Куршум врз новинарството

Рускиот новинар Аркадиј Бабченко со помош на украинските разузнавачки служби успеа на холивудски начин да го лажира своето убиство и да го измами светот. Се тврди дека целата контроверзна операција била за добра кауза. Од Киев нагласуваат дека лажираното убиство им овозможило да го спречат вистински нарачаното убиство на новинарот, да го најдат нарачателот, но и да откријат листа за отстрел на уште педесетина потенцијални жртви. Накусо, целта ги оправдува средствата. Но дали е навистина така?

Ова е колумна за новинарот што се врати од мртвите. Во ерата на лажни вести, рускиот новинар Аркадиј Бабченко со помош на украинските разузнавачки служби на холивудски начин успеа да го лажира своето убиство и накратко да го измами светот, за потоа заедно да тврдат дека целата операција била за добра кауза. Властите во Киев нагласуваат дека лажираното убиство на новинарот прво им овозможило да го спречат вистинското нарачано убиство на новинарот, а потоа и да го откријат нарачателот, но и да најдат листа за отстрел на педесетина потенцијални жртви од Русија и од Украина. Накусо, целта ги оправдува средствата. Но дали е навистина така?

Според меѓународните новинарски здруженија, 2018-та се очекува да биде најсмртоносна година за медиумските работници. Податоците велат дека од почетокот на годината до јуни се убиени околу 40 новинари. Нема збор, светот е навистина опасно место за живеење за новинарите. На прв поглед украинската контроверзна операција го спасила животот и на новинарот, но и на уште најмалку педесетина други потенцијални жртви. Проблемот е што кога ќе спроведете ваква операција, сѐ се доведува во прашање, па и вистинитоста на понудените објаснувања за неа. Дали навистина некој сакал да го убие новинарот? Дали навистина имало листа за отстрел? Дали навистина се вмешани руските служби, како што тврдат Украинците? Колку по ваква операција може да им се верува и на украинската држава и на самиот новинар?
По ваков подвиг, сѐ е дискутабилно и, се разбира, сѐ се зема како основа за одбрана на различните позиции/позиција. За новинарот беше нагласено дека бил „голем критичар на Кремљ“ и веднаш за неговото „убиство“ прстот беше вперен кон Русија. Украинците обвинија дека новинарот е егзекутиран од „руската тоталитарна машинерија“ и побараа „убијците веднаш да бидат казнети“. Еден ден подоцна, по големото откривање на „магионичарскиот трик“, украинскиот претседател ја пофали „брилијантната операција“ на безбедносните служби, а советникот на министерот за внатрешни работи шегобијно нагласи дека дури и Шерлок Холмс морал да го инсценира своето убиство за да може да ги истражува најтешките и најсложените кривични дела, иако со тоа на големи маки ги ставил и семејството и неговиот голем пријател, доктор Вотсон.

Новинарите се должни кон јавноста да известуваат чесно, објективно и професионално. Дружбата со државните служби и кокетирањето со лажните вести сигурно не помагаат во заштитата на новинарите и на нивната професија. Наредниот пат кога некој новинар ќе го загуби својот живот, светот може само цинично да искоментира: „Ха, сигурно за два дена ќе оживее“

Некои западни медиуми застанаа во одбрана на новинарот, но сепак и тие на крајот поставија прашања од типот дали навистина морало да се инсценира убиството, дали морале да поминат низ толкава голгота најблиските на новинарот и дали морало така театрално на прес-конференција да се обелодени дека сепак е жив. Тие посочија дека операцијата на Украинците „можеби повеќе направила лошо отколку добро“ и дека „наредниот пат кога некој критичар на Кремљ ќе биде застрелан или затруен, првото прашање ќе биде дали навистина е мртов“. Истите нагласуваат дека „руската пропагандна машинерија“ со големо задоволство ќе го прифати „убиството“ на Бабченко и ќе го искористи „за секое злосторство за кое Кремљ ќе биде поврзан во иднина“. Од една страна, Украинците веројатно сакале со инсценираната егзекуција да привлечат што поголемо светско внимание, но на крајот завршија со (руски) обвинувања дека го мамат светот со лажни вести. Западните медиуми веќе пренесуваат изјави и цитати од „проруски новинари“, кои, на пример, велат дека „секогаш кога некој ќе спомне некое руско злосторство во Сирија“, треба да му се покаже „новинарот Бабченко, кој беше ликвидиран лично од Владимир Путин“.

Професорот по руски студии од Универзитетот во Манчестер, Стивен Хачингс, на пример, смета дека украинската операција ќе заврши „право во рацете на Русите и ќе ја поддржи нивната приказна дека ваквите дејства се само провокации на ривалите на Москва“. Ова е „неверојатен идиотизам“ од страна на украинските разузнавачки служби, смета Хачингс. Од „Репортери без граници“ оценија дека е „патетично и жално што украинската полиција на таков начин си поигрувала со вистината, каков и да бил мотивот“.

Што ќе се случи наредниот пат кога светот ќе дознае вест за некој убиен новинар? Дали за секој случај ќе треба да чека ден-два за го осуди убиството? Многу новинари од Украина и од Русија го осудија потегот на Бабченко. Некои од неговите колеги во Москва велат дека неговата „смрт“ ја поткопува довербата во независното новинарство. Тие велат дека се чувствуваат измамено и дека ваквиот подвиг му нанесува удар на кредибилитетот на сите новинари што сакаат чесно, објективно и професионално да си ја работат својата работа, а на крајот, никој повеќе нема да му верува ниту на самиот Бабченко. Слични пораки стигнуваат и од новинарите во Киев. Некои сметаат дека безбедносните служби со инсценираното убиство само го урнале кредибилитетот на новинарите, а на крајот и на самите власти во Киев, кои тврдат дека сакале да сторат сѐ за да го откријат нарачателот на убиството. За нив, најголем губитник во целата ситуација е украинската влада, а не Русија, кон која Киев веднаш го впери прстот. Оние што, пак, директно го познаваат новинарот не се грижат толку за политичките последици од инсценираното убиство колку што се грижат за личните. „Кога ќе го видам повторно, ќе му речам дека е морон. Навистина. Никој не прави такво нешто. Треба да ви е гајле за луѓето што ве сакаат. Мора да имало друг начин“, вели за Дојче веле еден фоторепортер од Москва, додавајќи дека неговите пријатели и новинари веќе почнале да собираат пари за погребот.

За голема среќа погреб на новинарот нема, но со вакви контроверзни потези дефинитивно се погребува кредибилитетот на новинарството. Во ерата на лажни вести, кога моќниците ја користат секоја можна пригода за да го напаѓаат истражувачкото новинарство и да го сведуваат на ширење дезинформации, а себеси да се прикажуваат како невини жртви на валкани кампањи, ваквите подвизи имаат само негативни последици. Новинарите се должни кон јавноста да известуваат чесно, објективно и професионално. Дружбата со државните служби и кокетирањето со лажните вести сигурно не помагаат во заштитата на новинарите и на нивната професија. Наредниот пат кога некој новинар ќе го загуби својот живот, светот може само цинично да искоментира: „Ха, сигурно за два дена ќе оживее“.