Ланскиот вирус и годинашниве избори

Тоа никако не значи дека тука се зборува за нешто слично на „ланскиот снег“, туку за тоа дека вирусот би можел да биде многу порано и многу повеќе проширен во популацијата отколку што досега официјално се проценуваше што, пак, ги прави бесмислени сите оние мерки што беа преземани заради спречување на неговото ширење, а кои од корен го сменија начинот на живот, и што е најлошо, поради фокусирањето на здравството на овој проблем, резултираа со неоправдано запоставување на сите други пациенти, предизвикаа сѐ уште несогледиви штети врз економијата, голем број банкроти и осиромашувања на луѓето низ светот. А ако се потсетиме и дека СЗО во февруари тврдеше оти нема докази дека вирусот се пренесува од човек на човек, за набргу да ја повлече објавата, тогаш нејзиното дејствување во целата оваа ситуација изгледа барем наивно, што воопшто не значи дека проблемот е и несериозен

Откога пред четири месеци тргна во својот уништувачки поход низ светот, новиот коронавирус, освен што однесе стотици илјади жртви, остави сериозни последици врз здравјето на сѐ уште неутврден број луѓе, целосно ги блокира националните здравствени системи, запре образовни, политички и секакви други процеси, предизвика досега невидена паника, значително ги руинира повеќето национални економии и ги парализира глобалните механизми за соработка.

Многумина сметаат дека причината за овој планетарен шок лежи токму во контроверзните информации што доаѓаа од Кина каде што првпат беше детектирана оваа болест, но има и такви што сметаат дека вината лежи во некоординираниот одговор на меѓународната заедница на ширењето на вирусот и на сосема различните пристапи во справувањето со пандемијата на ниво на државите. Имено, телото надлежно за менаџирање на процесите што се однесуваат на заштитата на здравјето на светската популација при Обединетите нации, Светската здравствена организација (СЗО), со исклучок на одлуката за прогласување на пандемијата и на неколку општи, често и сосема спротивставени препораки, според многумина, во текот на целата драма, се однесува, најблаго речено, аматерски.

Најрадикален одговор, како последица на ваквите согледувања дојде од американскиот претседател Доналд Трамп, кој привремено го прекина финансирањето на оваа организација во чие седиште во Женева, во регионалните и во националните канцеларии низ светот, според некои наводи, се вработени околу 7.000 луѓе, а нејзиниот буџет планиран за 2020/2021 година изнесува повеќе од четири милијарди евра. Се разбира, имаше аргументи и за гласните пофалби на улогата на СЗО во актуелнава ситуација.

И по сите овие спротивставени оцени за нејзиниот ангажман во справувањето со пандемијата, по сите човечки и материјални загуби, СЗО сега, вистина поттикната од новите сознанија во некои земји, излегува со претпоставката дека вирусот го имало и лани, пред воопшто да биде официјално детектиран првиот случај во Кина.
За потсетување, СЗО, завчера, откога француските научници посочија дека првиот случај на коронавирус во таа земја бил забележан во декември, дури еден месец пред објавата на кинеските власти, ги повика сите држави да ги испитаат своите најрани случаи на коронавирус. А по сознанијата од Франција, уште попоразителна вест дојде од Шведска, каде што наводно, вирусот бил присутен и во ноември.

Како и да е, штетата веќе е направена, а за да не биде таа уште поголема, во исчекување на глобалниот одговор на пандемијата на коронавирусот, најдобро ќе биде да се консолидираат и да се зајакнат националните здравствени системи, па така и македонскиот, кој за волја на вистината, досега не се покажа отпорен ниту на помалку погубните вируси, какви што се оние од редот на политичките, вклучувајќи ги и оние на нивните мутанти. Но токму вирусите од тој ред го разјадоа јавното здравство до таа мера што тоа, од неговата повеќедецениска агонија може да се извлече само
со решителни и прецизни хируршки резови, а не со некакви надрилекарски „реформи“

„Оваа, сосема нова слика за сѐ“, како што се изрази портпаролот на СЗО, Кристијан Линдмаер, на брифингот во Женева, осврнувајќи се на откритието на Франција, би можела да биде потврдена со повторно тестирање примероци на пациенти што претходно имале слични симптоми.
Не, тоа никако не значи дека тука се зборува за нешто слично на „ланскиот снег“, туку за тоа дека вирусот би можел да биде многу порано и многу повеќе проширен во популацијата отколку што досега официјално се проценуваше што, пак, ги прави бесмислени сите оние мерки што беа преземани заради спречување на неговото ширење, а кои од корен го сменија начинот на живот, и што е најлошо, поради фокусирањето на здравството на овој проблем, резултираа со неоправдано запоставување на сите други пациенти, предизвикаа сѐ уште несогледиви штети врз економијата, голем број банкроти и осиромашувања на луѓето низ светот. А ако се потсетиме и дека СЗО во февруари тврдеше оти нема докази дека вирусот се пренесува од човек на човек, за набргу да ја повлече објавата, тогаш нејзиното дејствување во целата оваа ситуација изгледа барем наивно, што воопшто не значи дека проблемот е и несериозен.

Кога на сето тоа ќе му се придодадат растечките сомнежи во методологијата, квалитетот и во транспарентноста на информации што се прибираат како на нивото на државите така и на глобалното ниво, како и во целисходноста на препораките за заштита и конечно во ефикасноста на препорачаните начини на лекување, тогаш дури и оправдан би можел да биде впечатокот дека СЗО станала една тромава, бавна и неефикасна организација, слично како и повеќето национални здравствени системи што само значи дека едните врз другите никако не можат да се потпрат.

Како и да е, штетата веќе е направена, а за да не биде таа уште поголема, во исчекување на глобалниот одговор на пандемијата на коронавирусот, најдобро ќе биде да се консолидираат и да се зајакнат националните здравствени системи, па така и македонскиот, кој за волја на вистината, досега не се покажа отпорен ниту на помалку погубните вируси, какви што се оние од редот на политичките, вклучувајќи ги и оние на нивните мутанти. Но токму вирусите од тој ред го разјадоа јавното здравство до таа мера што тоа, од неговата повеќедецениска агонија може да се извлече само со решителни и прецизни хируршки резови, а не со некакви надрилекарски „реформи“, кои само го потхрануваат метастазирањето на болеста.

Поради тоа, и покрај големите прибирања средства, здравствената каса постојано е со исклучително лоша крвна слика, здравствените објекти никако да добијат третман на капитални инвестиции, со медицинската апаратура и со лековите се тргува како со евтини кинески производи за широка потрошувачка, кадрите во здравството се третираат како потрошна стока, а пациентите уште полошо. Голем простор што треба да се уреди. Гледа ли некој предизвик во тоа, особено сега, кога повторно се актуализира прашањето за предвремени парламентарни избори.

[email protected]