Лицемерството на општеството се прикрива во јазикот

Јазичните облици што ги носат идеологијата и предрасудите за жената длабоко се радикализирани во нашата структура на слушање, па, така, тешко ги препознаваме. Тоа е нивното најопасно обележје. Да не заборавиме дека секој вид дискриминација во општеството е недозволива, па и онаа во областа на јазикот

И повеќе од еден век откако Клара Цеткин, заедно со Роза Луксембург, како една од главните личности на левото револуционерно крило на партијата, ја поведе борбата за рамноправност и право на глас за жените и во 1911 година ја организира прославата на првиот Меѓународен ден на жената, 8 Март, многу прашања остануваат отворени. Во пресрет на годинашните осмомартовски чествувања ќе се осврнам на едно од нив – темата на сексизмот во јазикот, а поттикната од неодамнешната објава на нашата писателка и докторка по филозофија Кица Колбе, која постави прашање зошто сѐ уште во македонскиот јазик не постои соодветна женска именка за професијата филозоф. Темата предизвика жестока дискусија на социјалните мрежи, а учесничките укажаа на неопходноста од воведувањето граматички женски пандан за функции и професии, што ќе придонесе за јазично родово еманципирање. Освен во приватната комуникација, родовата дискриминација и сексизмот стануваат највидливи и во службените документи, масовните медиуми и многу други области од живеењето. Ваквиот вербален сексизам зависи од структурата на самиот јазик, но уште повеќе од свеста на оние што го (зло)употребуваат. Затоа и УНЕСКО во 1999 година издаде водич за употреба на родово неутрален јазик.

Постојат и други примери на јазичен сексизам. На пример, италијанската лингвистика Алма Сабатини пред повеќе години ги истражувала новинските четива и дошла до заклучок дека за фактот што организацијата на јазичниот универзум почива на мажот најдобро сведочи новинарскиот јазик, кој ликот на жената упорно го прикажува преку стереотипни фигури што никако не одговараат на општествената стварност, која оди напред. На пример, таа забележала дека во рубриката црна хроника жртвите на силување се детално опишани, како и нивната облека, многу прецизно се одредени должината на здолништето и отворот на деколтето, бојата на косата, а по можност и професијата, а неретко и она што се дознало за нивното однесување во општеството (се разбира, сето тоа ако жртвата има привлечен изглед), па со таквиот начин му се сугерира на читателот сѐ и сешто, па конечно и пресудата. Но ако жртвата е маж, најчесто не се наведуваат детали за неговиот изглед, туку само возраста и професијата.

Иако еднаквоста на правата на мажите и жените е утврдена со Уставот, таа во многу случаи останува само правно и морално начело, кое сѐ уште не е остварено во практиката на секојдневниот живот. Родовите предрасуди, често скриени зад параванот на објективноста, најчесто се пренесуваат и одржуваат во јазикот и јазичните облици. Иако се знае дека јазикот е активен учесник во општествената изградба на стварноста и дека може значително да го обликува и погледот на жената на денешницата, тој сѐ уште се смета само за средство на објективно пренесување на содржината, не мислејќи притоа дека тој јазик го контролира и манипулира нашиот ум. Јазичните облици што ги носат идеологијата и предрасудите за жената длабоко се радикализирани во нашата структура на слушање, па така тешко ги препознаваме. Тоа е нивното најопасно обележје. Да не заборавиме дека секој вид дискриминација во општеството е недозволива, па и онаа во областа на јазикот.

Познато е дека јазикот на масовните медиуми е подрачје во кое најмногу се дискриминира женскиот род, експлицитно или имплицитно. Но јазичните промени немаат премногу смисла доколку не бидат проследени и со други поголеми промени во оваа смисла. Бидејќи ако досегашната ноевска политика на нашето општество на самоинцидентното и случајно именување на поединечни професии во женски род (најголемиот број и натаму остануваат во машки) не ја менува битно ситуацијата, бидејќи на сите им е јасно дека таквите работни места и натаму остануваат резервирани само за машкиот род, па промената останува само номинална. Јасно е дека се неопходни посуштински промени, но отстранувањето на дискриминацијата во јазикот може да биде добар почеток.