Крај на „хуманитарните“ агресии?

Меѓународниот кривичен суд (МКС) деновиве доби овластување да гони лица за извршено злосторство воена агресија. Оваа реформа има нејаснотии, но е чекор напред во обидите да се спречат идни незаконски воени операции. Во тој процес не смее да се дозволи новиот арсенал на меѓународното кривично право да се претвори во алатка на големите за гонење на „дежурните“ диктатори, додека нивните лидери однапред да бидат амнестирани од каква било одговорност за секоја наредна интервенција со предзнак „хуманитарна“

Светот деновиве беше сведок на клучни настани, како самитот на НАТО и средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, на кои се разгледуваа значајни глобални безбедносни, политички и економски прашања. Додека траеја тие битни геополитички случувања, под медиумскиот радар незабележливо помина и една битна меѓународна правна реформа, која во иднина би можела да има далекосежни последици. Меѓународниот кривичен суд (МКС) доби овластување да гони политички и воени лидери за одговорност за спроведување инвазии врз други земји, односно за извршување на злосторството воена агресија. Со новите надлежности, Трибуналот во Хаг може да бара одговорност за употреба на воена сила против „суверенитетот, територијалниот интегритет и/или политичката независност“ на друга земја.

Сепак, одговорност за извршеното злосторство не може да се бара ретроактивно, односно тоа не може да се однесува на конфликти како, на пример, инвазијата на Ирак во 2003 година. Тоа, пак, значи дека лидерите како бившиот британски премиер Тони Блер или бившиот претседател на САД Џорџ Буш (засега) се безбедни. Бивш ирачки генерал лани се обиде приватно да го тужи Блер дека извршил злосторство воена агресија поради учеството во ирачката инвазија во 2003-та. Лондонските судови потврдија дека злосторството агресија е во процес на инкорпорирање во меѓународното право, но нагласија дека тоа не важи ретроактивно и дека во моментот нема англиски закони според кои тој би можел да биде гонет за тоа дело.

Во изминатиот период имаше повици МКС да добие поголеми овластувања за да може да ги гони лицата одговорни за воени агресии. Амандманот со кој ова ново овластување на МКС стапува во сила, досега го ратификуваа околу 35 земји, меѓу кои и Македонија во 2016 година, меѓутоа не и повеќето големи сили. На пример, земји како Британија, Франција, Јапонија бараа одложување на активирањето на ова овластување на МКС под изговор дека е потребна поголема јасност во дефинирањето на злосторството и на надлежностите на Трибуналот. Државите што не го ратификуваа амандманот за злосторството воена агресија може да бидат изведени пред МКС по барање на Советот за безбедност на ОН, но ваквата надлежност се оспорува. На пример, Британија посочува дека не планира да го ратификува амандманот бидејќи смета дека Советот за безбедност на ОН, кој има примарна одговорност да ги одржува меѓународниот мир и безбедност, би требало да биде главното тело што ќе определува кога е извршено военото злосторство агресија.

Во декември 2017 година, земјите-членки на МКС разгледуваа кога и како да ја активираат надлежноста на судот да гони за лица одговорни за почнување војна и потврдија дека Трибуналот нема јурисдикција врз територијата и граѓаните на државите што не ги прифаќаат амандманите за злосторството на агресија, освен ако не е усвоена резолуција од Советот за безбедност на ОН. Како што посочуваат малкуте медиуми што објавија вест за оваа битна правна реформа, членките на Советот за безбедност сигурно ќе стават вето на секое обвинение против нив. Сепак, приврзаниците сметаат дека новата меѓународна правна реформа би можела барем донекаде да ги обесхрабри лидерите да почнуваат војни од страв да не бидат посочени, па дури и гонети за извршување на злосторството агресија. На пример, еден од нив, кој работел како адвокат во МКС, вели дека амандманот има важен нормативен ефект во смисла дека сега има можност да се стигматизира лидерот одговорен за извршување воена агресија, дури и ако тој не биде кривично гонет, па и затворен. Друг, кој бил судија во Трибуналот за воени злосторства во Сиера Леоне, пак, посочува дека е иронично што Британија своевремено застанала против Хитлер, а сега одбива да го ратификува амандманот против агресијата. Тој е убеден дека ако важел ретроактивно во 2003 година, тогаш сигурно ќе го наведел Блер да не изврши инвазија на Ирак заедно со САД. Трет, кој е правник од Оксфорд, исто така смета дека Британија одиграла водечка улога во воспоставувањето на принципот по Втората светска војна дека лидерите што поведуваат нелегални војни може да бидат кривично гонети, а сега, со тоа што одбива да им се придружи на земјите што се согласиле да влезат под јурисдикција на МКС за истото кривично дело, „практично го отфрла начелото дека целта на меѓународното право е да понуди еднаква правда за сите“.

