Лекување ишијас со капки за очи

Македонската држава и нејзините граѓани со години страдаат од синдромот на погрешна дијагноза и промашена терапија за предизвиците и проблемите со кои се соочува државата на повеќе полиња. Во продолжение само накратко и низ примери за промашената дијагноза и носењето мерки што се контрапродуктивни во сферата на здравството, политиката, економијата, евроинтеграциите, владеењето на правото и за неопходноста од промена на терапијата во сите овие области

Лекарите од јавното здравство неделава излегоа на улица, да штрајкуваат против зачестените случаи на насилство врз нив. Притоа порачаа – ако нѐ тепате, нема веќе да ве лекуваме.
Во право се. Ги поддржувам во целост во нивните барања. Нападнат, повреден или лекар под притисок не може да одреди вистинска дијагноза и да му помогне на својот пациент.
Но што е со оние лекари што во нормални услови, без притисок, често ги промашуваат и дијагнозата и терапијата, експериментираат со здравјето на граѓаните и на тој начин ги изложуваат на ризик
Токму штрајкот на лекарите ме инспирира да ви раскажам една вистинска случка од минатата зима. Имињата на пациентот и лекарот не ги споменувам, бидејќи се небитни во приказната, но пораката е исклучително важна и поучна.
Минатата зима лицето А, како многумина наши сограѓани, закачува некаква вироза, настинка, грип што и да е. Како совесен пациент, веднаш оди на преглед кај матичниот лекар, за пропишување навремена терапија и превенирање евентуални последици. И терапијата почнува. Една недела по три капсули „алмацин“ на ден и потоа на контрола. Речено сторено. Неделата изминува, но состојбата не се подобрува.

Следува нова кутија капсули, овој пат со друго име – „зинат“. Но наместо мало гребење на грлото и зарипнат глас, како во почетокот, сега симптомите се влошуваат, а свирењето се спушта на белите дробови. Матичниот доктор се чуди и продолжува со експериментот. Пропишува уште три таблети „сумамед“. И тука малку ќе скратам, бидејќи ми отиде целата колумна. Зашто потоа следуваше и нова кутија „панцеф“, па уште една кутија други странски апчиња, па спреј за дишење „флутикасоне“ наредните два месеци. По безмалку 100 испиени апчиња, матичниот лекар, едноставно, останува без муниција за својот експеримент, пардон пациент. Нема веќе што да му пропише. Не дека лековите не се ефикасни, туку затоа што уште од почетокот на лекувањето целосно ги промашил и дијагнозата и терапијата. Од незнаење и нестручност. Притоа стравува и дека секоја нова пропишана капсула може да доведе до труење на крвта и фатални последица. Оттаму, на четвртата или петтата контрола, последен совет на матичниот лекар до пациентот е: Пиј повеќе вода и веројатно ќе помине само од себе. Ако беше до вода, зошто се труев со апчиња неколку месеци, се прашува зачудено пациентот и си заминува со мисла никогаш веќе да не се врати. За среќа, и зимата си заминува, времето се затоплува и пациентот закрепнува.

Вакви или слични вистинити приказни има мноштво, како што е голем и бројот на разочарани и незадоволни пациенти од условите и третманот во јавното здравство. Но тие не излегуваат да протестираат. Едноставно продолжуваат и понатаму да тропаат од шалтер на шалтер, од врата на врата во потрага по лек за своето нарушено здравје.
Наравоучение: како што од секое дрво не бидува свирче, ни од секој бел мантил не бидува лекар.
Но одредувањето точна дијагноза и пропишувањето соодветна терапија не се само изрази и термини што се однесуваат исклучиво на здравствениот сектор.
Овие поими, донекаде и проблеми, на еден или друг начин се безмалку идентични или ни се пресликуваат и во политиката, економијата, владеењето на правото, евроинтеграциите, борбата со криминалот и корупцијата итн. Сите овие области страдаат некогаш од нецелосна, другпат од неадекватна или, пак, од сосема погрешена дијагноза и, следствено на тоа, пропишување погрешна терапија. Носење мерки што се контрапродуктивни и не ги даваат очекуваните резултати. И сето тоа на штета на државата и на граѓаните.
Во продолжение само накратко ќе посочам по еден пример за секоја од споменатите области, за промашена дијагноза и неопходноста од промена на терапијата. Или, со други зборови кажано, за македонскиот феномен на лекување ишијас со капки за очи.

Во политиката речиси две децении се практикува пропорционален изборен модел со шест изборни единици, кој не само што не ги дава посакуваните резултати туку дополнително ги разболува и државата и системот.
Доколку сакаме вистинска изворна демократизација на државата, враќање на моќта на одлучување кај граѓаните, тогаш правата терапија е промена на изборниот модел и воведување една изборна единица со отворени листи.
Промашувањата, пак, во сферата на економијата се чини дека се најголеми и со најтешки последици. Така, во фискалната политика десетици години се практикува стратегија на фиксиран курс на денарот во однос на еврото, што не носи ниту пораст на БДП, ниту зголемување на извозот. Едноставно, целиот економски модел е конципиран така што или тапкаме во место или се враќаме наназад. Од друга страна, единствен успешен економски модел во иднина треба да биде оној што ќе обезбеди високи стапки на економски пораст. Тоа е вистинската терапија за секоја економија.

Порастот на економијата е многу важен и системски поврзан и со нашите напори на патот на евроинтеграциите. Со години и децении постојано се вергла во основа погрешна теза (дијагноза) дека преку влезот во НАТО и ЕУ ќе порасне економијата.
Но без притоа да се воочи и сфати дека токму слабите економски перформанси се нашата најголема кочница на патот кон ЕУ и НАТО. Ако сакаме да влеземе таму како рамноправни партнери, мора радикално да го промениме економскиот модел и да обезбедиме високи стапки на пораст. Никој не ве прима во своето елитно друштво само да ве храни и да му бидете товар на грбот. Или, како што тврдат политичарите, демек ЕУ ќе нѐ храни, НАТО ќе нѐ брани.

Без притоа да сфатат дека ако како држава не се избориме за статусот на рамноправен партнер, со здрава економијата и силни институции, тогаш може да бидеме само потчинет слуга. И за крај ја оставив областа на правната држава и владеењето на правото. Која е вистинската дијагноза во оваа сфера и, соодветно на тоа, каква терапија е неопходна. Дијагнозата веќе и врапчињата ја знаат.
А терапијата. Наједноставно и најсликовито, вистинската терапија за владеењето на правото и правната држава ќе ја сублимирам во една реченица, која гласи: единствено во законитоста и владеењето на правото е слободата.
Оттаму, повеќе од јасно е дека секое непочитување на Уставот и на законите, прекршување на принципите на правната држава, значи и непочитување, дисолуција и губење на државата.
Тоа мора да го сфатиме. Колку побрзо толку подобро.

[email protected]