Минирање на третиот носечки столб

Со еден удар, и пред домашната и пред меѓународната јавност, а пред сѐ пред Европската комисија, со која, ако имаат среќа, преговорите ќе треба да ги започнат со првото поглавје, или по новото, кластерот за правосудството и за фундаменталните права, политичките актери признаа дека од реформите токму во таа област, а со кои толку многу се гордееја, ништо не биднало, дека не само што не ги воспоставиле принципите на владеењето на правото и на правната држава туку сега се обидуваат и да го срушат тој важен столб на судската власт

Во депресивно-еуфоричниот амбиент во кој се сменуваат периоди на длабока безнадежност и на разбаботени емоции, деновиве јавноста беше втурната во нова спирала на правна контроверзност и контрадикторност, што треба да послужи како една од алките за врзување на идното парламентарно мнозинство. Настрана тоа што партиските преговарачи, притоа, крајно аматерски, не се ни потрудија, на целиот свој речиси двомесечен напор да му дадат некаква смисла, туку си зададоа таков автогол каков што досега не се случил ниту во спортските ниту во политичките арени. Со еден удар, и пред домашната и пред меѓународната јавност, а пред сѐ пред Европската комисија, со која, ако имаат среќа, преговорите ќе треба да ги започнат со првото поглавје, или по новото, кластерот за правосудството и за фундаменталните права, политичките актери признаа дека од реформите токму во таа област, а со кои толку многу се гордееја, ништо не биднало, дека не само што не ги воспоставиле принципите на владеењето на правото и на правната држава туку сега се обидуваат и да го срушат тој важен столб на судската власт.
И по сите досегашни коментари, тешко е да се најде збор со кој веродостојно би се опишало она што премиерот во оставка Зоран Заев и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, го замислувале кога објавија дека дел од договорот за ново парламентарно мнозинство ќе биде и барањето до Европската комисија да определи тим на експерти за преиспитување пресуди каде што имало сомневања за „политичка импликација“, при што беа посочени случаите „Монструм“, „Алфа“, „Диво Насеље“, „Алмир Алиу“… Затоа, некои аналитичари, можеби и со право, мошне досетливо, ги нарекоа и „пластелин-коалиција“.

Но многу повеќе објаснува тоа што, по првичната употреба на термините какви што се „истрага“, „преиспитување“, „ревизија“ и „експертиза“ на пресудите, гласноговорниците на власта, по службена и по неслужбена должност, побрзаа да го уфрлат во оптек и терминот „мониторинг“. Затоа, како мошне втемелени, може да се третираат и прогнозите дека барем тој дел од договорот за експертиза на веќе завршени судски предмети ќе потоне во веќе сосема извесниот нов политички амбис.
Во меѓувреме, сосема легитимно се поставуваат и некои прашања. Кој е тој што ќе определи кои случаи се со „политичка импликација“, кога во земјава речиси стана правило осомничените и обвинетите по разни основи да се бранат со тоа дека се жртви на политички прогон? Не треба да се заборави ни тоа дека, додека трае целата оваа претстава, пред сите судски инстанци се водат голем број случаи, на кои, без многу мака, некој би можел да им залепи етикета „политички“ и како тогаш, со која мотивација и со кој авторитет и интегритет, да постапуваат надлежните судии? Што е со евентуално проблематичните постапки што ги водат и кои се водат против обичните смртници, граѓаните? Дали и тие, можеби, би требало да се стават под некаков европски мониторинг?
Конечно, поразителен е самиот факт што уште еднаш се потврди дека какви било влијанија и корекции на правосудството, па дури и оние најдобронамерни, ако воопшто ги има, мора да бидат компензирани со по неколку министерски или директорски функции и што судската власт, како еден од столбовите на државата, не се остава да се потпре врз сопствените темели, туку постојано мора да стои на повеќе или помалку видливите тркалца со кои управува извршната власт.

Барањето за меѓународна експертиза за веќе завршени судски предмети што беше најавено при постигнувањето на договорот за влегување на Алтернатива во власта продолжува да ја бранува домашната јавност. Правниците и експертите се неподелени во мислењата дека тоа е директен удар врз независноста на судството, и нѐ оддалечува од ЕУ

Очигледно е потребно да се потсети оти работата на Гаши и на Заев, или без разлика на кој било друг политичар, не е, скриени зад другиот столб, со далечински управувач да ги насочуваат тркалцата, туку сериозно да се ангажираат на создавање услови за владеењето на правото и за непречено функционирање на правосудниот систем. Токму она што Заев веќе еднаш го вети, но, како што и самиот потврди, ни оддалеку не го исполни.
Можеби никој не му објаснил во што е суштината на владеењето на правото и на правната држава, но факт е дека ниту по многубројните реформски процеси низ кои поминал системот во изминативе три децении, од кои добар дел и под директен надзор на Европската Унија, сѐ уште има многу проблеми со примената на овие принципи. Затоа клучното прашање што се наметнува е зошто ниту по толку многу време и напори не е постигнато ниту задоволително ниво на соживот помеѓу политиката и правото. Зошто и понатаму политиката не ги трга рацете од судството и кој го руши третиот столб на поделбата на власта и уставната определба и гаранција за независност на судството?

[email protected]