Може ли да обедини лидер што претпочита поделби

Америка има проблем со расизмот, и тоа со институционалниот расизам. До толку е познато. Она што не е познато е како и дали овој проблем може да се реши, бидејќи сме сведоци на негово постојано повторување, и тоа во најмоќната земја во светот, која себеси се промовира и како една од најразвиените демократии, во која се почитуваат човековите права. Своевидни паралели може да се прават со проблемот со масакрите во училишта, универзитети, клубови, цркви и во други установи во САД и со последователната дебата за контролата на оружје. Овие трагедии се повторуваат по исто сценарио – ќе се случи масовно убиство, ќе се открие дека сторителите легално купиле огромни количества оружје, којзнае по кој пат ќе се бара построга контрола на оружје и којзнае по кој пат ќе се тврди дека оружјето не убива луѓе, туку дека луѓето убиваат луѓе и така сѐ до наредното убиство и до наредната трагедија.

Но да се вратиме на најновите расни тензии и протести против полициската бруталност во САД, предизвикани од убиството на невооружениот Афроамериканец Џорџ Флојд од страна на полицијата во Минеаполис. Тензиите не се нови, но се оценуваат како најголеми уште од атентатот врз афроамериканскиот свештеник, борец за граѓански права и нобеловец, Мартин Лутер Кинг, во 1968 година. Светот одново е сведок на насилства, безредија, пожари и судири со полицијата во десетици и десетици града низ целата територија на САД, кои завршија со илјадници апсења. Американските градови, чии улици беа испразнети поради карантинските мерки воведени за пандемијата на смртоносниот коронавирус, сега се преполни со полициски патроли и со демонстранти, кои немаат намера да го почитуваат полицискиот час. Се вандализираат полициски возила, се ограбуваат продавници, се палат пожари. Делови од метрополите сега личат на воени зони.

Но не почнаа сите протести со насилства. Семејството на убиениот Флојд повика на мир и побара од луѓето на друго место да го канализираат својот гнев. Низа професори од областа на социјалните науки објаснуваат како протестите од мирни прераснуваат во насилни. Според нив, инциденти како смртта на Флојд би можеле да бидат иницијална каписла зашто тие симболизираат пошироко искуство, меѓу многу поголем број луѓе, за односот меѓу полицијата и малцинската афроамериканска заедница. Шансите за судири се уште поголеми кога има структурни нееднаквости, како и кога има споделен идентитет меѓу демонстрантите од разни места, без разлика дали станува збор за иста етничка припадност или незадоволство од постапките на полицијата.

Реакциите обично настапуваат во моменти кога полициските капацитети се презаситени, а толпата чувствува можност да се мобилизира. Шансите за насилства се помали кога полицијата ужива добри односи со локалните заедници, но сепак е битно како таа ќе реагира на денот на демонстрациите. Како што посочуваат социјалните експерти, безредијата обично се резултат на интеракција меѓу демонстрантите и полицијата. Во некои случаи, судирите може да избијат меѓу одредена група демонстранти и полицијата, но таа често реагира на толпата како целина. Ако, пак, луѓето сметаат дека полициската употреба на сила е неоправдана, тогаш уште повеќе се зголемуваат тензиите.

Во таква екстремна ситуација, велат научниците, демонстрантите дури може да веруваат дека насилствата се легитимни поради агресивноста на полицијата. Во конкретниот случај со САД, експертите велат дека распоредувањето на Националната гарда и употребата на гумени куршуми и солзавец врз демонстрантите само ги зголемуваат тензиите. Тие посочуваат дека оние полициски служби што инвестирале во обуки за деескалирање на ситуацијата веројатно ќе избегнат насилства на протестите, како во повеќе градови, во кои полицајците им се приклучија на граѓаните во маршевите против расизмот.

