Македонио Бандера(с)

Замислете илјадници Македонци фигуративно живееле на една бандера во Бугарија. Која патолошка симболика! Меѓу народот има изрека што сликовито ги дефинира ваквите и слични забеганости па се вели – „да не ви недостига некоја бандера во главата!“ Во минатото на бандера обично се прикачуваа тажните помени со слика на починатите. Но новото време изгледа донесе и нови трендови, па сега на бандери се регистрираат однародените Македонци и се евидентираат како нови благонадежни Блгари! Сето ова дополнето со амнестија, политички пазарања, шпионажи за ЦИА, можеби, е доволен материјал за некој акциски филмски трилер, со работен наслов – Македонио Бандера(с). Потресна приказна за тоа како бандерата (дрвена или во главите) стана синоним на нашето битисување и опстојување

Крајот на годината по обичај се користи за ретроспектива на случувањата и пресек на остварените резултати и ветувања. Се избираат настани, личности па и зборови на годината. Таа традиција во современиот свет опстојува со децении наназад, и секако се префрли и кај нас. Во тој правец на држење чекор со светските трендови и нашиот весник повеќе години едноподруго организираше свој избор на личност на годината, преку јасно дефинирани критериуми и широка селекција. Основната цел беше да ги пронајдеме личностите, кои со својот ангажман и дејствување придонеле и придонесуваат за афирмација на Република Македонија во пошироки меѓународни рамки. Личности преку кои се препознава и Македонија во светот во најпозитивно светло. За жал, како што одминуваа годините изборот стануваше сѐ потесен и потесен до моментот кога ќе сфатите дека станува поголем бројот на оние што на еден или на друг начин ја деноминираат, деафирмираат, деградираат државата отколку обратно.

Дека синдромот на себеуништување сѐ подлабоко го инфицира македонското ткиво, и се величат оние што ги распродаваат државните интереси наместо да ги бранат и промовираат. Дека се поминува и црвената линија на нешто што значи достоинство, правичност и законитост. Во вакви околности болно и поразително е чувството кога ќе прочитате дека висок државен функционер шпионирал и пренесувал доверливи податоци за странски служби. Или примерот со бандерата за струја во Бугарија, која била наведена како адреса на живеење на која се регистрирале Македонците за добивање бугарско државјанство. Тоа само го покажува нивото како Македонец деградира Македонци, односно државен функционер го омаловажувал и понижувал својот народ, и во обратна насока каков е односот на странските држави кон нас преку примерот со бандерата.

Замислете, илјадници Македонци фигуративно живееле на една бандера во Бугарија. Која патолошка симболика! Меѓу народот има изрека што сликовито ги дефинира ваквите и слични забеганости па се вели – „да не ви недостига некоја бандера во главата!“ Во минатото на бандера обично се прикачуваа тажните помени со слика на починатите. Но новото време изгледа донесе и нови трендови па сега на бандери се регистрираат однародените Македонци и се евидентираат како нови благонадежни Блгари! Сето ова дополнето со амнестија, политички пазарања, шпионажи е доволен материјал и за некој акциски филмски трилер, со работен наслов – Македонио Бандера(с). Последниот збор нема врска со презимето на прославениот холивудски актер туку повеќе со бугарската бандера, со препознатливото „с“ на крајот како задолжителна грчка додавка на презимињата.

Но овие показатели говорат и дека несомнено повеќе на сцена е однародувањето отколку збратимувањето, сегрегација наместо интеграција, и дека некако целосно се измешаа поими и границите за она што нормалност, законитост, правда и правичност.
Во таа насока воопшто и не сме зачуди што токму зборот правда и избран за збор на годината за 2018-та на популарниот речник Вебстер. Пребарувањето на зборот „правда“ годинава пораснало за 74 отсто во споредба со минатата 2017 година. Дури и американскиот претседател Доналд Трамп во своите настапи најчесто го употребувал зборот правда. Тоа само покажува дека светот е жеден за правда. Дека не само во Република Македонија туку и на глобално ниво постои сериозен дефицит на правда.
Поимањето на правдата деновиве е во фокусот и на македонската јавност преку донесувањето на Законот за амнестија за настаните од 27 април и различните толкувања, кои тој ги предизвикува во јавноста. Правниците главно го оценуваат како контроверзен и контрадикторен, а имавме и една интересна порака од влијателен странски амбасадор, кој предупреди целиот процес да не станел, реципрочна амнестија меѓу мафијаши, туку да биде за задоволување на генералниот интерес. Мене овде највпечатливи ми се квалификациите реципрочна и мафијаши. Еве уште еден нов заплет и интересна сентенца за сценариото за филмот Македонио Бандера(с).
Кои се мафијашите, дали се тие во политиката, судството, Собранието… никој не потпраша, ниту пак побара објаснување!

Па кога може странски амбасадор да се расфрла со вакви зборови и квалификации, ќе си дозволам слобода да понудам свое автентично толкување на предложениот закон со компаративна анализа на претходните искуства.
Тезата е следна. Што ќе се случи доколку сега донесениот закон за амнестија, со кој се изземат од помилување, односно амнестијата не важи за организаторите и насилниците, односно за лицата што директно учествувале во крвавите настани од 27 април, се преслика и се однесува и важи за конфликтот од 2001 година. Да појаснам – Законот за амнестија од 2018, до точка и запирка, да се примени и за случувањата од 2001 година.

Тогаш веројатно целото раководство на владејачката ДУИ, претседателот на партијата, претседателот на Собранието, пратеници, министри, градоначалници… би завршиле во затвор. Зашто токму тие беа организатори и директни учесници во оружениот конфликт од 2001 години, кој однесе голем број жртви и до ден-денес не се расветли судбината на исчезнатите. Но и тогаш како и сега изгледа политички поопортуно беше сторителите на тешки кривични дела да се помилуваат и да влезат во власта, како што сега дел од обвинетите се помилуваат за да гласаат за промена на Уставот и уставното име.

Може ли ова да се нарече правда? Зошто и студентите од права година на право знаат дека половичната или селективна правда е всушност најголема неправда. Уставот и законите мора да важат еднакво за сите, а не да се третираат како монета за политичко пазарење и поткусурување што, пак, е вовед во беззаконие и хаос. Деновиве демек како некакво оправдување циркулираат тези дека кога можеле да се амнестираат воени злосторници во 2001-та, зошто не би можеле и сега да се помилуваат пратеници, кои само им отвориле врата на демонстрантите.

Тука е и проблемот. Сѐ додека и политиката и правото се третираат како експеримент каде што сѐ може да помине, каде што можете да ги мешате супстанциите (идентитет, јазик, самоопределување) како што ќе ви текне, да преиначувате историски факти и документи уште повеќе и ќе се оддалечуваме и од национално помирување, национално обединување, но и од нашата евроатлантска интеграција. Во таа насока сакам длабоко да верувам дека само и единствено во законитоста се слободата и просперитетот на државата и на сите нејзини граѓани.

Сѐ друго што е спротивно на уставните и законски акти, што се темели на партиско-политички интереси, а не на владеењето на правото води кон општ хаос и отвора можности за нови и подлабоки конфронтации. Сето тоа продуцира материјал за смислени филмски сценарија наместо услови за реален и достоинствен живот.