Кој ќе го препознае вистинскиот пат

Несомнено е дека нашите државно-политички лидери сакаат сѐ што е најдобро за своите граѓани, компании и државата, но, како што вели нашиот народ, домашните планови и пресметки баш и не се совпаѓаат со оние кога ќе излезете на пазар

Одолжувањето на ковид-кризата, понатамошното ширење на вирусот и новите мутации и понатаму го усложнуваат секојдневието на сите граѓани, и тоа не е случај само во Македонија туку речиси во целиот свет. Ниту доаѓањето на вакцинацијата, која се очекуваше со големо нетрпение, не се одвива во согласност со плановите и засега не се постигнува посакуваниот ефект. Несомнено е дека нашите државно-политички лидери сакаат сѐ што е најдобро за своите граѓани, компании и државата, но, како што вели нашиот народ, домашните планови и пресметки баш и не се совпаѓаат со оние кога ќе излезете на пазар. Сите овие пандемиски околности дополнително ги влошуваат работите, особено можностите за работа на компаниите, но и нивните планови за идните инвестиции или воопшто за пласманот на своите производи.
Неможноста да се стават стопанствата и бизнисите во вообичаените текови и да се врати стопанството на старите патеки сѐ повеќе ги исцрпува резервите, ја зголемува задолженоста како на државите, така и на компаниите, кои се спречени во редовното извршување на своите дејности. Ваквите случувања се причина плус поради што расте стравот дека нова рецесија и патоказ кон осиромашување му се закануваат на населението, особено на жителите на земјите во развој, односно неразвиените. Токму показателите дека развиените земји сепак ќе се извлечат со многу помала штета отколку помалку развиените земји треба да биде тригер, поттик, мотив, за домашните институции да им посветат поголемо внимание на плановите за надминување на кризата, но и за креативни и иновативни модели за своите национални економии.
Отсекогаш било повеќе од јасно дека единствено со силна економија, која е поставена на стабилни параметри, која е конкурентна и со еднакви можности за сите граѓани да се натпреваруваат меѓусебно со креирање иновативни решенија и производи може да очекуваме солиден економски раст, кој ќе резултира со подобри животни услови. Но сега е моментот кога исклучително силно се чувствува тоа.

Секојдневните системски компликувања на состојбите во повеќе сектори во државава се причина плус поради што расте стравот дека нова рецесија и патоказ кон осиромашување му се закануваат на населението, и тоа не само нам туку и на жителите на земјите во развој, односно неразвиените

И токму сега, во тешки времиња, се препознаваат вонсериските лидери, со голем интелектуален капацитет, знаење и посветеност, патриотизам и харизматичност, кои умеат да го пронајдат вистинскиот пат низ лавиринтите на кризата, пред сѐ на економско-финансиската. А голем број светски економисти укажаа дека постои голема опасност најголемиот „товар“ од оваа здравствено-економска криза да падне токму врз сиромашните земји и дека од оваа светска економска криза нема да останат непогодени држави. Домашните економисти за „Нова Македонија“ веќе посочија дека, за разлика од претходната голема економска криза, која го имаше и предзнакот финансиска, Македонија не беше значително погодена, но овој пат, поради поголемата инволвираност на светската економска сцена, штетите врз перформансите на домашната економија ќе бидат многу поголеми.
Исто така многумина забележуваат дека причина плус за големите штети врз нашето стопанство, но и врз севкупниот живот имаат и лошите менаџерски одлуки, или дефицитот од синергија на различните сектори (ресори) при управувањето со државата.
А и на индивидуално ниво има тешкотии. Граѓаните, без оглед во која дејност се инволвирани, секојдневно се соочуваат со разни тешкотии, а особено ако притоа треба да обезбедат некаква документација или разни одобренија од државни институции.
Критиките кон јавната администрација се многубројни, укажувањата дека граѓаните мака мачат да извадат некој документ, било да е од државните или општинските институции, се многубројни, дури и нема некој што не се пожалил на административната бирократија. Обиди за надминување на пречките има многу, но успешни резултати многу малку. Граѓаните шетаат од институција до институција, па се враќаат назад и со денови, месеци, па и години се обидуваат да исправат административни грешки и пречки.

И токму сега, во тешки времиња, треба да се препознаваат вонсериските лидери со голем интелектуален капацитет, знаење и посветеност, патриотизам и харизматичност, кои умеат да го пронајдат вистинскиот пат низ лавиринтите на кризата, пред сѐ на економско-финансиската

Но не се само граѓаните тие што трпат поради ненавремено завршените обврски, туку ваквата нефункционалност како ковид се шири во сите сфери од општествениот живот. Бизнисите страдаат поради нееднаквоста меѓу компаниите, истакнуваат дека сивата економија им ги руши цените, а дополнително укажуваат дека слабата контрола од институциите придонесува за зголемување на нееднаквоста и за привилегираност на оние што не ги почитуваат законите.
Сивата економија има значителен раст во земјава и иако има укажувања и планови за нејзино намалување, сепак, не се забележуваат видливи. резултати Бизнисот посочува дека за нејзиниот раст влијаат високите фискални и парафискални давачки, огромната бирократизација на институциите, големите и долги административни процедури, високиот степен на мито и корупција, ниската доверба во институциите…
Ваквите состојби, кои не се резултат на пандемијата, туку се долгогодишна рак-рана на македонското општество, дополнително го комплицираат секојдневието на граѓаните и на компаниите. Кон лошите перформанси секако влијаат и недовербата и лошиот имиџ на судството, поради што граѓаните или се откажуваат од обиди за докажување на правдата или се приклучуваат кон „толпата“ и ги прифаќаат митото и корупцијата како вообичаена алатка во секојдневното работење.
Ќе биде ли тригер сегашната економска криза за будење на жителите на оваа „чудесна Македонија“ и дали најпосле ќе сфатиме дека непочитувањето на правилата на игра, избегнувањето на обврските кон државата или кон вработените, избегнувањето на даноците или други оптоварувања ни прават штета на сите?
Ќе биде ли тригер сето ова што се случува околу нас за будење на институциите, за конечно освестување на надлежните, за менаџерите на оваа држава, но и за сите вработени во јавната администрација дека краткорочните бенефиции им прават штета на сите? Време да се постават параметрите и принципите на добро владеење во сите државни институции, време е институциите да ги спроведуваат доследно законите, да не бараат начини како истите тие да се избегнат за одредена категорија на граѓани и да не се приспособуваат законите и правилата во согласност со барањата и желбите на одредени лица.

Нефункционалноста на државата, недоследноста во примената на законите, непочитувањето на институциите водат само кон влошување на правилата на игра, а со тоа и кон влошување на условите во кои сите живееме. Дојде крајно време менаџерите на оваа држава да постават еднакви услови за игра за сите субјекти, законите да важат за сите граѓани, да нема привилегирани, а потоа преку мудра меѓусебна „борба“ на знаење и квалитет заедно да работиме во насока на подобрување на перформансите на општеството. Само со владеење на правото ќе има можност за еднаквост меѓу граѓаните и можност за еднаков натпревар меѓу компаниите, чија здрава конкурентност ќе го поттикне развојот, а со тоа и животниот стандард во земјава.