Наместо криминалците, зад решетки се најдоа граѓаните

Скандалозен пример на нефункционална државна управа како дел од извршната власт чии актуелни и довчерашни функционери, замислете, беа на челото на колоната што маршираше за да го охрабри правосудството да воспостави правда. Дали сега судиите и обвинителите треба да излезат на марш за да побараат од Владата да си ги извршува основните функции, меѓу кои, секако, е и таа за навремено и ефикасно сервисирање на потребите на граѓаните и обезбедување услови за нивен легален престој и движење? Така некако стојат работите кога ќе се спореди функционирањето на извршната и на судската власт, што никако не значи обид за релативизирање на исклучително лошите оцени за состојбите во правосудството

Додека јавноста уште ги сумира импресиите од уникатниот протест на власта против сама себеси или, како што нејзините претставници милуваат да кажат, „чекорењето за правда“, што, најблаго речено, беше невешто спакуван дел од нејзината предизборна понуда, Јавното обвинителство ја отвори истрагата за наводниот недостиг од обрасци поради кој илјадници граѓани во изминативе неколку недели не се во можност да добијат патни исправи, а веројатно уште повеќебројни се оние што стравуваат дека наскоро ќе се најдат во истата ситуација. Згора на тоа, се насади и веста дека недостигаат и обрасци за сообраќајни дозволи. Скандалозен пример на нефункционална државна управа, како дел од извршната власт чии актуелни и довчерашни функционери, замислете, беа на челото на колоната што маршираше за да го охрабри правосудството да воспостави правда. Дали сега судиите и обвинителите треба да излезат на марш за да побараат од Владата да си ги извршува основните функции, меѓу кои, секако, е и таа за навремено и ефикасно сервисирање на потребите на граѓаните и обезбедување услови за нивен легален престој и движење?
Така некако стојат работите кога ќе се спореди функционирањето на извршната и на судската власт, што никако не значи обид за релативизирање на исклучително лошите оцени за состојбите во правосудството.

Што се однесува до извршната власт, Владата, и онаа довчерашна на СДСМ и на ДУИ, и оваа сегашната, збогатена со ВМРО-ДПМНЕ и наречена „пржинска“, доволно зборува самиот факт дека во мирновременски услови, во 21 век, на голема група граѓани им е ускратено правото на лични документи. Настрана што со тоа индиректно им се кршат основните слободи и права загарантирани и со Уставот и со меѓународните конвенции.

Настрана и тоа што луѓето се доведени во ситуација можеби и полоша од осомничените, обвинетите и осудените за тежок криминал, на кои, како што можеше да се слушне и да се види од веќе неброените аудио и видеоснимки, заради обезбедувањето парламентарна поддршка за владејачката коалиција, им се оставени или вратени на користење пасошите со кои непречено можат да заминат и никогаш да не се вратат за да се соочат со последиците. Тоа се ситуации што резултираат со нови фрустрации во општеството и емитуваат сосема погрешна порака – дека сите сме рамноправни, но некои се порамноправни, дури и кога не се сосема чисти. Слично на онаа кога граѓаните со месеци чекаат термин за лекарски преглед, а за некои ликови што се предмет на судска истрага или гонење секојдневно се обезбедуваат лекари, дури и кога веќе е очигледно дека со демек влошена здравствена состојба го одбегнуваат соочувањето со вистината. Така, освен обесправени и фрустрирани, добиваме и болни граѓани. Како што добивме и технички премиер, кој како министер за внатрешни работи изумил да организира набавка на обрасците за лични документи. Што сѐ би можел да заборави додека ја извршува премиерската функција, се разбира, само технички?

За правдата или за неправдата, власта дефинитивно чекори низ слепа улица, во која, за жал, веќе се наоѓа и поголемиот дел од опозицијата и од која тешко дека ќе излезе некој. Не затоа што еднакво се силни, туку зашто еднакво се слаби, така што и едните и другите, веројатно, излезот го гледаат во обидот да го спречат пролетниот бран на иселување, или барем на сезонско одење во странство на работа, и со тоа да си обезбедат евтина работна сила и, се разбира, доволно гласачи за претстојните
парламентарни избори

Но тоа не е сѐ. Власта си тера шега и со меѓународната заедница, пред сѐ со Европската Унија, на чии претставници упорно им ги сервира лагите дека ги исполнува основните функции на државата и дека државниот апарат може да се синхронизира и да се стави во функција дури и на поголем и посложен систем, каков што е тој на Унијата. Иронијата да биде поголема, ги уверуваат дури и дека правосудството е реформирано и дека се обезбедени владеењето на правото и правната држава. Кое право, кривоклетници едни? И за што марширавте?

За правдата или за неправдата, власта дефинитивно чекори низ слепа улица, во која, за жал, веќе се наоѓа и поголемиот дел од опозицијата и од која тешко дека некој ќе излезе. Не затоа што еднакво се силни, туку зашто еднакво се слаби, така што и едните и другите, веројатно, излезот го гледаат во обидот да го спречат пролетниот бран на иселување, или барем на сезонско одење во странство на работа, и со тоа да си обезбедат евтина работна сила и, се разбира, доволно гласачи за претстојните парламентарни избори.

[email protected]