Може ли корона-кризата да нѐ ослободи од зависноста од увезената храна

Пандемијата и затворањето на границите јасно покажуваат дека државите за задоволување на основните потреби на населението најсигурно може да се потпрат на домашното производство, а тоа треба да е поттик за надлежните да ги пронајдат најсоодветните решенија и да преземат вистински мерки за повторен раст на добиточниот фонд во земјава

Ширењето на пандемијата на ковид-19 и новиот бран, кој есенва добива нови, сѐ позастрашувачки димензии, се причина и за поголема загриженост кај граѓаните како за здравјето, така и за опасностите што би ги донеле нови рестриктивни мерки во земјава и во светот. Пролетоска бевме сведоци на затворање на границите, проблеми со испораката на договорени производи, како и на апели до граѓаните да не ги празнат рафтовите со храна и да не трупаат резерви. Ширењето на вирусот наметна потреба од низа реакции за навремено обезбедување храна, медицинска опрема и лекови, проблеми што се појавија поради нарушени или прекинати трговски врски. Токму пандемијата покажа дека секоја држава мора да посвети поголемо внимание на улогата на домашното производство во одредени клучни сектори, како што е производството на храна, но и производството на медицинска опрема и лекови. Причина плус за Владата да размислува кои се приоритетите во домашното производство на храна и како да придонесе кон обезбедување на неопходните количества храна за задоволување на домашните потреби. Оваа здравствено-економска криза јасно покажа дека најсигурно е да се потпреме пред сѐ на домашното производство.
Но во Македонија, за жал, во последниве децении се бележи еден тренд на постојан раст на увозот на храна, а особено е загрижувачки значителниот пад на сточниот фонд во земјава. Без домашно одгледани животни, не можеме ниту да очекуваме домашно производство на месо, месни продукти, ниту пак на млеко и млечни продукти. Податоците што ги објавува Државниот завод за статистика во последниве години укажуваат дека низ годините постојано се намалува сточниот фонд во земјава. Надолни линии се бележат во одгледувањето говеда, овци и живина…

На страниците на „Нова Македонија“ објавивме дека за десетина години бројот на говеда во земјава се намалил од 252.521 грло на 217.790 говеда. Трендот на намалување се чувствува и кај овците, каде што во 2009 година биле избројани 755.356 грла, а веќе во 2019 година бројот бил сведен на 684.558 грла. Слична е состојбата и со одгледувањето живина. Нејзиниот број од 2.117.890 во 2009 година се намалил на 1.562.089 во 2019 година.
Пандемијата и затворањето на границите јасно покажуваат дека државите за задоволување на основните потреби на населението најсигурно може да се потпрат на домашното производство, а тоа треба да е поттик за надлежните да ги пронајдат најсоодветните решенија и да преземат вистински мерки за повторен раст на добиточниот фонд во Македонија. За да се реализира една ваква замисла, секако ќе биде неопходно пред сѐ реално да се согледаат состојбите во домашното производство и врз нивна основа да се понудат соодветни решенија, кои ќе бидат ефикасни и ќе дадат видливи резултати.

Искуствата од развиените европски земји покажуваат дека решението е во зголемување на бројот на добиточните грла што се одгледуваат во една фарма, односно во окрупнување на фармите Тоа придонесува кон раст на домашното производство на месо и месни производи и на млеко и млечни производи

Причините за ваквите надолни тенденции се многубројни, почнувајќи од иселувањето, транзицијата од село кон град, но и напуштањето на државата, како и тенденцијата да се бара подобро платена работа. Животот на фарма и одгледувањето добиток воопшто не се лесни, а поплаките на оние што и понатаму се занимаваат со сточарство се дека оваа дејност станува сѐ помалку исплатлива. Зголемувањето на трошоците на фармите, како што се храната за животните, ветеринарните услуги, неопходните санитарни предуслови за одржувањето на хигиената…, станува сѐ поголемо. Истовремено, вредноста на сточарските продукти сѐ помалку се вреднува, па одгледувањето станува сѐ понеисплатливо. Ова се само дел од причините што придонесуваат да се намалува интересот за одгледување стока, а сето тоа доведува до намалување на сточниот фонд во земјава.
Светли показатели во домашното производство на месо има само кај производството на свинско месо, каде што успешната трансформација на стопанските субјекти и нивните навремено преземени активности за зајакнување на производството покажуваат резултати слични на тие низ европските земји. Во оваа насока, многу е важно како овие позитивни тенденции да се прелеат и врз другите сточарски гранки и како домашните потреби од говедско, пилешко и овчо месо да се задоволуваат исклучиво или барем во поголемиот дел од домашните фарми.

Искуствата од развиените европски земји покажуваат дека решението е во зголемување на бројот на добиточните грла што се одгледуваат во една фарма, односно во окрупнување на фармите Тоа придонесува кон раст на домашното производство на месо и месни производи и на млеко и млечни производи.
Подолг период кај нас се заговара за окрупнување на земјиштето, но сегашната ситуација јасно упатува и на потребата од окрупнување на фармите, каде што наместо една до пет крави, еден фармер би чувал над десет крави, но притоа да има добро развиен систем за откуп на млекото и за негов пласман кај крајните корисници, на пример. Со зголемување на бројот на говедата во една фарма ќе се овозможи поголемо производство, со што ќе се подобрат и одржливоста на фармите и нивната конкурентност. Но она што е уште поважно – ќе се зголемува домашното производство на храна и ќе се намалува зависноста од увозот на основни прехранбени продукти.