Математика, прагматика и политичка фантастика

Настрана што рамката на Охридскиот договор за реална и правична етничка застапеност во власта е целосно испервертирана, па во новиот однос на партиципиентите во Владата, односно водечките места во министерствата, сега бројот на министри и заменик-министри од албанска етничка припадност е поголем од бројноста на министрите Македонци. Се чини секое ново коалицирање за власт во земјава не само што ги превртува националните и меѓународните договори на Македонија на некоја непредвидлива опачина туку ги претвора и принципите на демократијата и владеењето во „непотребна вредност“

Добитникот на главната премија од политичката криза во Македонија, партијата Алтернатива, персонифицирана во нејзиниот лидер Африм Гаши, откако беше потврдена нивната партиципација во македонската влада, ја збуни јавноста кажувајќи дека не се откажува од кредото на неговата рап-група од тинејџерските денови, наречена „Празни џепови“. Откако неговата партија, со четворица пратеници доби три министерски позиции, исто толку заменичко-министерски места, можност и одговорност да води повеќе институции на централно и на локално ниво, како: МЕПСО, Фондот за здравство, „Македонски железници“, Клиничкиот центар во Тетово, Агенцијата за странски инвестиции… и уште четириесетина позиции во јавни и државни институции, лидерот на Алтернатива се самоцитираше од интервју по неговиот настап на „Нота фест“ во 1995-та – дека нема да го менува името на групата. Односно, Гаши е категоричен дека ниту тој, ниту повисоките експоненти од неговата партија не биле во политиката за да ги наполнат џебовите. Гаши го кажа тоа и додаде уште еден предизвик во низата парадоксални постапки во однесувањето и одлуките на неговата партија во изминатиов месец, на кои политичките аналитичари треба да им пронајдат соодветна теорија, за да докажат трошка принципиелност во политичкото дејствување. Предизвикот е да се докаже дали со „полни торби“ власт, може да се одржи принципиелноста на „празните џебови“!
Нема поминато ни цел месец откако четворицата пратеници на Алтернатива беа потпишани на петицијата за изгласување недоверба на Владата во која сега „принципиелно“ партиципираат. Навистина, уште во договорите пред поднесувањето во Собранието на иницијативата од опозицијата (во која тогаш беше и Алтернатива) за гласање доверба на Владата, еден од пратениците на оваа партија, Скендер Реџепи, драматично се повикуваше на некои свои и наводно партиски принципи за да го повлече веќе дадениот потпис од петицијата. Од опозицијата му беше угодено да направи своја иницијатива за гласање (не)доверба на Владата, но сепак драматичната (не)принципиелноста на друг Реџепи, Кастриот од партијата Беса, на крајот го зададе конечниот удар за фијаското на опозицијата за гласање недоверба на Владата.

Од денешна перспектива, изгледа како опозициската иницијатива да беше направена само да ѝ се отвори патот на Алтернатива да ја добие премијата во владината кампања за собирање парламентарно мнозинство, кое треба да изгласа некаков анекс на Договорот со Бугарија.
Всушност, целиот амбиент во кој се одвиваа преговорите за придружување на Алтернатива во Владата, беше создаден од потребата, како што изјави премиерот Заев, за „гаранција дека имаме мнозинство што ќе работи на решенија за сериозните актуелни предизвици, како што се обезбедувањето континуитет и успешен епилог на процесот за почеток на преговорите за членство во ЕУ, односно изнаоѓање решение со Република Бугарија“. Секако, како пригоден дополнителен елемент на потребата за учеството на Алтернатива во собраниското мнозинство и владината коалиција, се споменати и „справувањето со пандемијата на ковид-19 и глобалната енергетска криза“.
Посетата на Габриел Ескобар, заменикот на помошник-државниот секретар на САД, еден ден по договорот за новата владина коалиција, кој порача дека „САД силно ја поддржуваат брзата интеграција на Македoнија во ЕУ и дека работат со европските партнери за да обезбедат наскоро да се случи тоа “, индикативно ги потврдува задачата, целта и намената на постигнатото ново парламентарно мнозинство.
Во такви услови, се чини дека Алтернатива не ја испушти можноста прагматично да ја материјализира, па дури и здраво да ја капитализира својата „политичка принципиелност“ со речиси педесетина државни и јавни функции за гласовите на нејзините четворица пратеници, кои веројатно ќе треба да ги дадат во одлучувачкиот миг за некаква евентуално нова одлука во контекст на „решение за пробив на интеграциите на земјата во ЕУ“, за што е повеќе од јасно дека ќе се однесува на задоволување одредени бугарски услови за Македонија, поставени со минатогодишното вето.

Пробивајќи ги сите логики на демократијата, па дури и некакви математички теории во создавањето на принципите при формирање демократска власт, Алтернатива успеа да добие процентуални пет пати поголема политичка одговорност и придобивки од власта, отколку што е реалната политичка тежина на гласовите на нејзините пратеници. Дополнително, само ваквиот нарушен сооднос на политичката релевантност при формирање на власта, да не придонесе за ново полнење со непродуктивни вработувања во државната и јавната администрација, што на некој начин сосема јасно предвидливо укажува на уште едно обременување на, во голема мера, и така постојните нефункционални институции.
Настрана што рамката на Охридскиот договор за реална и правична етничка застапеност во власта е целосно испервертирана, па во новиот однос на партиципиентите во Владата, односно водечките места во министерствата, сега бројот на министри и заменик-министри од албанска етничка припадност е поголем од бројноста на министрите Македонци. Се чини секое ново коалицирање за власт во земјава не само што ги превртува националните и меѓународните договори на Македонија на некоја непредвидлива опачина туку ги претвора и принципите на демократијата и владеењето во „непотребна вредност“.