Културни простори за некултурни настани

Ако до некаде успееме да се помириме со пазарната логика на некои културни институции што дозволуваат одржување естрадни концерти, модни ревии, венчавки, родендени, сунети, коктели, собири на политички партии…, последниот случај со дивеењето во МНТ за политички цели никако не може да се оправда. Неопходно е да се отвори критичка расправа, дури и задоцнето, ако сакаме да го зачуваме достоинството на професијата. На критика, пред сѐ, треба да бидат изложени институциите што го дозволуваат ова, не правејќи напор да опстојат и без ваков тип содржини

Естрадни концерти, модни ревии, венчавки, родендени, сунети, коктели, собири на политички партии се одржуваат во институциите што го носат предзнакот културни. Овој популистички концепт како симболично да се провре на мала врата уште од времето кога ни се случи свадба во Музејот на современата уметност, но својот врв сосема сигурно го достигна неодамна кога навивачката група „Шверцери“ буквално го окупира и демолира Македонскиот народен театар. Јавноста беше згрозена од видеата и фотографиите на социјалните мрежи, на кои можеше да се види како се дивее во салонот на МНТ. Настанот брзо се подзаборави, откако Министерството за култура соопшти дека за „бурната“ вечер било најавено одржување на два настана – свеченото одбележување на Денот на албанската азбука и проекција на документарен филм, но не и присуство на навивачката група…

Сепак, во историјата на македонската култура овој бесрамен чин ќе остане запаметен како кулминација во низата несоодветни настани што се одржале низ годините во нашите културни институции. Сега од оваа перспектива дури се чини незначителен оној од пред некоја година (за што пишував во тоа време), кога естрадниот пејач Жељко Јоксимовиќ, маскиран како џезер, три вечери по ред го окупираше Македонскиот народен театар. Концертите, како што беше најавено, се одржаа во соодветниот „драматичен“ амбиент на театарот како своевидна сценографија. Местото повеќе од очигледно е дека не му беше таму, и покрај тоа што српскиот пејач сакаше да нѐ почести со својот нов џез-призвук на фолк-теми. Некаде во истиот период, под наслов „Модна драма“, на истата таа сцена дизајнерката Тања Кокев ја претстави својата нова колекција, а изборот на објектот се обиде да го оправда така што најави дека ревијата ќе ја презентира на „малку подраматичен начин“. Тука, во „мултифункционалниот“ МНТ, се случија и роденденската забава на „Бекстејџ“ и онаа на „Дајнерс“ и низа други. Меѓу примерите на узурпација на културни простори за некултурни настани беше и ревијата на Елена Лука во Националната галерија на Македонија, во објектот „Даутпашин амам“.

Во новите процеси кај нас културата сѐ повеќе добива консумеристички, проблематични естетски и политички аспекти, па почнуваме да калкулираме со термините популарно/непопуларно, убаво/неубаво, а поимите култура/уметност, или уметност/профит се раскинуваат под товарот на доминантниот пазарно-политички
модел. Приватизацијата, комерцијализацијата, а најмногу политизацијата на јавниот простор не само што е проблематична и тривијална туку безмалку е гротескна

И пред повеќе години, во Националната галерија на Македонија, тогаш среде изложба, и тоа на доајенот на македонското современо сликарство Никола Мартиноски, се организираше модна ревија. На својот блог историчарот на уметност и ликовен критичар Златко Теодосиевски тогаш запиша: „Среде изложбата тие си направиле своја сценографија, над сликите на мајсторот гооордо се петели потписот на модната дизајнерка, некои слики се дури и симнати за потписот подобро да се истакне, луѓе стојат потпрени на ѕидовите, сликите се искривиле од срам, црвени светла…“.
Институциите, во услови на криза, продолжуваат да прават компромис со популистичкиот концепт, па комерцијалата како симболично да се провре на мала врата уште од времето кога ни се случи свадбата во Музејот на современата уметност (првата приватна церемонија организирана во оваа институција пред повеќе години). Станува збор за првата вистинска ВИП-свадба во Македонија што во МСУ ја направија Орце Камчев и Олга Костовска, со околу илјада гости, а ги забавуваа симфониски и камерен оркестар, Харис Џиновиќ и Маја Оџаклиевска…

Точно е дека во услови на рецесија институциите не успеваат да ги вратат вложените пари, бидејќи понудата допира само до малобројна публика. Веројатно со таква цел и некои од културните институции, како портата „Македонија“, на пример, имаат и ценовник за одржување свадби со целосна аудио и видеоподдршка за забавување на гостите, или Музејот на ВМРО, чии врати се отворени за прослави на родендени, коктели, премиери, модни ревии… Па, и ако до некаде успееме да се помириме со ваквата пазарна логика, последниот случај со дивеењето во МНТ за политички цели никако не може да се оправда. Неопходно е да се отвори критичка расправа, дури и задоцнето, ако сакаме да го зачуваме достоинството на професијата. На критика, пред сѐ, треба да бидат изложени институциите што го дозволуваат ова, не правејќи напор да опстојат и без ваков тип содржини. Во новите процеси кај нас културата сѐ повеќе добива консумеристички, проблематични естетски и политички аспекти, па почнуваме да калкулираме со термините популарно/непопуларно, убаво/неубаво, а поимите култура/уметност, или уметност/профит се раскинуваат под товарот на доминантниот пазарно-политички модел. Приватизацијата, комерцијализацијата, а најмногу политизацијата на јавниот простор не само што е проблематична и тривијална туку безмалку е гротескна.