Маски, растојание… и уште една „мала“ препорака за „Охридско лето“

По оваа незаслужено кратка историја на „Охридско лето“, збиена во триесетина реда, да се потсетиме на ветувањето на организаторите дека „корона-кризата можеби ќе го смени начинот на реализација на настаните, можеби ќе има ограничен број посетители, намален број концерти и претстави, но никако нема да влијае врз квалитетот…“ Единствената надеж сега е дека ќе го испочитуваат ова ветување, по оние „генијални Жељко идеи“. Ако се немаат можности, сила и енергија за врвен квалитет, подобро фестивалот да се одржи со помалку гости или без нив (имаме врвни домашни уметници), или во некој друг, редуциран формат, за да не се прекине континуитетот, па 2020-та да остане запаметена како година во која сме изгубиле и многу повеќе, пред сѐ човечки животи. Ова е само уште една „мала“ добронамерна препорака во низата (маски, растојание…) за годинашното „Охридско лето“

Во август 2014 година си одбрав еден продолжен викенд, кога на програмата на фестивалот „Охридско лето“ имаше дури три извонредни настани што веќе се впишаа во фестивалската историја, концертот на култниот композитор Кшиштоф Пендерецки, настапот на хорската атракција „Вива вокс“ и оној на виртуозот на виолина Роби Лакатош. Се покажа како добро одбран тајминг. Сепак, не докрај, или сѐ додека низ тишината на автентичниот амбиент на „Св. Софија“, во очекување на суптилниот такт од акустичната музика на големиот Пендерецки, не се слушна едно развлечено „Љубавиииииииииии“ на балканската естрадна ѕвезда Жељко Јоксимовиќ. Некаде од далечината, од кај Билјанини Извори, ама доволно гласно да го наруши амбиентот.
Годинава, кога се раширија гласините (всушност организаторските комбинаторики) дека на фестивалот доаѓа истиот овој лик, ама не во Охрид, и не случајно во исто време, туку за неговото отворање, во официјалната програма, прво се шокирав, а потоа веднаш се потсетив на она горчливо искуство од пред шест години. Дали е можно? Она што некогаш беше несреќно совпаѓање на тајминзи, сега станува официјална фестивалска програма. Цела среќа што организаторите на „Охридско лето“ по низата бурни реакции во јавноста се повлекоа од оваа „генијална“ идеја, па нема да мора и натаму да се мачам со набројување на бескрајниот број аргументи зошто таквата одлука би значела катастрофален крај на една безвременска фестивалска историја.

Вака барем, во пресрет на јубилејното 60-то издание, ќе се обидам да ја резимирам богатата традиција на највредниот фестивал што го имаме, кој годинава поради пандемијата ќе се одржи во видоизменето издание, во согласност со безбедносните препораки. Каква и да е програмата, и најскромна со оглед на условите, се надевам дека барем ќе остане достоинствена. Би можеле, на пример, да чуеме само еден обичен концерт на Македонската филхармонија, која патем знае за одредени пригоди да прозвучи светски.
И затоа што не секогаш зборот „спектакл“, кој не е доволна мамка за едуцираната и информирана публика, значи и квалитетна содржина. Верната публика на „Охридско лето“ очекува нешто повеќе и подобро, особено откако на таа иста сцена ги видела или слушнала некои од најзвучните имиња во светот на музичката класика: Зубин Мехта, Енио Мориконе, Хозе Карерас, Џеси Норман, Михаил Плетњов, Гидеон Кремер, Вадим Репин, Најџел Кенеди, Мстислав Ростопович, Максим Венгеров, Џулијан Рахлин, Хенрик Шеринг, Елена Обраскова, Катја Ричарели, Кшиштоф Пендерецки… Години во кои се обнови реномето што фестивалот го уживал во 1970/1980-тите години, кои сѐ уште важат за златни во неговата шестдецениска историја. Враќањето од неколкудецениската хибернација на фестивалот првпат го почувствуваме кога на сцената на Античкиот театар застана славниот тенор Хозе Карерас. Оттогаш, сосема разбирливо, и очекувањата на публиката, дури и кај онаа помалку пребирливата, пораснаа. Публиката, по Карерас, сака секоја година на „Охридско лето“ да чуе барем еден уметник од ваков калибар.