Други социјални научници посочуваат дека психологијата на моралот може да објасни зошто протестите прераснуваат во насилства, бидејќи кога луѓето сметаат дека нешто е неморално, тогаш силните чувства за заштита на моралното може да надвладеат врз грижите како што е одржувањето на мирот. Дополнителен проблем, според нив, е затворениот круг на социјалните мрежи, кои иако промовираат поврзување на светот, всушност ги изолираат истомислениците. Ако луѓето веруваат дека нивните истомисленици поддржуваат насилство, тогаш е поголема веројатноста и тие да поддржат насилство, изолирајќи ги другите спротивставени погледи и ставови.

Во однос на вандализмот и ограбувањето продавници, социјалните експерти исто така посочуваат дека тоа не мора секогаш да е случајно, неразумно или хаотично и да се сведува на сиромаштија и криминал, туку е можно да има одредени шаблони, кои се однесуваат на силните чувства кон нееднаквоста во одреден економски и општествен систем или на изразот на моќ во одреден контекст. На пример, честопати цел на грабежи се продавници со скапи стоки, како „Најки“ или „Епл“. Во некои случаи грабежите се само можност искористена од поединци да дојдат до нови патики што чинат 200 долари или нов „ајфон“ што чини над 1.000 долари, но во други случаи тоа е одраз на горенаведените чувства. Конечно, во некои случаи и нема грабежи, ако протестите се повеќе насочени кон државата и полицијата, а не кон социјалната нееднаквост.

Експертите порачуваат дека во моментот е најбитно да има дијалог меѓу полицијата и демонстрантите, но тоа е посложено во ситуации кога демонстрантите немаат лидер. Во целата ситуација, политичарите може да ги смират или да ги дозапалат тензиите, во зависност од тоа дали ќе промовираат дијалог или ќе се закануваат со цврсти реакции. Како што вели еден професор, не може да се зборува за полициска бруталност и за профилирање одредени малцински заедници, а да не се зборува за пошироките нееднаквости и дискриминаторски политики што доведуваат до нив. Како што нагласува тој, најновиот случај со убиството на Афроамериканец од бел полицаец е дел од фундаменталниот проблем со расизмот во САД, кој до денес не е решен.

Главното прашање во моментот е дали актуелниот претседател Доналд Трамп може да ја смири нацијата, ако се имаат предвид неговите досегашни потези. Како што посочува Би-би-си во една анализа, Трамп досега предводеше нација што живееше во релативен мир и просперитет, а кризите главно ги палеше и гасеше самиот Трамп, кој потоа ги собираше приврзаниците околу себе и жестоко ги напаѓаше противниците. Но ситуацијата се промени со пандемијата на коронавирусот, која тешко ја погоди американската економија, и тоа во изборна година. Дополнителен проблем сега се протестите и насилствата во десетици градови. Дури ни најголемите критичари не можат да го обвинат Трамп за коронавирусот или за ропството, расната сегрегација, полициската бруталност и расната неправда, што со децении, па и со векови ги мачат САД.

Но тие можат да го критикуваат за начинот на кој се справува со овие појави. На пример, за време на пандемија, кога Америка го мина црниот праг од 100.000 жртви, претседателот се чини повеќе време поминува во расправии со политичките ривали и со медиумите отколку во развивање стратегии за ограничување на ширењето на вирусот и на бројот на заразени и жртви.
Во случајот со расните тензии, Трамп тргна по слично сценарио. Како што посочуваат политичките експерти, ова е криза во која тешко би се справиле дури и највештите и најспособните лидери со долгогодишно преговарачко искуство.

Повремените повици на Трамп за обединување и заздравување се чини се задушуваат од неговите безбројни твитер-напади и закани од типот дека кога ќе почнат грабежите, ќе почне и пукањето. Ова е криза од која тешко се излегува со поделби, кои Трамп досега вешто ги користеше за да ги оствари своите политички цели. Но во момент кога нацијата повторно е поделена од расизам, прашањето е дали може да ја обедини лидер што обично претпочита да дели.

[email protected]