Ледена земја

Во однос на владеењето на правото и правната држава, Македонија како да стои замрзната во времето. Уште некој да се сети, па да сними документарец за тоа. Би можел да се наслови, да речеме, „Ледена земја“ или „Замрзнати во минатото со поглед во иднината“. Пред неколку години се крена голема политичка прашина за носењето на Законот за специјалното јавно обвинителство. Сега се повторува истата приказна. Само да не се повтори уште и истата грешка. Па, пак да ни се смрзнува крвта во вените, слушајќи кој колку пари проневерил, злоупотребил и слично

Снегот зимава не нѐ изненади како претходно. Барем не досега. Еве помина и јануари, а никако да забели и да се покрие градот, како што личи во зима. Но, рака на срце, таквата одговорност е исклучиво на снегот. Тој е единствено виновен што решил да не паѓа и да бојкотира. Затоа, во право е градоначалникот на Скопје кога вели дека да можел во јули да знае дали во зима ќе падне снег би бил нобеловец, а не градоначалник! Но, како што нѐ дал господ сеирџии и мајтапчии, и на оваа досетка веднаш се појавија подбиви во иднина некому да му текне да распише и тендер за метеори. Некој мора да мисли и на тоа однапред. Да бидеме подготвени и за евентуален дожд од метеори. Замислете да падне некој метеор и да нѐ затекне неподготвени. Но мајтапите настрана.

Сепак, кога некој од страна гледа како доследно и до денар се почитуваат тендерските договори, прво што ќе помисли е дека овде е рајот за правото и правната држава, дека сѐ во државата е по закон, пропис и потпис.

Но само додека не вклучи телевизор и не изгледа барем една политичка дебата. Тогаш практично сфаќате дека правото и правната држава сѐ уште неостварена иако одамна посакувана желба. Па, дури во однос на владеењето на правната држава Македонија како да стои замрзната во времето. Уште некој да се сети па да сними документарец за тоа. Би можел да се наслови, да речеме „Ледена земја“, или „Замрзнати во минатото со поглед во иднината“. Кој и да се одбере наслов, не верувам дека може да го повтори успехот на „Медена земја“. Иако, за волја на вистината, и за еден ваков документарец, со акцент на правната држава, има поприлично материјал, драматични сведоштва, а во игра се и големи суми пари спакувани во луксузни чанти „луј витон“. Во однос на називот „Ледена земја“, тоа веројатно најмногу одговора и од причина што едни исти прашања, исти теми, исти проблеми, иста реторика се повторуваат и се држат замрзнати со години.

Пред неколку години се крена голема политичка прашина за носењето на Законот за специјалното јавно обвинителство. Тоа од сите страни, и дома и од надвор, беше посочувано како клучен предуслов за напредок на земјата кон ЕУ, за демократизација на државата, за унапредување на владеењето на правото, за транспарентно и одговорно работење итн. Така, тогаш надве-натри, на брзање и под силен притисок однадвор се донесе законот и се устоличи новиот правен субјект СЈО, и покрај укажувањата и тврдењата на правните експерти за прекршување на законските и уставните одредби со неговото формирање.

Сега пак се повторува истата приказна. Одново во фотофиниш, пред самото распуштање на овој собраниски состав се брза да се донесе новиот закон за јавно обвинителство, во кое ќе се инкорпорира дел од претходно неуставното СЈО. И пак тоа се прави под нагласен притисок од надвор, со истите пораки дека усвојувањето на новиот закон за ЈО ќе ги унапреди владеењето на правото, транспарентноста и одговорноста. Па, понатаму и дека самиот закон е клучен не само како сигнал за ЕУ туку и за иднината на земјата итн. И сето тоа е во ред. Новиот закон за ЈО ѝ е неопходно потребен на Македонија, и во тоа воопшто нема сомнение. Сепак постои едно „НО“. Едно големо и опасно „но“, кое може да нѐ врати назад и дополнително да нѐ закочи на патот кон ЕУ. Зашто Македонија веќе еднаш тешко се изгоре на ваквите политики и препораки во стилот брза кучка слепи кутриња раѓа. И со СЈО се брзаше, што поскоро да се донесе, па последиците од тоа не можеме да ги санираме ни ден-денес. Настрана општиот впечаток дека СЈО не донесе никаква правда, туку, напротив, само промовираше нов поим на рекетарска правда.

Затоа, предупредувањата што и овој пат доаѓаат од стручната фела во врска со новиот закон за јавно обвинителство мора сериозно да се сфатат и разгледаат, за да не ја повториме истата грешка. И не дај боже пак да ни се смрзнува крвта во вените слушајќи кој колку пари проневерил, злоупотребил и слично.

На Македонија и на македонските граѓани не им требаат недопирливи параинституции, кои ќе бидат над законите или над Уставот. На Македонија и на македонските граѓани не им треба рекетарска правда, ниту пак сиви еминенции, кои само ја злоупотребуваат позицијата за делење меѓусебни астрономски бонуси. На Македонија и на македонските граѓани не им требаат обвинители што еднаш кажуваат едно, другпат друго, кои немаат елементарна култура, или пак се затскриваат зад некои центри на влијание и моќ. На Македонија и на македонските граѓани не им се потребни, никогаш повеќе, Катици што развозуваат мачиња наместо да делат правда. НЕ. Таа епизода е завршена, и да се надеваме без можност за репризирање. Во иднина не смее да се дозволат какви било експерименти со правната држава, ниту, пак, креирање творби и институции што ќе бидат во спротивност со Уставот.

Во таа насока, она што насушно им треба на Македонија и на македонските граѓани е пред сѐ закон за јавно обвинителство што не е спротивен на Уставот. И, се разбира, негова доследна примена и имплементација понатаму во реалноста. Дали новиот закон за ЈО ќе се донесе пред распуштањето на Собранието, до 12 февруари, или по изборите на 12 април, во моментов е помалку важно. Три-четири месеци плус или минус не значат ништо.

Она што е од суштинско значење е законот да биде квалитетен и функционален. И притоа, се разбира, да ја врши својата примарна задача – неселективно владеење на правото и правната држава, еднакво за сите. Тоа е она што граѓаните нестрпливо го очекуваат.

Се надеваме, не уште долго време.

[email protected]