Македонија деновиве го доби својот најнов извештај од Европската комисија, кој е само еден од морето документи од Брисел што земјата ги има добиено во период подолг од две и пол декади. Но ајде да ја свртиме приказната од еден друг агол и барем хипотетички да претпоставиме што може Македонија да напише за ЕУ. Што имаме ние да нотираме како забелешка, препорака или оцена за поведението на ЕУ сиве овие изминати години и декади. Тоа, несомнено, би бил еден подолг документ можеби на стотици страници, во кој ќе бидат претставени само вистински, проверени и веродостојни факти и показатели врз основа на долгогодишното искуство

Македонија неделава го доби својот најнов извештај од Европската комисија, во кој се нотира дека нашата држава продолжува да ги исполнува условите за отворање на преговорите за членство, при што се демонстрира и цврста заложба за побрза интеграција во Унијата. Во најновиот документ на Брисел за Македонија, кој веќе во земјава не предизвикува возбуда, практично нема ништо ново. Иако Македонија добива добри оцени за спроведените реформи, сепак рампата за отпочнување на пристапните преговори останува и понатаму спуштена, овој пат поради бугарското вето.
Во извештајот, кој е објавен во Стразбур, иако сме пофалени дека сме го задржале постојаното напредување во делот на ЕУ-реформите и сме ги зголемиле напорите за испорачување конкретни резултати, се напоменува и дека билатералните прашања со Софија мораат приоритетно да бидат решени ако некогаш сакаме да станеме членка на Унијата.
На ваков начин се добива впечаток дека еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи, како да облекол навивачки дрес за Бугарија и покрај тоа што Софија уценува и на некој начин врши криминал со своите апсурдни барања кон Македонија.
Последниот извештај на Европската комисија е само уште еден документ, кој е како капка во морето извештаи и препораки кон Македонија во нашиот пат кон ЕУ „долг“ две и пол декади. И во овој документ од претставниците на политичкиот естаблишмент во ЕУ, врз начинот на кој е испишана содржината и се упатени пораките, се забележуваат навивачките тенденции на ЕУ кон Бугарија, која, пак, нѐ спречува да станеме членка на Унијата.
Нашето горко искуства со извештаите на Унијата нѐ научи дека документите низ годините го менуваа и своето име. На почетокот тие се нарекуваа европски бенчмаркови, а како што минуваа годините прераснаа во препораки, за од неодамна да бидат повторно преименувани и да бидат насловени подглавја, иако во суштина ништо не донесеа за Македонија, ниту, пак, нѐ доближија до Унијата.
За состојбата да биде поиронична, освен имињата на извештаите на ЕУ се менуваше и методологијата на пристап на балканските држави кон организацијата.

Кога Македонија конечно го фати темпото на веќе утврдените правила за прогрес и кога се доближивме пред портите на ЕУ, тогаш наеднаш се појави и францускиот нонпејпер. Во оваа не толку дамнешна точка засекогаш се смени моделот за тоа како земјите ќе можат да станат членки. Се воведе нов систем што во себе даде можност државите бескрајно да бидат заглавени во некаква неизвесна ситуација, во која никогаш нема да можат да станат членки на сојузот. Но настрана сите овие децениски игри и подметнувања од страна на Унијата. Ајде да ја свртиме приказната од еден друг агол и барем хипотетички да претпоставиме што може Македонија да напише за ЕУ. Што имаме ние да нотираме како забелешка, препорака или оцена за поведението на ЕУ сиве овие изминати години и декади. Тоа, несомнено, би бил еден подолг документ можеби на стотици страници, во кој ќе бидат претставени само вистински, проверени и веродостојни факти и показатели врз основа на долгогодишното искуство.
Хипотетички, ако барем еднаш Македонија добие можност да напише извештај за ЕУ, во обратна насока, со сигурност овој документ ќе биде многу обемен.
Првото нешто што може да се истакне во него е контрадикторноста на условите што сега ѝ се испорачуваат на Македонија. Имено, ако овие барања во минатото би важеле за некои од сегашните членки на ЕУ, особено за Бугарија, која е една од најкорумпираните земји во Европа, и за Грција, која беше девастирана од должничка криза, тогаш веројатно денеска европското семејство ќе беше неколкукратно помало и без голем дел од сегашните членки, меѓу кои и без Бугарија и без Грција.
Во македонскиот извештај за ЕУ би се истакнало и дека сегашните политики на Унијата воопшто не ја изразуваат волјата на самата ЕУ, односно принципите на кои се темели заедницата, а се предвидени во Копенхашките критериуми од 1993 година и со Мадридскиот критериум официјализиран две години подоцна во 1995 година, во кои се посочува што треба да исполнат земјите-кандидати за пристапување во ЕУ.
Во овие меѓународни документи јасно се истакнува кои услови треба да ги исполнат кандидатите за членство во ЕУ. Во овие документите никаде не стои дека државите треба да се откажуваат од своето уставно име или од своето минато, историја, идентитет, јазик итн. Во македонскиот извештај за ЕУ ќе се нотира и криминалното однесување на Унијата кон меѓународното право, нејзиното поддржување и прифаќање на методот на уцени, притисоци итн.

Натаму во нашиот извештај за ЕУ треба да се напомене дека нема никаква логика услов за влез во ЕУ да биде одредена земја да се откаже од својата славна историјата, антифашистичката борба и да ги променува учебниците.
Македонија не може да го покрие ниту испере туѓиот срам од своето минато и историја без разлика што таа земја е актуелна членка на ЕУ. Тоа исто така ќе се нотира до македонскиот извештај до ЕУ.
Македонскиот документ со сигурност ќе ги нотира и неморалноста и неисправноста на застојот за проширување што земјите од Балканот ги става во чекалницата. Во извештајот детално ќе се испишат и сите децениски преговори, отстапки, компромиси, откажувања, смени на знамето и Уставот, па дури и на уставното име на државата, како наши жртви на патот кон ЕУ.
Како што сега стојат работите, македонскиот извештај наменет за ЕУ е само фикција. Но би било пожелно да поверуваме дека Брисел навистина барем ќе ја сфати пораката. Ќе успее да разбере дека со непринципиелна политика кон Македонија, мотивирана од уцени на земји-членки што вршат и притисоци кон земјата и се обидуваат максимално да ја обезличат македонската држава, нашиот идентитет, нација и јазик, не се унапредува Унијата, туку само се уназадува и разградува. Не случајно народот вели, не прашувај гаталец, туку прашај паталец. Во таа смисла, Македонија навистина има многу што и да каже и да укаже. А можеби и да ѝ ги отвори очите на Унијата.

[email protected]