 70 години. Оваа оцена на албанските институции ја пренесуваат албанските медиуми, кои нагласуваат дека претседателот на државата Илир Мета и премиерот Еди Рама на својата последна средба имале идентични ставови за позицијата на Албанија во преговорите. Албанското раководство оценило дека долгите преговори на Тирана со Атина за утврдувањето на морската граница, укинувањето на законот за војна помеѓу Грција и Албанија од страна на Атина, позицијата на грчкото малцинство во Албанија, но и за прашањето на Чамите во Грција, дале плод и дека конечно може да се потпише „историскиот договор“ за склучување мир помеѓу двете земји.
Толку за споровите со и во непосредното соседство, кои заедно со оние што сѐ уште се отворени помеѓу погорните бившојугословенски држави, веќе предолго време, по принципот на споени садови, ги држат во заложништво целиот регион и неколку негови генерации, при што сите се под силен притисок конечно да ги затворат отворените прашања.

Од позиција на просечен бирократ од Вашингтон или Брисел, сите тие сложени релации се тешко разбирливи, така што навистина е нереално да се очекува тие да понудат јасни и детални решенија за надминување на кој и да е од споменатите и неспоменатите конфликти на Балканот. Решението за нив постои само како пакет за кој имаат тешкотии дури и географски да го лоцираат, широка рамка, но, сепак, недоволно широка за и понатаму да ги собира сите проблеми што постојано продуцираат нови конфликти и го замаглуваат патот на овие земји кон евроатлантските интеграции. Не еднаш беше речено дека од способноста на државите да ги доведат докрај процесите на меѓусебни усогласувања и надминувања на конфликтите ќе зависат и оцените за нивната функционалност и способност за преживување. Она што никогаш директно не беше кажано е дека доколку оцените се лоши, некои од нив би можеле да послужат како парички за поткусурување помеѓу оние што ќе покажат повеќе способност за приспособување и самоодржување во системот, во кој, за жал, исто како и во природата, сѐ уште преживуваат само посилните.