Маска преку Уста(вот)

Она што паѓа в очи во овој грејс-период, додека трае привикнувањето на носењето маски за граѓаните, е еден друг феномен, кој може да се нарече маскирање на правото. Ставање превез и маска врз Уставот! Но не за да се заштити истиот тој од некои неповолни инфективни влијанија, како во случајот со коронавирусот, туку маскирање на Уставот за да се прикријат политичкиот јавашлак, поигрувањето со законите и маскенбалот со правната држава. Оваа појава ниту е нова, ниту непозната за македонски услови, но сега добива многу повеќе на тежина поради вонредната состојба во која се наоѓа државата

Македонија влегува во нова фаза на корона-кризата. Фаза што може да се именува и како маскирање. Превезот преку уста, популарно наречен маска, отсега станува задолжителен дрес-код за сите граѓани. За непочитување на оваа владина уредба ќе се изрекува само писмена опомена до 30 април, по што ќе следуваат и парични казни во висина од 20 до 2.000 евра, во зависност од тоа дали се работи за физичко или правно лице.
Значи, без маска не ни помислувајте да излезете од дома. Ако сакате да си го зачувате здравјетo, пред сѐ, а богами и паричникот. Сега, како ќе се следи, контролира и санкционира (не)почитувањето на оваа мерка, дали ќе се остави на свеста и совеста на граѓаните или, пак, ќе има посебни тимови, патроли, редарски служби задолжени за тоа, не е докрај јасно.

Ова второво е помалку извесно, бидејќи може да се протолкува како полициска држава, па се претпоставува дека ќе се оди на првата, помека варијанта. Во секој случај, нема сомнение дека една ваква мерка на задолжително носење маска е неопходна од здравствен аспект и е во функција на заштита на јавното здравје како највисок државен интерес. Во таа насока носењето маски е сосема оправдано и океј.
Но она што паѓа в очи во овој грејс-период, додека трае привикнувањето на носењето маски за граѓаните, е еден друг феномен, кој може да се нарече маскирање на правото. Ставање превез и маска врз Уставот! Но не за да се заштити истиот тој од некои неповолни инфективни влијанија, како во случајот со коронавирусот, туку маскирање на Уставот за да се прикријат политичкиот јавашлак, поигрувањето со законите и маскенбалот со правната држава. Оваа појава ниту е нова, ниту непозната за македонски услови. Напротив.

Многу често во минатото сме биле сведоци на поигрување со законите и правната држава за остварување одредени интереси, домашни или туѓи. И секогаш кога кој било и од какви било причини си поигрувал, експериментирал, жонглирал со законските акти, состојбите биле вознемирувачки, а последиците трагични по народот и државата.
Овој пат ситуацијата е уште поалармантна, бидејќи земјата се наоѓа во вонредна состојба и е соочена со здравствена и економска криза со далекосежни и несогледливи последици. Во такви околности нема простор за грешки. И сега, кога во едни вакви услови на нишан се Уставот и законите, тогаш навистина короната може да се смета за мачкина кашлица во однос на вирусот од кој страда нашиот правно-политички систем. Зошто велам правно-политички, а не правен и политички одвоено.

Па, затоа што меѓу нив постои симбиоза како помеѓу паразит и домаќин. Тие се упатени еден на друг и меѓусебно поврзани и испреплетени со невидливи но силни врски. Како пипалата на ковид-19.
Или, попластично кажано, вирусот од политиката се префрла и го инфицира правото, па пак се враќа назад кон политиката и така во круг. Поради одредени системски вкоренети аномалии, нашиот систем и поредок речиси постојано се предмет на забелешки и критики на домашната и меѓународната стручна јавност. Истовремено со непромислените и избрзани потези, често како држава стануваме предмет на потсмев. За жал, од сето тоа најмногу страдаат граѓаните.

