Нашите соседи не можат против својата природа, колку и да се воздржуваат

Дали договорите за балканско пријателство можат да бидат гаранција за европска перспектива и европско однесување, пред сѐ кај оние што и формално се дел од клубот на земји наречен Европска Унија… Сепак, треба да се има на ум дека балканските стереотипи (читај: сѐ уште актуелни шаблони) водат кон судбината
на жабата и скорпијата

Старите басни и приказни не губат на актуелност и во новово време кога доминантен извор за едукација и информирање е интернетот, т.е. социјалните мрежи. Една од причините за овој феномен на старите форми за пренесување на животните мудрости може да се толкува и со навиката на генерациите низ историјата да ја слушаат приказната, но да го изгубат трпението да ја слушнат поуката од нив. Таква популарна интернет-басна е онаа за жабата и скорпијата, кои требало заедно да поминат некое езеро. Скорпијата ѝ предложила на жабата заедно да го минат езерото, така што жабата ќе ја пренесе на нејзиниот грб. Навистина, ниту жабата не била толку наивна, па ѝ одговорила на скорпијата дека предлогот не ѝ е соодветен, зашто знае дека ќе ја убие со нејзиниот отров. Тогаш скорпијата како форма на убедување ја употребила логиката дека таквата постапка воопшто не е во нејзин интерес, зашто тогаш двете би се удавиле во езерото. Таквата аргументација на скорпијата ѝ звучела како доволна гаранција на жабата, па го прифатила предлогот. И токму кога требало да го препливаат езерото, скорпијата сепак го испуштила својот отров во жабата. Пред да се удават заедно, жабата ја прашала зошто сепак го сторила тоа што се договориле дека нема да го направи скорпијата. „Затоа што не можам да ја победам мојата природа, колку и да се воздржувам“, покајнички одговорила скорпијата.

Инаку, басната е литературна форма, во која човековите општествени релации и искуства се интерпретирани преку ликови од животинскиот свет. Тоа значи дека ситуацијата на скорпијата и жабата е таква што (по)често се повторува како стереотип како во меѓусебните човечки релации, а особено во политичката практика, од онаа најниско до онаа на највисоко ниво. Таквите стереотипи во политичкото однесување постојано го одржуваат предизвикот – како да се надминат предвидените ризици, односно постои ли (политичка) гаранција дека некоја од страните во договорот сепак нема да подлегне на „сопствената природа“, на штета на сите.

Во име на евроатлантската перспектива на земјата, која беше блокирана од соседните држави, македонската политичка елита се одлучи да влезе во ризикот да ги надмине балканските стереотипи во кои пријателството се гради според принципот на уценување. Или, едноставно кажано, пријателот што е во „неволја“ треба да ги прифати сите желби и услови на пријателот влезен во некаква „безбедна зона“. Навистина, на многумина таквото асиметрично пријателство им личи на однос меѓу победник и поразен, но според модерните согледувања на геополитиката и моделите за решавање меѓународни спорови – тоа е договор за добрососедство и соработка. И такви договори Македонија потпиша со Грција и со Бугарија, по што влезе во процедура за полноправно членство во НАТО (откако додаде географска одредница во историското име на државата), но се чини дека по секој чекор за приближување на Македонија кон ЕУ, Унијата се оддалечува за три чекори понатаму. Во меѓувреме, соседите ги користат сите права на „добрососедството“, па на цел глас ја наметнуваат својата „басна“, убедувајќи милостиво дека нема потреба од расправии, само треба да биде по нивно. Во актуелната епизода на македонскиот пат за да се дофати европерспективата, како пријател со „добрососедски овластувања“ да ја наметне својата „вистина“ мошне активна се јавува Бугарија. Ако без договорот за добрососедство, стереотипот на Бугарија за „Македонците како онесвестени Бугари“ можеше да се доживее како провокација, по ратификуваното пријателство – мора да се прифати како безусловен ултиматум. Навидум рамноправната мешана македонско-бугарска експертска комисија, од историско-образовен карактер, предвидена токму со договорот за добрососедство, од бугарска страна се користи за наметнување на историските бугарски фрустрации поврзани со македонизмот и македонското прашање. Почнувајќи од бугарскиот премиер, преку министри во неговата влада, европратеници, бивши функционери и секакви бугарски експерти за македонското прашање, кои двосмислено ја поддржуваат македонската европерспектива, но само преку признавање на бугарската „вистина“ за македонската историја. Во спротивно, ќе ги искористат сите привилегии на асиметричното пријателство… Серијата за балканските стереотипи со дипломатски искажаните уцени веројатно долго ќе се прикажува во Македонија.

И повторно се наметнува прашањето дали некој на Балканот ги дослушува поуките од басните. Односно, дали договорите за балканско пријателство можат да бидат гаранција за европска перспектива и европско однесување, пред сѐ кај оние што и формално се дел од клубот на земји наречен Европска Унија… Зашто балканските стереотипи, поточно кажано балканските сѐ уште актуелни матрици и шаблони на размислување и однесување, водат кон судбината на жабата и скорпијата.