Лидер и(ли) лидерски средби!

Наместо да се постигне целосен консензус меѓу власта и опозицијата за излез од општата криза во која западна нашата земја, македонските граѓани добија брзоплето организирана лидерска средба. Очигледно, одржувањето на оваа средба било само алиби за двајцата политичари да излезат од бесмислената состојба во која влегоа околу одржувањето на пописот, а во исто време да си направат и сопствена себепромоција, како најзначајни фактори во земјата

Корона-кризата, гледана преку здравствениот билтен на граѓаните во Македонија и во другите земји од Балканот, го достигнува својот максимум. Во медиумите во регионот главна вест се црните статистики за бројот на починати „во последните 24 часа“. Веднаш по неа следуваат дневните статистики за бројот на вакцинирани лица против ковид-19. Сите надежи на здравствените власти се свртени кон масовната вакцинација на населението, која во земјите од Балканот почнува со задоцнување, поради низа околности на домашен терен, односно препознатливата балканска инертност, но и поради геополитички игри што се случуваат на затворениот пазар на вакцини. Но како и да е, имунизацијата на граѓаните во Македонија, но и во другите земји од поранешна Југославија, почна благодарение на донацијата што ја обезбеди Србија во името на поранешната „братска поврзаност“.
Секоја криза или период во кој се случуваат големи потреси и промени е можност за националните лидери да ги искажат своите лични капацитети во наоѓањето брзи решенија. Се чини, српскиот претседател Александар Вучиќ најдобро се снајде во овој светски натпревар кој прв ќе ги обезбеди вакцините, во време кога во сите земји од опкружувањето се случува најголемиот и најсмртоносен бран од епидемијата на коронавирусот. Покрај ова, српската влада минатиот викенд им дозволи на граѓаните од другите држави (меѓу нив и од Македонија) да се вакцинираат во здравствените центри во Белград и во Ниш. Со ова Србија, односно нивниот претседател, ја промовираше „политиката на регионална солидарност“, која на Балканот е недоволно присутна.

Меѓутоа и овде дојде до израз препознатливата сомничавост кај балканските народи, секогаш кога станува збор за понудена помош од соседите, која за волја на вистината не секогаш била давана со искрени намери. Изминатите денови низ медиумите можеше да се сретнат повеќе анализи на политички аналитичари, но и од дежурните скептици, кои веруваат во некакви заговори за сето тоа што се случува за време на пандемијата. Иако за помошта од Србија во основа станува збор за хуман гест на една соседна држава, некои се обидуваат да најдат одговор на прашањето: зошто претседателот Александар Вучиќ ги донира вакцините што Србија ги купила за своите граѓани?! Одредени политички кругови овие потези на Вучиќ ги толкуваат како начин да се наметне и како регионален лидер. Но колку оваа ковид-дипломатија ќе му помогне во тоа останува неизвесно, особено што здравствената криза е нешто друго, затоа што сѐ уште постојат длабоки разлики меѓу земјите од регионот околу одредени отворени политички прашања. Коментаторот Горан Мишиќ, кој е член на Независното здружение на новинарите на Србија, во својата анализа објавена на „Ал џезира“ јасно порачува дека „Србија повеќе никому и никогаш нема да му биде лидер на Балканот, колку тоа на водачот му било нејасно и неприфатливо“. За неговиот став дава повеќе примери во блиската српска и балканска историја, секогаш кога некој се обидувал да се наметне како регионален лидер. Во прилог на ова Мишиќ ја цитира и изјавата на Богдан Богдановиќ, поранешниот најпознат градоначалник на Белград, кој во едно од писмата испратено до тогашниот Централниот комитет на КПЈ пишува „да, Србија е уморна, но не само од лидери туку и од полулидери“.

Доколку се отстранат сомнежите за некакви политички мотиви, потегот на српската влада да се донираат вакцините и да се овозможи бесплатна вакцинација за странските државјани имаше и силно влијание врз домашната јавност во Босна и Херцеговина и во Македонија, од каде што заминаа и најмногу граѓани на вакцинација во Србија. Тоа го отвори прашањето за (не)одговорното однесување на домашните лидери за време на корона-кризата, кои не се снајдоа најдобро во справувањето со „невидливиот“ непријател. Соочени со сѐ погласните критики од македонските граѓани, нашите водачи се обидоа да ја префрлат одговорноста едни на други. Минатата недела бевме сведоци на една непотребна расправија меѓу претседателот на државата Стево Пендаровски и министерот за здравство Венко Филипче, за тоа кој е виновен за „срамот“ што го доживеаја македонските граѓани, кои беа оставени самите на себе да наоѓаат начини да дојдат до спасоносната доза вакцини, но и за голготата што ја поминуваат од преполните болнички капацитети од јавното здравство и прескапите болнички услуги во приватните клиники, а сѐ со намера да го најдат спасот од болеста, која разорува цели семејства, во здравствена, економска и социјална смисла.

Секоја криза или период во кој се случуваат големи потреси и промени е можност за националните лидери да ги искажат своите лични капацитети во наоѓањето брзи решенија. Се чини, српскиот претседател Александар Вучиќ најдобро се снајде во овој светски натпревар кој прв ќе ги обезбеди вакцините, во време кога во сите земји од опкружувањето се случува најголемиот и најсмртоносен бран од епидемијата на коронавирусот

Наместо да се постигне целосен консензус меѓу власта и опозицијата за излез од општата криза во која западна нашата земја, македонските граѓани добија брзоплето организирана „лидерска средба“ меѓу Зоран Заев и Христијан Мицковски, а мотивот за тоа беше мошне апсурден. И додека за другите држави од регионот прашањето за одложување на пописот, во услови на крајно влошена здравствена слика, беше техничко и процедурално прашање на парламентите, кај нас беше неопходно да се сретне „двоецот“ лидери, иако за тоа потрошија многу месеци, во исто време кога народот се соочува со многу предизвици предизвикани од пандемијата. На оваа средба изостана постигнување вистински консензус меѓу власта и опозицијата за излез од здравствената катастрофа. По наводниот голем договор меѓу двајцата лидери продолжија секојдневните меѓусебни напади и непотребни препирки. Згора на ова, континуирано заседавање на македонскиот парламент и натаму е неизвесно поради различни опструкции. Очигледно, одржувањето на оваа средба било само алиби за двајцата политичари да излезат од бесмислената состојба во која влегоа околу одржувањето на пописот, а во исто време да си направат и сопствена себепромоција, како најзначајни фактори во земјата. По сево ова заклучокот би бил дека македонските граѓани „се уморни од вакви лидерски средби“.