Најважната жичка на претседателскиот кандидат

Во актуелните политички состојби, на често изиграни и изневерени очекувања од политичарите, генерално верувам и дека единствено со здрава, конкурентна, чесна и фер понуда на стручни и неизвалкани кандидати може да се врати и вербата на граѓаните во политиката и во политичарите. Па, ајде, да видиме имаме ли такви кандидати

Од каде да почнам?! Толку многу работи излегоа и излегуваат на виделина деновиве што е навистина тешко што поправо да одберете за анализа. Дали да се фокусирате на глобалната политика и, да речеме, случувањата во Венецуела (види чудо, и таму сега нудат амнестија за власт), пактот меѓу Германија и Франција, оставките на американските политичари и најавите за сѐ поизвесниот импичмент за Трамп, или на домашните и регионалните настани, како на пример ратификацијата на спогодбата од Преспа во Грција, протестите што му претходеа на овој чин, палењето на македонското знаме, говорите во грчкиот парламент итн. Околу договорот од Преспа, што, секако, побудува и најголемо внимание во домашната јавност, мене на пример највпечатлива ми беше пораката на лидерот на опозицијата Кирјакос Мицотакис дека Грција го задржува правото на вето во која било фаза на патот на Македонија кон ЕУ.

Со други зборови, тоа практично значи дека нашиот јужен сосед договорот од Преспа го гледа во целост спротивно од она како го гледа нашата влада.

Иако ги сменивме името и Уставот, спроведовме амнестија и се направи каша-попара и од домашниот правен систем и од меѓународното право, тоа нема да важи за ЕУ. Односно спогодбата нема никаква употреба вредност на патот кон ЕУ.

На тој пат Грција ни подготвува уште многу сопки, односно, како што јасно порача Мицотакис, ќе има уште вета. Можеби сѐ додека не отпадне и зборот Македонија од нашето име и остане само Северна. И додека домашните и странските политичари го очекуваат и поздравуваат, како што велат, историскиот ден и последниот чин на ратификација на договорот, што ќе значи затворање на еден повеќедецениски спор, ме јаде јанѕа да не биде ова само почеток на нов, уште поголем билатерален, но и меѓународен спор.

Зошто ништо што е дојдено насила и по пат на притисок или уцена не може да ги издржи ниту тестот на времето ниту тестот на демократијата и на меѓународното право.
Се покажало тоа многупати низ историјата, со мноштво „историски договори“, кои потоа доживеале фијаско. Да не одиме подалеку, доволен е само примерот со Дејтонскиот договор, опашките и проблемите што се влечат и по толку години од неговото постигнување.

И сега да се вратам на домашните случувања и сѐ позасилената кампања околу идните претседателски односно можните предвремени парламентарни избори. Во јавноста веќе излегуваат првите имиња на можни кандидати за шеф на државата и истовремено партиските кујни лиферуваат и свои критериуми што треба да ги исполнат можните кандидати. Па, така, се споменуваат партискиот стаж, поддршката од базата, наклонетоста на лидерот, но се оди и дотаму што се копа и по фамилијарните корени, се бара некаква етничка жичка, односно дали кандидатот потекнува од чисто крвно семејство или е мелез од мешан брак итн.
Ако има етничка жичка или мешана крв, би бил погоден за консензуален кандидат, толкуваат одредени партиски кујни?!

Такви небулози и будалаштини се изнаслушавме и изначитавме деновиве што за држава со повеќедецениска традиција на мултикултурност и мирен соживот е просто незамисливо.
На моменти добивам впечаток дека можеби промовирањето на двојазичноста ја потхранува и засилува таа поларизација во општеството и става акцент на етничката припадност и етничката жичка наместо на заедничкиот соживот, почитување и толеранција. Па, потоа остануваме шокирани кога од судница доаѓаат сведочења и изјави од типот: „Ти си наша, може лесно да поминеш, ама на тој кауринот ќе му ја расплачеме фамилијата“.

Но да се вратам на изборите и можните кандидати. Имаше изјави и дека сега е важно да сме избереле претседател со кредибилитет и интегритет, како досега демек било сеедно итн.

Во таа насока, во оваа сѐ уште рана фаза на селекција и кандидирање и на претседателски, но и на други кандидати за носители на одговорни државни функции, ќе посочам одредени критериуми што ретко кој ги споменува, иако сметам дека токму тие се пресудни и над сите други. Или, со други зборови, која е најважната жичка што треба да ја има секој кандидат за висока државна функција.
Без разлика на етничкото потекло, дали е Македонец, Албанец, Србин, Ром или Влав, и независно од која политичка провениенција доаѓа, на прво место секогаш мора да биде професионалното портфолио. Тоа значи да има беспрекорно чисто, квалитетно и богато професионално досие, да е признаен, ценет и докажан професионалец во својата област, без дамки во животот и во кариерата. Македонскиот кандидат за претседател или друга висока државна функција не смее да ги дели луѓето по каква било основа, ниту пак да им служи на одредени политички или бизнис-центри на моќ. Неопходно е безусловно да ја сака својата татковина, и тоа да го има докажано во практиката, секогаш да држи до дадениот збор и да не прифаќа какви било компромиси на штета на своите граѓани и својата држава.

Ова со патриотизмот и сакањето на сопствената татковина како рецепт се применува најчесто во САД, каде што мноштво политичари пред да стапат на функцијата ја докажале својата посветеност кон татковината. Тој што не е подготвен да се жртвува за доброто на татковината, не заслужува каква било функција. За жал, кај нас на политиката и функциите се гледа како на единствена и неповторлива шанса за богатење и привилегии, која не смее да се пропушти.

И, конечно, кандидатот треба да понуди реална и остварлива програма, визија за развојот на државата, која ќе се темели пред сѐ на стручна анализа и ќе биде насочена кон благосостојба на сите граѓани, интензивен економски пораст и развој. Економијата можеби не е во надлежност на претседателот на државата, но таткото на нацијата, секако, не може да се изземе од прашањата што живот значат, иако пораките се главно генерални и се однесуваат на сите претенденти за високи државни функции. Кога ваквиот кандидат или кандидати ќе се појават, уверен сум дека граѓаните веднаш ќе го препознаат тоа.

Во актуелните политички состојби, на често изиграни и изневерени очекувања од политичарите, генерално верувам и дека единствено така, со здрава, конкурентна, чесна и фер понуда на стручни и неизвалкани кандидати, може да се врати и вербата на граѓаните и во политиката и во политичарите. Па, ајде, да видиме имаме ли такви кандидати.

ж