Кртовите и кртиците од нашето МВР

Дали министерот (некој го) заглавил во маѓепсан круг или во мрежата на организиран криминал, за која повеќепати беше потврдено дека мошне добро функционира во Македонија, времето ќе покаже. Но само под услов самиот тој да не се обидува (не смее) да ги премолчува работите како во случајот „Планина“ или, пак, вината уште на почеток да ја префрлува кон друг, како во последниов случај

Ефикасната мрежа на соработници и оперативни врски, или како веќе тоа сега се нарекува, е еден од главните инструменти на секоја добра полиција. Така полицијата вградува свој соработник меѓу криминалците и ги следи нивните активности со намера да ги превенира, контролира или санкционира. Во Македонија, со последната афера, како да е обратно?! Имено, испаѓа дека криминалците имаат своја мрежа во полицијата?! Па така, вработените во управните служби на МВР, според соопштеното, ја злоупотребиле службената положба издавајќи им македонски пасоши со туѓ идентитет на вкупно 215 лица, од кои 214 странски државјани. Како што и самиот министер Спасовски објасни, имало и членови на меѓународни криминални групи и на наркокартели, лица со висок ризик и барани со меѓународна потерница.
И покрај неоспорниот доказ, кој, за жал, не е првиот, а наивно би било да се верува и оти ќе биде последниот, дека внатре во полицијата имало „и кртови и кртици“, Спасовски повикувајќи го обвинителството да постапи и да ја реши, како што ја квалификува „саботажата“, повторно се обидува да нѐ убеди оти проблемот е генериран надвор од полицијата и од системот. На министерот, можеби, и ќе можеше да му се поверува дека знае што зборува и дека го има под контрола ресорот со кој раководи доколку некој, по сѐ изгледа од истиот тој безбедносен ресор, не се погрижил претходно него да го седне (намести) на заедничката маса со еден куп луѓе за кои од обвинителството рекоа дека се криминалци и наркобосови. Сето тоа фотографирано пред извесно време, публикувано во јавноста веднаш откако дел од истите тие ликови ѝ избегаа на правдата, со одредница дека е „доказ за спрегата на полицискиот врв и мафијата“.

Дали министерот (некој го) заглавил во маѓепсан круг или во мрежата на организиран криминал, за која повеќепати беше потврдено дека мошне добро функционира во Македонија, времето ќе покаже. Но само под услов самиот тој да не се обидува (не смее) да ги премолчува работите како во случајот „Планина“ или, пак, вината уште напочеток да ја префрлува кон друг, како во последниов случај.
Сѐ уште има простор да му веруваме на министерот оти се нашол во маѓепсан круг, со оглед на неоспорниот факт дека институциите, нешто по вина на луѓето од актуелната власт, нешто по вина на нивните претходници, а нешто и поради коматозната состојба во која веќе долго време се наоѓа поголемиот дел од јавноста, не функционираат. Доволно е само да се потсетиме на многубројните обвинувања и контраобвинувања за „саботажи“ на истрагите и на акциите во рамките на системот за прогон, обвинителството и полицијата. Освен тоа, доколку системот функционираше и секој си ја вршеше својата работа според словото на законот, немаше, при секоја промена на власта, да има толку многу разрешувања и именувања, нови вработувања, деградирања и унапредувања, не само во обвинителството и во полицијата туку генерално во државните институции.

Сѐ уште има простор да му веруваме на министерот оти се нашол во маѓепсан круг,
со оглед на неоспорниот факт дека институциите, нешто по вина на луѓето од актуелната власт, нешто по вина на нивните претходници, а нешто и поради коматозната состојба во која веќе долго време се наоѓа поголемиот дел од јавноста, не функционираат

Очекувано е и оправдано, по промената на власта, да се менуваат генералната владина политика и по неколку луѓе од врвот на институциите, но да се менува целиот државен апарат, луѓето што би требало во континуитет и професионално да си ја вршат работата, во најдобар случај, може да резултира со вртење во круг. Во случајот на Македонија, тоа резултира со масовна продукција на „жртвите на режимот“ од едната и на „неспособни и партизирани кадри“ од другата страна. И, се разбира, со премногу докажан и недокажан криминал и корупција во рамките на државниот апарат, па дури и во самиот врв на власта. Сето тоа се „аргументира“ со секојдневни партиски обраќања до јавноста, но не и со целосна институционална разврска и со соодветно санкционирање, и тоа во итна постапка, со што, пред и над сѐ, би се испратила јасна порака до сите оние што во иднина би помислиле да се „одважат“ да ја злоупотребат позицијата во државната служба, без оглед на тоа дали станува збор за возач или кафеготвачка во некоја подзаборавена јавна установа, за момчето што удираа печати во одредено министерство, советничката за астрологија на министерот, или за самиот министер.
И да, за целосно да се расчистат дилемите, процесирањето и санкционирањето на злоупотребите на државните или на јавните позиции, секако би требало да биде „крунисувано“ со објавите на точни информации за тоа од кои политички партии биле давани „зелени светла“ за поставувањата на проблематичните кадри, како сигурен индикатор за нивниот капацитет за владеење и управување со државата.

[email protected]