Годинава и не мора, и не може да очекуваме, да биде така. Ама можеме да останеме верни на долгогодишното опстојување на оваа манифестација, која упатува на една голема традиција што извира од градот Охрид, духовната престолнина на Македонија, па оттука и фестивалот, кој е уште еден негов знак за препознавање, сосема со право важи за столб на македонската култура и стожер на нашата традиција.
Во далечната 1961 година на 4 август, под чудесните сводови на преубавата катедрална црква „Света Софија“, беше означено раѓањето на манифестацијата, со настап на оперската певица Ана Липша-Тофовиќ. На овој прв концерт прозвучи магичниот глас на првенката на Македонската опера, со што се зароди манифестација од светско значење, започна приказната што подоцна беше наречена „Охридско лето“.

Во првите фестивалски години во програмскиот концепт преовладуваше непосредната врзаност на „Света Софија“, како незаменлив простор за камерно музицирање, станувајќи притоа сѐ попривлечна за многу уметници и ансамбли. Фестивалот стануваше привлечна дестинација за уметници со високо реноме, легендарните Леонид Коган (руски виолинист, најдобар во светот во тоа време) и Андра Навара (виолончелист од Франција, исто така еден од најдобрите во светот). Фестивалот стануваше сѐ поинтересен и побогат за гостите и за публиката. Во 1970-тите и 1980-тите продефилираа многу уметници и ансамбли, од кои, покрај домашните од тогашната Југославија, и многу светски реномирани имиња, чие учество придонесе за уште поголема афирмација: Мстислав Ростропович, Алдо Чиколини, Гидон Кремер, Руџеро Ричи, Виктор Третјаков, Хенрик Шеринг, Салваторе Акардо, Елена Обрасцова, Катиа Ричарели, Викторија де лос Анхелес, Максим Венгеров, Вадим Репин, Џулиан Рахлин, Иво Погорелиќ, кои придонесоа за натамошниот раст и афирмацијата на фестивалот. Во тие години, како што се зацврстуваше физиономијата на музичкиот дел од програмата, паралелно се почувствува и потребата од истото тоа за другиот програмски сегмент – театарот.

Во првите години на фестивалот се почна со гостувањето на домашните театри со претстави од нивниот репертоар, за подоцна и овој програмски сегмент да ја доутврди својата физиономија и фестивалот да стане примамливо собиралиште за многу гостувачки театри од светот. На сцените во предворјето на „Света Софија“, Долни Сарај, Самуиловата тврдина, „Св. Наум“, Сараиште, Плаошник… се остварија театарски проекти за паметење по текстови на домашни драмски автори и светски класици како Шекспир, Чехов, Молиер, Гогољ, Брехт, Нушиќ, или пак старогрчките Софокле, Еврипид, Аристофан…
По оваа незаслужено кратка историја збиена во дваесетина реда, да се потсетиме на ветувањето на организаторите дадено неодамна: „Корона-кризата можеби ќе го смени начинот на реализација на настаните, можеби ќе има ограничен број посетители, намален број концерти и претстави, но никако нема да влијае врз квалитетот на она што ќе го понудиме…“

Единствената надеж сега е дека ќе го испочитуваат ова ветување, по оние „генијални Жељко идеи“. Ако се немаат можности, сила и енергија за врвен квалитет, подобро фестивалот да се одржи со помалку гости или без нив (имаме врвни домашни уметници), или во некој друг, редуциран формат, за да не се прекине континуитетот, па 2020-та да остане запаметена како година во која сме изгубиле и многу повеќе, пред сѐ човечки животи. Ова е само уште една „мала“ добронамерна препорака во низата (маски, растојание…) за годинашното „Охридско лето“.