Најостра осуда на вандализмот

Без оглед на сите моментални збиднувања со Бугарија и блокадата на македонските евроинтеграции, омаловажувањето на знамето на соседот е крајно недозволиво и сторителите во најкраток можен рок треба да бидат откриени и казнети. Во Бугарија многу добро знаат дека од другата страна на границата живее пријателски и кроток народ, со своја посебност, автентичност, со свој јазик, своја култура, своја богата историја и славно минато. Македонски народ што никогаш немал зли намери кон нив или кон некој друг. Токму во таа насока треба и тие да се заложат за да се отвори патот на Македонија кон ЕУ, со што ќе се намалат и тензиите и нетрпеливоста кај граѓаните

На ова мало парче земја во срцето на Балканот отсекогаш живеел кроток народ што никогаш не ги гледал своите соседи како непријатели, туку пред сè како луѓе со кои заеднички треба да се гради иднина и заеднички со нив да живее во мир и хармонија.
Такви пораки од Македонија се испраќале уште пред сто и повеќе години, а ќе продолжат да се испраќаат и понатаму, без оглед на сите премрежиња и неправди што ги претрпел овој народ низ историјата.
Во таа насока, неодамнешниот настан во Битола кога непознати вандали го симнале бугарското државно знаме од тамошниот конзулат заслужува најостра осуда. Не треба да има воопшто сомнение дека мнозинството македонски граѓани на овој вандалски чин гледаат како на кукавичлук, преку кој се деградираат сопствената држава и нација. Без оглед на сите моментални збиднувања со Бугарија и блокадата на македонските евроинтеграции, омаловажувањето на знамето на соседот е крајно недозволиво и сторителите во најкраток можен рок треба да бидат откриени и казнети. Да се разбереме, тоа не се никакви патриоти, туку луѓе што го поткопуваат македонскиот углед и им прават штета на сопствената држава и на сопствениот народ.
Тоа се луѓе што можеби никогаш не слушнале за Крушевскиот манифест, напишани пред речиси 120 години, во кој јасно се нагласува дека на македонскиот народ не му се туѓи ничија вера, пол, народност или убедувања, туку сите ги прифаќа во заедничките заложби за остварување на универзалните права и слободи.
Многупати досега низ историјата македонскиот народ покажал широка душа и срце.
Својата толерантност и мирољубивост ги покажавме и во време кога Грција воведуваше ембарга и блокираше секаков развој на Македонија. Дури и во време на такви уцени и омаловажувања, македонските граѓани не го доживуваа грчкиот народ како свој непријател, напротив, државата ги отвори вратите за грчките инвестиции, а Македонците продолжуваа летните одмори да ги поминуваат на тамошните плажи, оставајќи илјадници евра.
Слична беше ситуацијата и со Косово, кога земјава во една вечер прими и згрижи речиси половина милион бегалци. Истото тоа сега го прави и со бегалците од Авганистан, иако многу поголеми и побогати држави одбиваат да им помогнат на овие луѓе во неволја.
Затоа и не смее да се дозволи поради изолирани инциденти како овој во Битола да се жигосува цел еден народ, кој никому никогаш ниту зло му помислил, а уште помалку му направил.

Вандализмот не е средство за постигнување некакви патриотски цели, а уште помалку кога тој вандализам е насочен против други држави, против првите соседи, кои, без оглед дали имаме некои спорови и нерешени прашања, повторно се тие до кои живееме и со кои делиме и добро и зло. Зашто патриотизмот не се изразува со омаловажување и сквернавење на симболите на туѓа земја, туку со замено прифаќање и почитување, што е одраз на кроткоста, добродушноста и солидарноста на овој народ.
Од тие причини, без разлика што актуелните антагонизми со соседна Бугарија создаваат тензии кај граѓаните, кај некои и лутина и гнев, нема никакво оправдување за инцидентот со сквернавењето на знамето како државен симбол на источниот сосед. Безрезервното и граѓанско и институционално неодобрување на ваквиот чин ќе биде показател дека тоа било само еден изолиран инцидент, а со енергичната осуда ќе демонстрираме висока доблест, етика и морал кон националните белези и чувства на различните народи, култура, историја…
Тоа е патот за вистинско зближување меѓу народите, преку соработка, почит, меѓусебно помагање, оти во овие темни времиња што се надвиснале над светот, никој нема да ни помогне ако не се држиме заедно и во добро и во лошо.
Затоа палењето знамиња, оштетувањето споменици, расфрлањето со навреди и слично не му носат никому добро и треба сите да го осудуваат тоа и да следува соодветна казна без оглед за кого станува збор, со што ваквите епизоди целосно ќе ги снема во иднина.
Едно е јасно, љубовта кон својата земја не се изразува со омаловажување и сквернавење на симболите на туѓа земја, туку со нивно прифаќање и почитување. Токму во тоа се гледа големината на еден народ, да ги почитува сите, нивните обележја, култура, историја, вредности, со што и самиот тој народ уште повеќе се издига на скалата на модерни демократски општества. Македонскиот народ никогаш не бил конфликтен и не покажал омраза кон никого дури и кога не му мислеле добро, туку секогаш се обидувал да живее во хармонија со сите, а тоа се обидува да го прави и сега.

Во Бугарија многу добро знаат дека од другата страна на границата живее пријателски и кроток народ, со своја посебност, автентичност, со свој јазик, своја култура, своја богата историја и славно минато, македонски народ што никогаш немал зли намери кон нив или кон некој друг, па затоа и го прифатија објаснувањето од македонското МНР за вандалскиот чин во Битола.
Бугарија во повеќе наврати потсети дека сака земјава да влезе во ЕУ. Токму во таа насока треба и тие да се заложат за да се отвори патот на Македонија кон ЕУ, со што ќе се намалат и тензиите и нетрпеливоста кај граѓаните.