Приврзаниците на новата правна реформа признаваат дека има недоречености, но исто така нагласуваат дека со неа се дополнува „арсеналот на меѓународното кривично право, без разлика дали тој на крајот ќе биде искористен“. На пример, со дефиницијата за агресија не се опфатени сајбер-нападите, кои директно не предизвикуваат жртви, или недржавните актери, односно терористичките групи како Исламска држава, бидејќи осомничените мора да бидат на командни позиции во државата-агресор.

Уште поважно, со дефиницијата е нејасно дали е опфатена и контроверзната операција хуманитарна интервенција, која често се зема како оправдување за да се заобиколат меѓународните институции и меѓународното право. Со секој нов поголем конфликт има нови повици за нивно бајпасирање, со што уште повеќе се девалвира нивното значење. Таквите повици најчесто доаѓаат токму од земјите што најмногу повикуваат на нивно почитување – светските сили. Некои од нив го (зло)употребуваат правото на вето за да ги остварат сопствените интереси, а други сметаат дека меѓународните тела и норми не може да им диктираат како да се однесуваат во конфликти и најчесто ако не можат да добијат поддршка за воена операција во Советот за безбедност во ОН, тогаш се фаќаат токму за контроверзната хуманитарна интервенција, на која сведок беше и Балканот. За едни таа е единствениот начин што побрзо да се спречи крвопролевањето, а за други таа е само обландирана воена агресија извршена под превезот на хуманизмот, иако зад неа се кријат тесни интереси, битки за доминација и поголемо влијание или потенцијал за експлоатација на туѓите ресурси. Во таква ситуација, воената зона претставува само шаховска табла на која пионите се жртвуваат како колатерална штета, а интересите на големите сили бескрупулозно се остваруваат (и тогаш довчерашните соработници стануваат диктатори врз кои итно мора да се интервенира).

Повеќето држави се согласни дека се неопходни реформи во меѓународното право и во меѓународните институции, бидејќи во момент кога се создава нова рамнотежа на глобалната сцена, отсуството на меѓународни принципи би значело уште поголема анархија во светските односи. Големите сили, наместо да ги заобиколуваат меѓународното право и институциите (како што неодамна САД решија да се повлечат од Советот за човекови права на ОН), треба активно да учествуваат во нивното реформирање. Суперсилите можеби можат да си дозволат да ги бајпасираат меѓународното право и институциите, но тие се од суштинско значење за помалите држави. Токму во светските односи, помалите држави имаат, или барем треба да имаат, еднаков статус и можат да се повикаат на „начелото дека меѓународното право нуди еднаква правда за сите“. Ако големите сили или нивните сојузници ги суспендираат секогаш кога не им се во прилог, тогаш каде и како другите држави можат да ја бараат својата правда?

Најновата меѓународна правна реформа можеби има свои недостатоци, но е чекор напред во обидите да се спречат идните нелегални воени операции. Во тој процес не смее да се дозволи новото оружје на меѓународното право да се претвори во алатка на големите за гонење на „дежурните“ диктатори, додека нивните лидери однапред ќе бидат амнестирани од каква било одговорност за секоја наредна интервенција што ќе го добие предзнакот „хуманитарна“.