Најновата епизода на жонглирање со Уставот и законите е поврзана со вонредната состојба и (не)работењето на Собранието.
Иако Уставот и законите треба да важат еднакво за сите и така и да се читаат и толкуваат, во Македонија ретки се случаите на уедначена примена на правото. Ако во математиката 2 + 2 се секогаш 4, во правосудството тоа речиси никогаш не е така. Таму често излегуваат различни решенија. Во зависност и од тоа кој го прави есапот.
Затоа и не треба да нѐ зачудува што Македонија сега повторно самата се доведе во шах-мат позиција. И се бара некое божјо чудо (поточно, правно чудо) за Собранието пак да воскресне и да продолжи со работа откако претходно се самораспушти. Група пратеници бараат повторно свикување на парламентот за да се потврди одлуката на претседателот на државата за продолжување на вонредната состојба.

Спикерот на парламентот во неколку наврати досега јасно порача дека еднаш распуштено собрание на може повторно да се состане. Можеби во меѓувреме ќе се премисли или ќе направи нов есап. Истиот став за неможност за повторно свикување на Собранието го делат и редица правни експерти и професори, иако има и такви што мислат поинаку. Во целиот овој политичко-правен галиматијас, редица нејаснотии висат во воздух и создаваат забуна во јавноста. Дали се работи за брзање, незнаење или свесно и со умисла се влетува од грешка во грешка, сега е помалку важно. Суштинското прашање е што со ваквите некоординирани потези се создаваат тешко отстранливи штетни последоци по правната сигурност на граѓаните.

И бидејќи политичарите и правниците нудат различни одговори (со чест на исклучоци), односно се маскираат и демаскираат по потреба, ајде барем да ги поставиме и адресираме вистинските прашање на релацијата прогласување вонредна состојба, распуштање на Собранието и работа на Уставниот суд. Да видиме како функционира или не функционира ова свето тројство.
Прашањата на кои јавноста чека одговор се:
– Дали претседателот на државата одлуката за прогласување и продолжување на вонредната состојба ја донел надвор од својот уставен легитимитет и овластување?
– Зошто подносителите на иницијативата за повторно свикување на Собранието не го поднеле барањето пред повеќе од 30 дена, односно пред прогласувањето на вонредната состојба?

– Дали некој доцни со реакцијата или можеби врелиот костен намерно е фрлен во рацете на претседателот на државата, за евентуално да се користи во иднина за одредени политички цели?
– Што со прекршувањето на членот 63 од Уставот, кој предвидува дека избори за пратеници се одржуваат во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието? Тој рок истече одамна.
– Која и каква е улогата на Уставниот суд во однос на сите овие случувања?
Во 2016 година токму Уставниот суд ја поништи одлуката за распуштање на Собранието по исто така веќе распишани избори, по што Собранието повторно се свика и продолжи да работи, а изборите беа презакажани за друг термин. Но сега заплетот е многу поголем и понеизвесен и поради молкот и нереагирањето на одредени институции.

Како некој да си игра жмурка со вонредната состојба и правниот поредок.
Според членот 110 од Уставот, Уставниот суд на Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, но досега не слушнавме ниту збор од Уставниот суд за сите овие правни нејаснотии за повторното свикување на Собранието, легалноста на продолжената вонредна состојба, изборните дејства, владините уредби и сл.
Можно ли е Уставниот суд да ја преспие и вонредната состојба, како што впрочем ги преспа и не реагираше во минатото ниту за двојазичноста, преименувањето на државата, амнестијата и редица други случаи. Тогаш требаше Венецијанската комисија да ни каже дека законот за двојазичност е неприменлив и дека се коси со редица други правни одредби и со меѓународните стандарди предвидени за малцинските етнички заедници.

Венецијанската комисија сега бара од Владата да ѝ се достават сите уредби со законска сила, за да види дали има прекршување на Уставот. Но таа не е и не треба да биде коректор на законите и правната држава. Тоа е пред сѐ задача и обврска на домашните институции и органи. Размислува ли некој во таа насока? Дека сите пост фестум евентуално констатирани неправилности сега и прекршувања на Уставот потоа директно ќе се одразат на нашите интегративни процеси. Тогаш нема Макрон да ни биде виновен, туку заспаноста или нефункционалноста на домашните институции и органи. Затоа, дури е време тргнете ја маската од Уставот и правната држава и дословно применувајте го словото на законите. Тоа е единствената и најдобра терапија од најширок граѓански интерес.

[email protected]