Кој ќе го пополни лидерскиот вакуум во Европа

Во геополитичкото позиционирање не смее Европа да се остави да биде спореден играч, кој ќе биде туркан настрана во спринтот на „големите“. На крајот, како Европа ќе докаже дека ја заслужува улогата на глобална сила ако не поведе глобални иницијативи

Францускиот претседател Емануел Макрон покажа дека очигледно сака големи потфати и грандиозни проекти. Прво што доаѓа на ум се големите воени паради, како онаа што беше одржана летово во Париз. Но ајде да речеме дека таа претстава беше повеќе наменета за домашната публика и за враќањето на сеќавањата за големата француска воена моќ. Сепак, Макрон изминатиот период сигнализира дека е доста фокусиран и на надворешната „публика“. Тој не отстапува од неговата хиперактивна надворешнополитичка агенда, чија цел, барем според декларираното, е помоќна, побезбедна и побогата Европа…

Во таа насока може и да се толкува неговата иницијатива за „ресетирање“ на односите со Русија, која сигурно ги намурти лицата на воинствените јастреби во Вашингтон. Како ретко кој од западните лидери, Макрон беше доволно храбар да повика на затоплување на односите со Москва. Алтернативата, според него, е понатамошно цветање на замрзнатите конфликти во Европа и буквално немо следење на процесот во кој континентот се претвора во стратегиско воено поле помеѓу САД и Русија. Дополнителното оттурнување на Русија од Европската Унија би било голема грешка, бидејќи Москва тогаш уште повеќе ќе се приближи кон Кина, што, пак, никако не е во согласност со европските геополитички интереси.

Се разбира дека нема сите во ЕУ, а особено Полска, да се согласат со таквото гледиште, но Макрон е сосема во право дека сегашните лоши односи, карактеризирани со руските обиди за поткопување на Унијата преку сајбер-напади и ерозијата на демократијата, се резултат на грешките направени од двете страни во периодот помеѓу 1990 и 2000 година. Во овој период Западот создаде впечаток дека сака да ја уништи Русија, што, пак, за возврат ја принуди Москва да се посвети на „уништувањето“ на Западот и ослабувањето на ЕУ. Некој би рекол чекорење од грешка во грешка…
Но ако се остават емоциите и симпатиите (или одбивноста) кон Макрон и се направи трезвена геополитичка анализа, ќе се дојде до заклучокот дека неговата иницијатива заслужува големо внимание, без разлика дали тоа им се допаѓа или не на вжештените глави на западните јастреби. За тоа постојат повеќе причини. Па, така, не смее да се заборави дека геополитичката слика е многу променета.

Додека Кина сѐ повеќе расте, САД полека но сигурно се дистанцираат од својата глобална улога. Во таков контекст, Русија е природен плен за долгорочните амбиции на геостратегиските планери во Пекинг. Европа, односно нејзините лидери не смеат немо да гледаат како оттурнатата Русија полека но сигурно го гради сојузот со Кина. Затоа, европските лидери треба искрено да се обидат да ја убедат Москва, дека иднината на Русите е со и во Европа, а не во некаков руско-кинески сојуз, во кој, поради стареењето на руското население, Русија би била (потчинетиот) партнер. И покрај тоа што Русија не може да победи во трката со Кина, руската држава сепак се врати на сцената како сериозен глобален партнер. За тоа говори и фактот дека многу сегашни конфликти, од Источна Европа до Блискиот Исток, не можат да се изгаснат без инволвираноста на Русија. Европа едноставно не може да го негира овој факт и не треба залудно да се обидува да ја ограничи Русија.

Во контекст на новата дипломатска иницијатива на Макрон кон Москва е потребата да се пополни лидерскиот вакуум во Европа. Откако Британија по сѐ изгледа и дефинитивно е надвор од играта, благодарение на брегзит, а Германија ја пребродува болната лидерска смена (поради заминувањето на Меркел од политичката сцена), останува на Франција да ја преземе лидерската улога на европскиот континент. Со други зборови, Франција едноставно ги дочека своите пет минути. Се разбира, младиот и енергичен Макрон не ги остава настрана ни бизнисите, па така калкулира дека приближувањето кон Русија сигурно ќе им се допадне на француските, но и на европските економски сектори, кои очигледно најмногу страдаат од антируските санкции.

И додека на Вашингтон сигурно не му се допаѓа ваквиот развој на настаните, Макрон очигледно е доволно храбар да укаже на тоа дека строгата западна политика за ограничување на Русија едноставно не успеа. Францускиот лидер увиде дека во геополитичкото позиционирање не смее Европа да се остави да биде спореден играч, кој ќе биде туркан настрана во спринтот на „големите“. На крајот, како Европа ќе докаже дека ја заслужува улогата на глобална сила ако не поведе глобални иницијативи, без разлика на тоа дали ќе им се допадне на антируски настроените западни јастреби.

[email protected]