Маратонците и кругот

Правејќи хронологија на случувањата, може да се стигне до заклучокот дека се чини дека со години само го трчаме маратонот за потенцијална можност за наше членство, а целта како некој намерно и постојано да ни ја оддалечува од видокругот. По секоја завршена реформа, исполнет услов, зададен бенчмарк, следува нов, па уште еден и така во недоглед. Каде е излезот од ваквата ситуација

Македонија безмалку три децении од независноста па досега е заглавена во различни фази и процеси од интеграцијата кон Европската Унија, а со тоа и во остварувањето на своите долгогодишни стратегиски цели. Правејќи хронологија на случувањата, може да се стигне до заклучокот дека се чини дека со години само го трчаме маратонот за потенцијална можност за наше членство, а целта како некој намерно и постојано да ни ја оддалечува од видокругот. По секоја завршена реформа, исполнет услов, зададен бенчмарк, следува нов, па уште еден и така во недоглед. Датумот за преговори го нема, иако многумина во суперлативи нѐ фалат и тапкаат по рамо дека сме испорачале сѐ што било побарано од нас. Па дури и повеќе од тоа.

Никако да стигнеме дури ни до дворот и претсобјето што водат кон ЕУ, туку само кружиме околу чекалницата за евроинтеграции во која секогаш „никнуваат“ различни и нови препреки со кои се усложнува и отежнува почетокот на преговорите.
Во тој процес, додека се обидуваме да го добиеме зеленото светло, се чини, само нѐ тапкаа по рамото со позитивни извештаи, а фактичко приближување кон Унијата нема. Долг низ години изговор беше спорот со Грција, сега кога ова прашање е затворено изговорот се бара во внатрешните состојби во Унијата.

Минатиот јуни, Советот на ЕУ донесе заклучок што нудеше можност за почнување на преговори кон крајот на 2019 година, под услов да постои напредок на реформите во судството, безбедносните служби и јавната администрација, за што ќе биде повторно разговарано во јуни 2019 година.

Во тој период нашата држава испорача сѐ што беше побарано од нас, го надминавме спорот со Грција и започнавме решавање на билатералните спорови со соседите, од што произлезе договорот за добрососедство со Бугарија и договорот со Грција со кои се веруваше дека ќе бидеме препознаени и поддржани од меѓународните партнери по што ќе добиеме датум за преговори од ЕУ. За работите да бидат покомплицирани, во истиот тој процес, и самите водечките луѓе на Унијата, како претседателот на Франција – Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел, тврдеа дека со овие финални чинови се исполнува и клучниот услов за членство на Македонија во ЕУ.

Но од денешна перспектива на случувањата, во моментите пред вистинската одлука (самиот на Советот на Европа во јуни), и по состанокот на премиерот Зоран Заев со канцеларката Меркел се чини дека најверојатно наскоро нема да се исполнат ветувањата на лидерите на Унијата. Тоа е така бидејќи тие сега ретерираат од своите тврдења и поставуваат сосема нови услови. Македонското членство по сѐ што направиме сега зависи пак од политичките случувања во соседна Албанија во кои не сме инволвирани на никаков начин. Дополнителна тежина и загриженост за евентуална нова пречка е и однесувањето на Бугарија, каде што и по потпишаниот договор постои опасност да бидеме блокирани доколку не ја прифатиме вистината за историјата низ призмата на Софија. Вакви закани, дојдоа од изјавите на министерката за надворешни работи Екатерина Захариева и министерот за одбрана Красимир Каракачанов.
Добро упатените велат дека, всушност, овие политички настани во македонската јавност, со замената на старата пречка со сосема нова креираат клима дека се бара само нов изговор за неисполнување на ветувањата од европските лидери.

Во ваква поставеност на работите интересно за забележување од македонска перспектива на актуелните случувања, се тврдењата на политичката истражувачка Невенка Тромп, од Универзитетот во Амстердам (Холандија). Таа во своите јавни настапи ги истакнува своите сомнежи за лицемерство во намерите на меѓународната заедница кон државите од Западен Балкан. Во една своја паралела, Тромп прави аналогија на споредба на процесот за зачленување во ЕУ на државите од Западен Балкан со процесот на помирување на Германија по втората светска војна. По што таа констатира дека со сегашното однесување на меѓународната заедница, Германија никогаш не би можела, слично како балканските држави сега, да ги исполни условите од Копенхашките критериуми за да стане членка на ЕУ.

Тромп нотира дека меѓународната заедница посакува перманентна нестабилност во нашиот дел од светот, бидејќи, според неа, на овој начин се контролираат политичките процеси во регионот и големите сили имаат интерес на Балканот да нема стабилност, да не постојат држави што не функционираат поради редица од геостратегиски цели.
За потсетување, во минатото имаше и други надворешни случувања, не поврзани со нашата држава, кои исто така божем „силно“ влијаеја врз исполнувањата на стратегиските цели.

Во 2015 година кога светот и Европа ги зафати мигрантската криза, Македонија се најде на браникот од Европа и тогаш од нас се бараше да не ги затвораме границите и да ги удомиме мигрантите до Блискиот Исток и од Африка со што наводно ќе ги покажеме европските вредности преку дејствувањето на македонските политики.
Најновите истражувачки сознанија околу бегалската криза изнесуваат интересни и фрапантни констатации, кои велат дека бегалската криза била креирана од одредени центри на моќ, а сето тоа била добро смислена геоекономска и геополитичка операција од големи размери.

Па, така, според добро упатени извори, мигрантската криза била фингирана за да се создаде нов распоред на политичките сили во Европа, а со тоа и да се оформи иден европски пејзаж откога ќе стивне хаосот од мигрантите, а сето тоа говори за лицемерството во намерите на големите сили кон остварувањето на своите скриени цели (економски и политички).

Претходно на крајот од деведесеттите за времето на војните на Балканот, Македонија беше зафатена и со друга хуманитарната криза, која потекнуваше од огромниот непропорционален наплив на бегалци од соседно Косово, кои пристигнаа во земјата. И тогаш како во сите претходни примери европските лидери инсистираа дека ако сакаме членство во евроатлантските институции треба да ги прифатиме без компромис сите бегалци од војната во соседството, на кои нашата држава во тоа време едноставно не можеше да им ја понуди бараната помош. Сите овие работи се показатели што говорат дека големите и моќните си играат мачка и глушец со помалите и зависните.
Доколку сакаме, земјата да не западне во водите на евроскептицизмот и да продолжи понатаму по нејзиниот евроинтегративен пат, треба да се најде успешна формула со која ќе биде надмината ваквата перманентна хипокризија на меѓународната заедница кон нашата држава и, секако, многу повеќе да си веруваме самите себеси отколку на другите однадвор.

[email protected]