Македонија стана Малезија

Со премолчување ништо не се постигнува. Особено не во услови кога се врши атака врз Македонија по различни основи. Потребна е реакција секогаш кога ќе се увидат нечија злонамерност, грешка или што и да е, и да не се дозволи да се валка образот на нашата земја

„Вистината секогаш може да биде жртва ако биде злоупотребена поради искривени намери“, ова е една од попознатите реченици што некогаш ги кажал светски познатиот чешки писател Франц Кафка, која можеби може да се примени во домашната и во светската јавност во моменти кога беше публикувано истражување на „Галуп“, поврзано со толерантноста кон бегалците и мигрантите во светот. Токму во ова истражување на „Галуп“ се посочува дека Македонија е на врвот на листата на нетолерантност кон овие луѓе што, се разбира, е далеку од вистината.
За потсетување, според истражувањето на „Галуп“, Македонија има најнизок индекс во светот за прифаќање на мигрантите, 1,46 од можни 9 поени. Зад нас втора е Унгарија (1,64), трета е Србија (1,79). На табелата за нетолерантност кон бегалците следуваат повеќе земји од регионот и од светот, односно Хрватска (1,81), Босна (1,85), Црна Гора (1,87), Летонија (2,25), Малезија (2,24), Тајланд (2,48), Словачка (2,52) и Турција (2,53). Токму ваквите бројки и посочени индекси во анкетата ја брануваа експертската јавност да се посомнева во релевантноста на истите тие, за да се види каде настанала грешката.

Колку една анкета е релевантна зависи и од авторитетот на агенцијата што ја прави, но и од податоците што се користат во неа, од аналитичкиот пристап на истражувачите и, најбитно од сѐ, од вкрстените резултати со други слични сондажи и истражувања од релевантни публикации на меѓународни институции, кои исто така ја обработуваат темата со мигрантите, азилантите и бегалците во светот.
Сѐ на сѐ сумирано, сериозни истражувања и наоди на проблематиката не смеат да се темелат на произволни толкувања или импровизации. Секоја анкета мора да се темели на веродостојни факти, добиени од точна методологија при работата, кои ќе ѝ бидат презентирани на јавноста преку јасни критериуми, дури и кога се испишува и најкраткиот ред од тој документ, кој цели на исклучително битна проблематика за светот.
Но очигледно со последниот случај, во кој се споменува Македонија во едно негативно светло, тоа не било така. Авторите на анкетата во „Галуп“ намерно или случајно ги измешале констатациите, бројките и фактите, односно како што нашиот народ милува да се изрази „измешани се и баби и жаби“.

Имено, нашата земја и нашиот народ во анкетата се претставени небаре се светски лидери во нетолерантност и нехуманост кон повеќе од милион луѓе што минаа за време на бегалската криза од 2015 година, но и по ова случување низ нашата земја и регионот. Оваа зачудувачка констатација на „Галуп“, која би требало да е крајно сериозна организација, е контрадикторна од сличните многубројни извештаи на оваа тема за Македонија од Обединетите нации, од Европската Унија, од Владата на САД, но и на безброј значајни хуманитарни светски организации, научни институти, универзитети и аналитички центри. Во сите други публикации, соопштенија и истражувања Македонија се споменува како најсветол пример за хуманитарен пристап кон мигрантите и беглаците, а нашиот народ дури и беше пофалуван за своето „широко срце“ и несебично гостопримство за сите оние од Африка, Блискиот Исток и Азија, кои врвеа и врват низ околните коридори, барајќи ја среќата кон Европа. Македонија, за разлика од некои држави во Европа и во регионот, не постави тенкови на границите, а нашите војниците и граничарите физички не се пресметуваа со бегалците и мигрантите. Дури имаше и случаи кога чамци и бродови со мигранти беа потопувани од некои европски држави.

Добро упатените познавачи на проблематиката велат дека е возможно податоците да се такви бидејќи „аналитичарите“ во „Галуп“ направиле и превид во калкулацијата, измериле сентимент на лица наместо реална состојба или, пак, едноставно актуелните резултати на анкетата можеби се должат и на чест и едноставен превид во работата на многубројниот тим на организацијата. Односно, кога се работи во огромни интернационални организации и кога се сумираат статистички податоци од целиот свет за ваква обемна анализа, честопати е возможно да се помешаат калкулациите, во смисла, на пример, барајќи ги информациите за Македонија (Мацедониа) да се помешаат со информации за Малезија и така да се стигне до погрешната слика што ја имаме во документот.

Како и да е, на оваа намерна или ненамерна грешка во истражувањето треба да се реагира, од сите фактори во нашето општество. Иако „Нова Македонија“ беше прва со своја реакција на проблемот, сличен чекор треба да преземат и други институции, но и невладини организации, кои треба да им укажат на лицата во „Галуп“ дека сознанијата не им се точни и дека тие не соодветствуваат со реалноста.
Со премолчување ништо не се постигнува. Особено не во услови кога се врши атака врз Македонија по различни основи.
Потребна е реакција секогаш кога ќе се увидат нечија злонамерност, грешка или што и да е, и да не се дозволи да се валка образот на нашата земја, која со векови негува традиции за толерантност, гостопримство и хуман пристап кон сите.

[email protected]