Напред Македонија!

Во моментов не може со сигурност да се предвиди какви вести ќе добиеме следната недела од Советот на ЕУ. Што и да се случи, сонцето повторно ќе продолжи да грее. Затоа без разлика на пораката од Брисел, без обесхрабрување и енергично како на стадион нека одекне гордо од сите страни „Напред Македонија“. И веднаш потоа да се фатиме за работа и реформи, во интерес на граѓаните и државата

Со умерен оптимизам и со доза песимизам Македонија го очекува самитот на Европската Унија, на кој уште еднаш, којзнае по кој пат, ќе се расправа за нејзината европска иднина.
Како што стојат засега работите, Софија останува цврста на ставовите дека не може да ја одобри преговарачката рамка во сегашната форма (што и да значи тоа).
Но настрана ретроградните позиции и пораки што постојано стигаат од Софија дека позицијата во однос на Македонија им е непроменета, премиерот Заев, вицепремиерот Димитров и шефот на дипломатијата Османи сепак отидоа во Софија во последен момент да се обидат да ги убедат бугарските власти да не го блокираат почетокот на пристапните преговори бидејќи со тоа, како што кажува и самиот Борисов, ќе се направи непоправлива штета и наместо приближување меѓу двата народа, тие уште повеќе ќе се оддалечат.

Мисијата на македонското трио е во ред, но веројатно недостигаше и поголема мобилизација на сите сили во насока на лобирање за почеток на преговорите. Тука се мисли на сите политичари во земјава, и од власта и од опозицијата, кои наместо да бараат начини како да ги промовираат македонските позиции во Европа, тие тераа кампања за локални избори, оти очигледно локалната власт им се гледа подофатлива отколку започнување преговори со ЕУ.

Притоа и опозицијата мора да одигра конструктивна улога кога станува збор за државните интереси, па наместо протести, во овој момент можеше поактивно да се вклучи во лобирањето кај сестринските партии да помогнат да се одблокира евроинтегративниот процес. Залудно е постојано да ги повикуваат Османи и Димитров да им реферираат што се разговара со Бугарија, кога дури и да им ја кажат вистината, повторно нема да им веруваат оти недовербата во општеството стигна до највисоко ниво. Луѓето од истите тие сестрински партии многу добро знаат кој ја кочи нашата евроинтеграција, така што вистината за Македонија и позициите на нашата земја треба да се шири и во таа насока. Или со други зборови, сите, и власта и опозицијата, да ги искористат сите можни дипломатски и политичко-партиски канали преку кои ќе се бара поддршка за европската интеграција на земјата.

Тоа би било големината на политичарите, да го надминат партискиот интерес кога станува збор за државните интереси. Но, за жал, кај нас се размислува поинаку, поточно без оглед кој и да е на власт или во опозиција, ќе гледа што повеќе да ја опструира политичкиот противник. И тоа е така 30 години, па затоа крајно време е за целосен ресет на приодот и практикувањето на политиката и однесувањето.
Најдобар урнек е македонската фудбалска репрезентација, која во вистинска смисла ја отсликува државата и која по три децении се пласира и игра на Европско првенство.

Но неа низ годините ја бодреа сите македонски граѓани, без оглед на партиската припадност, на кои им е мила земјата и кои сакаат таа да постигнува успеси, па секогаш трибините експлодираат со искрена љубов, емоции и скандирања за Македонија низ целиот стадион. Тогаш веројатно дека нема човек што ќе останеше рамнодушен на сета таа сплотена енергија што им даваше сила на фудбалерите конечно да дојдат онаму каде што сонуваа долги години.

Таква сплотеност ни е потребна сега, да се искористат сите капацитети во државата и било преку тајна, било преку јавна и каква ли не дипломатија да се испрати пораката дека Македонија ги почитува сите европски вредности и ги исполнува сите барани критериуми, но дека за возврат бара да ѝ се дозволи она што е карактеристика на секоја европска држава, односно правото на сопствен национален идентитет, јазична посебност, своја историја, култура итн.

Дипломатијата може да си наоѓа начини и канали да ги решава проблемите, но без притоа да се загрозуваат или доведуваат во прашање идентитетските обележја и посебноста на македонскиот јазик, народ и држава.

Во моментов не може со сигурност да се предвиди какви вести ќе добиеме следната недела од Советот на ЕУ и на крајот од краиштата и не е тоа од пресудно значење, оти веќе сите како нација отрпнавме на разочарувањата што ни ги приредува Европа три децении. Што и да се случи, сонцето повторно ќе продолжи да грее, два-три дена партиите ќе се критикуваат кој бил поспособен, кој потфрлил и толку. Потоа ќе дојдат одморите, па ќе се сврти муабетот и на таа тема итн. Но она што е значајно како порака и поука за сите е здраво фаќање за работа во сите сегменти. Потребни се реформи во сите сфери, најмногу во правосудството бидејќи владеењето на правото ќе биде едно од најглавните поглавја. Тоа треба да се сработи веднаш, да се тргне политиката од судството и да им се овозможи на експертите да направат вистинска реформа, која ќе понуди европско, неполитичко и независно судство во функција на граѓаните. Реформа е потребна и во образованието, но исто стручна и издржана, која во иднина ќе продуцира способни и учени кадри што ќе можат да одговорат на сите предизвици.

Веројатно една од клучните реформи ќе биде и како да се тргне политиката од сферите каде што не ѝ е место, туку да си остане во Собранието и во Владата, кои преку квалитетни закони треба да ја креираат европската иднина на земјава. Ако сето тоа го направиме во меѓувреме, и без преговори со ЕУ, тогаш кога некој сончев ден конечно ќе ги почнеме преговорите, ќе бидеме подготвени за сите поглавја и можеби побрзо ќе станеме полноправна членка за разлика од годините минати како земја-кандидат. Затоа без разлика каква порака ќе стигне од Брисел идната недела, без обесхрабрување и енергично како на стадион нека одекне од сите страни „Напред Македонија“. И веднаш потоа да се фатиме за работа и реформи, во интерес на граѓаните и државата.