Македонија обединета, сега и веднаш

Како да не се научени лекциите од нетранспарентноста, некоординираноста и подвоеноста при носењето и спроведувањето на Преспанскиот договор, па се чини дека и дефинирањето на „новото добрососедство“ со Бугарија се спроведува преку тесна елитистичка политичко-дипломатска комуникација. Таквата практика несомнено предизвикува револт во македонската јавност, кој може да предизвика резонанција на поделби со несогледливи последици, дури и за оние што се уверени дека „сѐ лесно ќе поминеа“ како првиот пат (со Преспанскиот договор) и ќе можат да ги контролираат последиците. Секако, секоја разединетост е во интерес на оние што уценуваат! На Македонија овој пат повеќе од кога и да е ѝ се потребни сплотеност и обединетост по стратегиските прашања за граѓаните и државата

Македонија, ставена на нишалката на променливото расположение на земјите-членки за проширување на ЕУ, по настапот на Бугарија со нејзините причини за вето на преговарачката рамка, се чини дека е блиску до состојба на силна општествена резонанција. Резонанцијата како својство на брановото движење е категорија на науката за физиката, која се дефинира како тежнеење на системот на осцилира со поголема амплитуда на одредена фреквенција. Во зависност од структурата на системот, при резонанција тој може да се деформира, оштети, па дури и да се распадне. Оштетувањето (па дури и распадот) се случува како на пример при вртење на оската, кога фреквенцијата на вртење ќе се совпадне со фреквенцијата на оската, па доаѓа до нејзино искривување. Најкарактеристичен опит за резонанција е оној со двете звучни виљушки, кога се удира едната, но трепери и онаа што не е удрена.
Неодамнешното интервју за бугарски медиум на македонскиот премиер Зоран Заев, каде што (веројатно во обид да ја одоброволи бугарската страна за повлекување на ветото и да се овозможи придвижување на Македонија кон ЕУ) искажа свое видување за важни историски тези што допираат и до темелите на македонската државност и национална автохтоност, предизвика силни осцилации од политички реакции во македонското општество, што речиси е доведено до состојба на резонанција.
Прашањата сега се дали, кога, како и во колкава мера оваа резонанција ќе предизвика последици врз традиционалниот историски наратив на кој се темели актуелната македонска држава, но и на евроинтеграциите што се дефинирани како стратегиска визија за европска иднина на Македонија.

Процената на самиот изведувач на интервјуто со македонскиот премиер е дека тоа предизвикало потрес во македонското општество со интензитет на земјотрес од девет степени. Кога се случува потрес со таква силина, па дури и да е од политичка природа, сепак функционираат „законите на физиката“ и очекувано е по него да следува серија „афтершокови“, со помал, но и понатаму загрижувачки интензитет што може да предизвика нови оштетувања.
Мотивите на бугарската политика за предизвикување општествено-политички земјотрес во Македонија се толку нескриени, што нејзините лидери (министрите Захариева и Каракачанов) на антимакедонската кампања пред ЕУ, ги сметаат за сосема легитимни. Со секоја реакција на македонското општество на нивните провокации во контекст на флоскулата „заедничка историја“ со Македонија (што тие ја толкуваат исклучиво како бугарска), Бугарија добива аргумент пред ЕУ за непочитување на Договорот за добрососедство од страна на Македонија. Токму затоа и толку упорно настојува спроведувањето на Договорот за добрососедство да добие посебно поглавје во преговарачката рамка на ЕУ за Македонија и токму затоа го ефектуираше ветото за неа на состанокот на Советот на министри на ЕУ, на 17 ноември. Исто така, Бугарија (и ЕУ) е свесна дека Македонија нема голем простор за дипломатско маневрирање во смисла на отстапки за бугарските услови за повлекување на ветото. Секој обид за приближување, дури и глумење за прифаќање на бугарските гледишта за заедничка историја, значи активирање на спиралата за разградување на непобитниот факт за автохтониот историски идентитет на македонската нација. Иако ЕУ, на македонско-бугарскиот случај гледа како на билатерален спор, бугарската позиција и инсистирање на „заедничка историја“ со Македонија води кон патот на ревизионизам на факти од светската историја и вредности на кои се темели самата Европска Унија – како антифашизмот. Во ЕУ може да се зборува за политичка коректност во изразувањето, во однос на болните прашања од заедничкото (не толку далечно) минато, но барем досега не е пласиран наратив во кој се променети улогите и страните на учесниците во Втората светска војна.

Бугарија не само што се обидува да ги пресече корените на македонската историска автохтоност, преку барањето за утврдување на етничката припадност на македонските револуционери од крајот на 19 и почетокот на 20 век, туку оди голем чекор понапред во чистењето на своето минато од Втората светска војна, обидувајќи се својата окупација на македонската територија во таа војна, денес во Македонија да се изучува како „администрирање“. И тоа наспроти историски и правно потврдените факти во светската историографија дека Бугарија била на страната на фашистичката оска во Втората светска војна.
Заплеткувањето на македонските евроинтеграции во пајаковата мрежа на историски небулози исплетена од бугарската политика, парадоксално, но реално, ги продлабочи пукнатините на општествените поделби во Македонија. Исто толку парадоксален е феноменот на македонската политика за немање желба за манифестирање обединетост и заедничка платформа пред големи и клучни политички одлуки за државата. Како да не се научени лекциите од нетранспарентноста, некоординираноста и подвоеноста при носењето и спроведувањето на Преспанскиот договор, па се чини дека и дефинирањето на „новото добрососедство“ со Бугарија се спроведува преку тесна елитистичка политичко-дипломатска комуникација.

Таквата практика несомнено предизвикува револт во македонската јавност, кој може да предизвика резонанција на поделби со несогледливи последици, дури и за оние што се уверени дека „сѐ лесно ќе поминеа“ како првиот пат (со Преспанскиот договор) и ќе можат да ги контролираат последиците. Секако, секоја разединетост е во интерес на оние што уценуваат! На Македонија овој пат повеќе од кога и да е ѝ се потребни сплотеност и обединетост по стратегиските прашања за граѓаните и државата.