Македонска крвава свадба, втор дел

Свадба не треба да почне и да заврши со пукање. Свадбата е чин на „дарување срце и љубов“, а оружјето нема срце. Тоа досега убило и ќе убива уште многу срца. Срца на невини жртви, завило многу мајки во црнило, растурило многу семејства и уништило голем број мигови за прослава…

Пукањето од огнено оружје на свадби или како чин на прославување на раѓањето дете, особено машко дете, во минатото било начин да се известат соседните села за убавиот настан што се прославувал. Тоа е традиција што се родила во планинските области на Балканот и според цивилизациските придобивки во ерата на интернетот, кога секој има пристап до него и до социјалните медиуми, не би требало да се користи застарениот обичај на пукање, бидејќи веста многу лесно може да се прошири на социјалните мрежи и сите да бидат известени за убавиот настан, независно дали се работи за свадба, принова, свршувачка или, пак, некој друг убав повод.
За жал, жителите на нашата земја строго се држат до традицијата кога е во прашање користењето оружје на прослави. Сѐ уште постои обичајот да се пука од огнено оружје како чин со кој се известуваат другите.
Независно дали станува збор за огнено оружје, петарди или огномет, во земјава на големо се користат сите горенабројани.
Свадба. Убава прослава што треба да биде веселба на која се прославува крунисаната љубов помеѓу двојката и наместо веселба, на големо се слушаат пукотници небаре е отворен нов фронт. А токму тука, околу веселите гости трчаат дечиња што можат да настрадаат од непромисленото пукање на некој од најблиските гости на штотуку венчаните или, пак, невестата и младоженецот.

Скопје за овие настани ечи од сите страни и не, не пукаат само како што многумина сакаат да кажат „од левата страна на Вардар“. Тоа воопшто не е точно. Тој што видел знае дека не е важно дали станува збор за Македонци или за Албанци, пукањето е застапено и кај двете страни, а тоа го знам затоа што сведок сум на голем број свадбени прослави кај двете страни.
Министерството за внатрешни работи секое лето го користи за голем број апели и кампањи меѓу кои е и оваа тема. Свадбите се најактуелни во летниот период бидејќи тогаш сите си доаѓаат дома од странските земји. Во овој период од годината има и најмногу пукотници, но и огномети.
Пукањето не е само нарушување на јавниот ред и мир, не е само нарушување на нечиј сон или плашење на некое дете. Тоа е ризик за општата безбедност на сите, не само на учесниците на прославата. Непромисленото однесување на тој што го зел оружјето во раце лесно може да го чини и затворска казна од една до пет години.
Сепак, тоа не ги одминува кршењата на многубројните законски норми.
Свадбата не почнува со чинот на веселба. Хронолошки гледано, се почнува со пристигнување по невестата, па така низ улиците кога свадбарите возат, често можат да се забележат деца седнати на вратите од отворените прозорци на возилата што сообраќаат низ улиците. Загрозувањето на детските животи воопшто не е причина за таквото несовесно сообраќајно однесување да заврши. Постојано и секојдневно низ улиците на Скопје може да се забележи оваа појава. А законот вели дека дете мора да се вози на задните седишта врзано со безбедносен појас. И да не треба да седи одзади, детето, па и возрасните мора да се возат седнати во автомобилот и повторно обезбедени со појас. Поради тоа и изминатиот период сообраќајната полиција е насекаде во земјава, за да обезбеди почитување на сообраќајните закони и повторно, за жал, бројката на санкционирани никако да се намали.

По пристигнувањето по невестата, почнува делот на прослава во кој задолжително се слушаат петарди за кои се задолжени децата. Се чини дека многумина ги сметаат петардите за „безбедни“ бидејќи тие се наменети за децата, небаре се некаква играчка за нив. Попатно, некој од возрасните ќе го земе пиштолот во раце и ќе го одбележи чинот испукувајќи цел шаржер во воздух. Неретко се слушаат и автоматски пушки, чиј звук ги вознемирува топлите летни ноќи додека сите уживаат во своите домови, на терасите или, пак, во прошетките во вечерните часови.
На крајот се знае. Огнометот. Неовластено и аматерски се пуштаат огномети, притоа воопшто немајќи малку милост за сите што немале прослава и легнале да спијат. Огнометот е тој што ги крева сите од кревет. Ечат околните куќи, ехото го прави звукот од огнометот уште посилен, деца се будат и расплакуваат од страв, повозрасни рипаат од креветите и сето тоа затоа што нешто се слави.
Според едно истражување, покрај свадбите, со пукотници се прославуваат и празниците како што се Божиќ, Нова година и Велигден. Косово, Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија и Србија. Ние сме таа црна точка на европскиот континент, како да сме изолирани од сите цивилизациски придобивки, како кај нас да владее дамнешниот и легендарен Див Запад.

Што е заедничко за сите пукотници од оружја, петарди и огномет? – Жртвите. Тие се белегот на ваквото ренџерско однесување, тие се платената цена на неконтролираното нивно користење.
Страдаат невини луѓе и мали деца. Децата најчесто страдаат од палењето на петардите и на огнометот, но сепак тоа не значи дека немало повредени од заскитан славенички куршум, кој, патем и покрај тоа што е испукан во знак на прослава, може да убие и да одземе живот исто како и во војна.
Па, зошто тогаш толку пукање? Докажување дека имате оружје? – Пред кого, за кого, зошто?
Нели е доволно да се пушти музика, да се прослави со убаво друштво во кругот на најблиските и најсаканите? Свадба не треба да почне и да заврши со пукање. Свадбата е чин на љубов, а оружјето нема срце. Тоа досега убило и ќе убива уште многу срца. Срца на невини жртви, завило многу мајки во црнило, растурило многу семејства и уништило голем број мигови за прослава…

[email protected]