Лекциите од ковид-19

Кризата покажа колку е важен здравствениот систем за едно општество. Таа покажа и колку повеќе треба да се почитуваат и да се ценат здравствените работници, кои несомнено се меѓу нашите херои на новото време

Пандемијата на коронавирусот речиси 1,5 месец во целост ни го смени начинот на животот. Сега, кога во најголемиот дел од денот, кој го поминуваме во (само)изолација и кога сите сме свртени кон нашите молитви и медитирања, дел од граѓаните се бараат себе во себеси. Штетите од пандемијата на глобално ниво, кои допрва треба да се пресметаат, уште од сега може да се каже дека се немерливи и тешко надоместливи, се мерат со милијарди евра загуби и илјадници изгубени животи.
Колку ќе изнесува „фактурата“ за штетата што (ќе) ја претрпи Македонија од пандемијата засега никој не знае да каже, па ни најголемите економски експерти.

Таа допрва ќе треба се „книжи“. Од друга страна, пандемијата, која го стави човештвото во „домашен притвор“, чинам нѐ принуди сите да се свртиме кон себеси, кон својот дом, семејството, најблиските, своите грижи или што би рекол игуменот на бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител “, архимандритот Партениј, да се најдеме себе во себеси. Ако не беше пандемијата, веројатно, многу сеќавања и животни приказни ќе останеа подзаборавени и никогаш немаше да бидат раскажани. Многу татини деца и внуци, кои постојано се на своите паметни мобилни телефони и кои освен нивните игри друго ништо не ги интересира, никогаш немаше да знаат кои биле нивните дедовци, баби, чичковци, па дури и мајки и татковци. Доколку не се случеше пандемијата и многу домашни албуми со слики ќе останеа заборавени и никогаш немаше да бидат отворени.

Дури сега, откако се најдовме во (само)изолација, чинам сфативме колку малку (не) сме се познавале не само себеси туку и меѓу себе. Парадоксално но коронавирусот, и покрај сиот ужас што го носи, како да успеа да зближи дел од семејствата и да покаже колку се важни семејните вредности, наспроти бесмислената трка по пари и привилегии. Домот стана повторно храм на семејствата. Тој не е повеќе хотелска соба само за преспивање, како што во минатото често се практикуваше.
Второ, од заразата и од пандемијата видовме и се уверивме колку е себичен светот и колку „Европа е без граници“. Државите, речиси сите без исклучок, откако претходно поради мигрантите се обиколија со бодликави жици, сега по пандемијата херметички се затворија во своите граници и водени од принципот спасувај се кој може, почнаа да водат сметка само за себе и за своите граѓани.

Од толку прокламираната (европска) солидарност остана многу малку. Во таква ситуација на Македонија не ѝ преостана ништо друго туку самата да бара спас за справување со пандемијата. Колку добро и (не)успешно го правеше тоа сигурно ќе се дебатира и ќе се расправа по завршувањето на пандемијата.
Исто така, кризата покажа и колку е важен здравствениот систем за едно општество. Толку многу оспоруваното македонско здравство, кое пред пандемијата постојано беше предмет на критика, навреди, па дури и физички напади врз лекарите, сега се најде во првите борбени редови, не штедејќи се себеси во интерес на јавното здравје. Кризата покажа и колку повеќе треба да се почитуваат и да се ценат здравствените работници, кои несомнено се меѓу нашите херои на новото време.

Едно е јасно, дека благодарение на македонските здравствени работници не нѐ снајде „цунамито“ од Италија, Шпанија, Франција, Велика Британија, каде што дневно умираа по стотици граѓани. Конечно и кај нас толку напаѓаните, оспорувани и понижувани здравствени работници доживеаја аплаузи на отворена сцена. Барем кога станува збор за Битола, дури сега битолчани се уверија колку е значајно превентивното здравство и со години практикуваната навремена имунизација на граѓаните од разни заразни болести, од страна на Центарот за јавно здравје. Најчесто ризикувајќи го својот живот, здравствените работници ризикуваа дури и да се инфицираат од коронавирусот само за да им помогнат и да им го спасат животот на болните пациенти од чумата на 21 век.
Иако тоа јавно никогаш не го кажале, но и илјадници наши сограѓани, кои се најдоа во странство, веднаш по пандемијата побрзаа да се вратат во Македонија да ја делат судбината со своите најблиски, чувствувајќи се тука свои на своето и (нај)безбедно.

Од некои од нив, што порано беше незамисливо, деновиве имавме можности да слушнеме дека дури сега, по пандемијата, тие во странство ја сфатиле и ја почувствувале суровоста на системите во кои живеат и работат и се увериле колку е подобро да си дома со своите најблиски. Некои од нив, иако поради сатанизирањето на кое беа подложени од некои несовесни (со)граѓани по враќањето од странство и нивното сместување во државен карантин беа доста лути, без задршка велат дека кога сево ова ќе заврши, ќе размислат дали повторно ќе се вратат таму од каде што дојдоа.

Иако во нормални услови тоа би требало да биде наше секојдневие, сепак дури сега по пандемијата на коронавирусот што нѐ погоди сфативме дека хигиената во градовите треба да биде постојана, а не повремена грижа на комуналните претпријатија.Иако можеби ќе изгледа цинично, но сепак дури по пандемијата на коронавирусот и по воведувањето на полициските часови видовме и се уверивме како светнаа нашите улици во градот, кои покрај тоа што беа исчистени, беа измиени и дезинфицирани.

Пандемијата веројатно (ќе) нѐ научи во иднина да чекаме во ред на одредена дистанца, а не на тие пред нас во редот, дали било во банка, пошта или во продавница, да им дишеме во вратот.Колку со овие нови правила на однесување и работење ќе се „инфицираме“ ќе покаже времето.Но убеден сум дека по пандемијата на корнавирусот ништо нема да биде веќе исто како што беше. Многу работи досега се сменија, а во наредниот период и натаму ќе се менуваат. Да се надеваме само на подобро.