Младински бран

Годинава продолжи трендот на успеси на млади спортисти од Македонија, во екипните и во поединечните спортови, проткаени и со многу медали. Од суштинско значење за развојот на спортот е секогаш да има нови квалитетни млади спортисти

Годинава, особено летово продолжи трендот на успеси на млади спортисти од Македонија, во екипните и во поединечните спортови. Пред две години, на пример, беше големиот успех на младата фудбалска репрезентација, која прво супериорно се пласира (прво место во група со Франција), а потоа дебитира на Европското првенство во Полска, во јуни 2017 година, што е прв пласман за една македонска фудбалска репрезентација на големо натпреварување.

Во јануари 2017 година ракометната младинска селекција за играчи до 21 година прво обезбеди пласман на Светското првенство во Алжир, а таму, седум месеци подоцна, го освои шестото место што, пак, е највисок пласман во тој спорт на која било возрасна категорија на селекција од Македонија на еден мундијал.

На ова се надоврзаа, на пример, младите ракометарки на Македонија генерација што одново играше на Европското првенство (овој пат во Словенија лани), за ракометарки до 19 години. Ракометарките продолжија и годинава со четвртото место на Медитеранските игри во Тарагона (Шпанија). Годинава, пак, кошаркарските кадети се пласираа во дизвизијата А, што е редок успех последниве години за некоја возрасна генерација кошаркарски репрезентации на Македонија, што дава надеж за враќање на репрезентативната кошарка на патеките на успехот (четврто место на сениорското ЕП 2011). Ракометните јуниори, пак, годинава на доминантен начин славеа во дивизијата Б и најавија дека во спортот број еден во Македонија одново доаѓа нов бран млади ракометари за дополнување на сениорската селекција, во која веќе има стандардни репрезентативци од онаа младинската селекција од мундијалот во Алжир.

На овие достигнувања се надоврзуваат и млади, но и сениори, од поединечните спортови, особено тие од олимпиското семејство. Така, на пример, од каратето, кое носи медали речиси од секој меѓународен натпревар, особено последниве десетина години, е европската јуниорска бронза, медитеранските злата и сребра, па џудото, со, на пример, европска кадетска бронза, па таеквондото со светската и со две европски бронзи или, на пример, медитеранско сребро, но и злато на европските таеквондо-игри, па јуниорска светска бронза, борачите во слободен стил имаа високи пласмани на европско ниво, како на пример континентално кадетско сребро, но и бронза на Медитеранските игри. Итн, итн.

И ова е само дел од успесите на младиот бран спортисти во последно време, што најавуваат многу подобри денови на македонскиот спорт, на европско, светско и на олимписко ниво. И, што е најважно, најголемиот дел се и на пат кон нормите за настап на Летните олимписки игри во Токио во 2020 година или напредуваат на светските ранг-листи во своите спортови или се пробиваат во сениорските тимови… Колку за потсетување, Македонија одамна немала спортист со исполнета А-норма за настап на летни олимписки игри.

Сега за јавноста останува послаткиот дел, овие резултати да станат навика, но и да го чекаат моментот кога ќе се префрлат потоа и на сениорскиот дел (сениорската фудбалска репрезентација, на пример, веќе го ползува талентот и квалитетот на младинската од Европското првенство во Полска). Но, во базата, пак, останува потешкиот дел, да се остане конкурентен во континуитет, а само таму знаат колку е долг и макотрпен процесот да се создаде резултат, особено таков што е видлив во меѓународни рамки. Во спортот нема пократок пат. Затоа на спортските производители им треба уште поголема поддршка, секаква.

Важен момент во сево ова е дека мора секогаш одново и одново да се тргнува во нови потраги по талентирани спортисти. Од суштинско значење за развојот на спортот е секогаш да има нови квалитетни млади спортисти. Така секогаш ќе има таленти, кои ќе им создаваат позитивен спортски притисок на малку постарите колеги, но и на сениорите за место во тимовите, во репрезентациите. Накратко – конкуренцијата ќе донесе уште поголеми резултати.

Еднакво важно е да се вложува во спортистите, во тие што знаат да препознаат талент и во стручњаците што ќе создадат резултат, особено од меѓународно видливиот. Оти барањето таленти подразбира и откривање потенцијален спортист дури и ако тој во еден момент не е на теренот на спортот за кој е талентиран. А развивањето на стручњаците, секако, подразбира и поддршка, но уште повеќе и работа за постојан сопствен напредок.

Вкупно, зад секој успех стојат со години организација, систематичност, ажурност, стратегија, планирање, упорност, логистика, лобирање, рационалност со човечки ресурси, но заедничко на секој успех се стотиците тренинзи, максималната волја, големиот ентузијазам, силните карактери, вистинските луѓе на вистинските места… Затоа и на изглед лесно ги победуваат противниците. Но, само на изглед.