Мора ли патот од нивата до трпезата да биде толку тежок

Недозволиво е во традиционално земјоделска земја да има поголем увоз отколку извоз на храна. Секоја година расте помошта од државата за земјоделците, но нема анализа како се одразуваат тие пари и зошто и покрај сѐ нема соодветни резултати. Имаме можности, имаме ресурси. Недостигаат само малку организација и вложувања

Информациите за ниските откупни цени на земјоделските производи постојано се присутни во медиумите. Последен напис периодов беше за откупната цена на доматите, чии производители се жалат дека се откупуваат далеку под цената на производство. Но маката не би била голема доколку ова беше изолиран случај, или барем повремен. Пролетва имавме и незадоволни производители на зелка… но и тие не беа изолиран случај.
Кај нас некако стана вообичаено да читаме дека земјоделците се незадоволни од откупните цени. Секој месец, штом почне сезоната на одредени земјоделски продукти имаме незадоволни производители. Она што е уште полошо е што состојбата се повторува со години. Неминовно се поставува прашањето како да се надмине проблемот, како земјоделците да имаат исплатливо производство, а тоа да не е само со помошта од субвенциите.
Од друга страна, уште почудно е што иако имаме незадоволно земјоделци, кои не успеваат ниту трошоците да си ги покријат, имаме и незадоволни купувачи. Тие, пак, се жалат на високите цени. Маржата што ја ставаат трговците и продавачите ги поскапува земјоделските продукти, па на граѓаните им е скапо и купуваат помали количества. Сепак, на крајот, и тие, исто како и производителите остануваат со празни џебови.
Трговците, пак, објаснуваат дека тие не можат да се откажат од својата заработка, која, како што тврдат, и не е толку голема бидејќи во крајната цена мора да го вклучат и трошокот за превоз, односно транспорт на стоката од местото на купување до крајната дестинација, така што на крајот сите се незадоволни.
Можеби едно од решенијата се повеќе откупни центри, каде што ќе се складираат продуктите, барем оние што можат да останат во ладилник извесен период, додека цените станат поповолни за продажба.
Од друга страна, неопходно е да се најде начин и за поголем извоз на македонските земјоделски производи. Пазари каде што нашите квалитетни продукти ќе ја добијат вистинската вредност. Фактот што имаме голем број сончеви денови, ни дал благодат да имаме и многу квалитетни земјоделски производи, а тоа мора да се искористи.
Доста ги остававме продуктите да скапуваат, доста ги фрлаат земјоделците своите производи по улици… мора да се најде начин тие да се пласираат на пазарите, по исплатливи цени, од кое имаат корист и земјоделците и трговците.

Во оваа ситуација сите носиме некаква одговорност, и секој треба да тргне од себе и да се запраша како може да помогне, а не да чека некој друг или, пак, државата да им помага на земјоделците.
Субвенциите можат да им помогнат на земјоделците, но не треба да гледаме на нив како на начин за преживување, или метод што помага да опстојат земјоделците. Напротив, истите тие треба да бидат поттик за нови вложувања во развој на производството.
Преработувачката индустрија, исто така, има голема улога во целата слика. Со поголема обработка, односно со зголемување на нивните капацитети за преработка на производите, и со зголемување на вредноста на земјоделските производи, истите тие ем ќе се тргнат од пазарите, ем ќе имаат поголема вредност, и што е најбитно нема да се фрлаат по улиците, нема да пропаѓаат.
Во Македонија, има неколку преработувачки капацитети, но предноста на ова поднебје воопшто не е искористена. Производството на земјоделските продукти може да биде многу поголемо, но состојбите и маките принудија многу земјоделци да се откажат, да ги напуштат нивите. Доколку повеќето од земјоделските производи бидат опфатени со преработувачката индустрија пазарот ќе се стабилизира.
Еден од многубројните парадокси, на пример, е што во земја каде што се одгледува квалитетен компир нема ниту една фабрика за производство на чипс. А чипс богами се троши во големи количества… Но дека не мора сѐ да биде толку црно покажува еден од, за жал, сѐ уште малобројните позитивни примери на компаниите, кои, пак, почнаа да прават чипс од јаболка. Ем нов производ, ем поголема вредност, ем искористени природни ресурси, и што е уште поважно, производот е здрав.

Кај нас некако стана вообичаено да читаме дека земјоделците се незадоволни од откупните цени. Секој месец, штом почне сезоната на одредени земјоделски продукти имаме незадоволни производители. Што е уште полошо, состојбата се повторува со години

Дали ни недостигаат идеи или ни недостигаат и пари, прашања има многу. Потребни се креативност и грижа од сите нас. Па дури и како обични граѓани можеме многу да придонесеме. Секаде во светот луѓето за време на викендите патуваат по селата да си набават свеж сезонски зеленчук и овошје. Не чекаат некој да им го донесе во маркетите, туку ги посетуваат околните села и си набавуваат продукти.
Кај нас, почнаа мини-пазарчиња да никнуваат пред секој поголем маркет, свежи производи има во секоја продавница, а сепак, малку се троши. Зошто? Зошто чекаме некој да ни ги донесе производите најблиску до дома. Можеме и сами да прошетаме во околината и да си купиме по пониски цени поголеми количества. Ем прошетка, ем набавки, и тоа на свежи продукти, многу посвежи отколку оние во продавница што ќе ги набавиме.
Очигледно проблемот има повеќе решенија, но крајното е дека сите можеме да помогнеме во подобрување на состојбата. Недозволиво е во традиционално земјоделска земја да има поголем увоз отколку извоз на храна. Секоја година расте помошта од државата за земјоделците, но нема анализа како се одразуваат тие пари и зошто и покрај сѐ нема соодветни резултати. Имаме можности, имаме ресурси. Недостигаат само малку организација и вложувања, во инфраструктурата и во откупни центри за да се олесни патот за производите од нивите до трпезите и сите да бидат задоволни.