Концерт или кластер на Хераклеја

Општ впечаток е дека на концертот на хрватскиот пејач Петар Грашо беа прекршени сите безбедносни протоколи пропишани од Комисијата за здравство. Ова не е констатација само на присутните на концертот туку и на надлежните државни органи. Какви поуки може да извлечеме од ова за во иднина

Битолската јавност, особено онаа што веќе цели 6 месеци строго ги почитува пропишаните мерки и здравствени протоколи, пропишани од Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство, не само што е загрижена туку во најмала рака е згрозена, по сѐ она што се случуваше на концертот на хрватскиот пејач Петар Грашо, на Хераклеја.
И покрај тоа што на концертот, по пропишаните протоколи не смееше да има повеќе од 600 љубители на музиката, сепак, според слободна процена на присутните и снимките што излегоа на социјалните мрежи, на концертот на Хераклеја беа присутни над 2.500 гости, колку што е максималниот капацитет на амфитеатарот.
Општ впечаток е дека на концертот беа прекршени сите протоколи пропишани од Комисијата за здравство.
Ова не е констатација само на присутните на концертот туку и на надлежните инспекциски органи на државниот инспекторат, кои по првичниот записник, изработен пред почетокот на концертот, по повторната контрола констатирале дека има многу поголем број присутни отколку што треба.

Кога се чинеше дека по дводневниот молк случувањата на концертот ќе завршат по кај нас познатата девиза „се тресеше гората, се роди глушец“, сепак, надлежните овој пат решија остро да реагираат.
Најпрво министерот за здравство Венко Филипче, а подоцна и првиот човек на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски, откако констатираа дека протоколите се прекршени побараа остри санкции и казни за организаторот на концертот.
Општа констатација е дека организаторот на концертот на Грашо не само што ги прекрши сите протоколи за здравствена заштита туку и си поигра со здравјето на присутните на Хераклеја.
Воден од желбата да заработи што повеќе пари, организаторот на концертот во продажба пушти многу повеќе влезници отколку што дозволуваат прописите по ковид-19 и со тоа не само што си поигра со здравјето и довербата на битолчани туку на некој начин ги изигра и спонзорите, помагателите и покровителите, кои финансиски го помогнаа гостувањето на Грашо во Битола.

Меѓу тие изиграни покровители беше и Општина Битола, која одлучи финансиски да го помогне неговото гостување на Хераклеја, а која се најде изманипулирана и изиграна, па затоа побара за направените пропусти и слабости во организацијата, организаторот да биде санкциониран, како парично, така и кривично.
За пропустите на концертот на Грашо на Хераклеја остро реагираше и министерот за здравство Венко Филипче, кој побара надлежните инспекции да го казнат организаторот. Ништо поблаг во критиките за пропустите на концертот не само кон организаторот туку и кон инспекциските служби, не беше ни првиот човек на инспекторатот, Стојко Пауновски, кој покрај за организаторот, побара дисциплински санкции и за пазарните инспектори, кои не присуствувале докрај на концертот и за овој музички настан изработиле два записника.
Битолчани веќе неколку дена го поставуваат прашањето зошто надлежните инспекциски органи откако видоа дека музичкиот настан не се одржува според протоколите не реагираа и не го прекинаа.

Ако пред извесно време истите инспекциски служби знаеја да упаѓаат во обични ресторани и со специјалци да ги бркаат гостите, зошто не реагираа на случувањата на Хераклеја.
Што ќе се случи и кој ќе одговара доколку се појави кластер Хераклеја. Кој ќе биде одговорен за тоа?
На настанот на Хераклеја во Битола не се огорчени само обичните граѓани на Битола, кои бараат одговорност, туку и тие што присуствуваа на концертот, кои кога купуваа онлајн влезници мислеа дека ќе има публика по пропишаните протоколи и дека ќе се чувствуваат безбедно на Хераклеја.
На пропустите од Хераклеја огорчени се и сопствениците на угостителските објекти, кои цели 6 месеци не можат да организираат ни свадби, ни венчавки, ни крштевки, ни родендени, токму заради почитување на препораките за држење дистанца и спречување на ризиците од ширење на вирусот.
Огорчени се и љубителите на спортот, кои не можат да ги следат натпреварите на своите миленици, иако таму има многу подобри услови за одржување дистанца.
Да се разбереме. Никој не е против одржувањето културни настани и музички настани.

Поради долгото траење на короната се чини дека на сите им преку глава од седење дома и им треба малку олабавување. Но во ваква ситуација, кога здравствените работници предупредуваат на максимално почитување на здравствените протоколи и кога секојдневно имаме по стотици новозаболени од ковид-19 и кога бројот на тие што ги изгубија животите кај нас станаа веќе статистички бројки, никој нема право да ја злоупотребува довербата на Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство, кои во настојувањето да се олабават состојбите донесоа одлука под строго пропишани протоколи да се одржуваат концерти на отворено.
Битола долго време беше град во кој бројот на позитивните на ковид-19 можеа на прсти да се избројат. Но во последно време, особено по олабавувањето на мерките, и Битола стана град во кој дневно имаме по неколку заразени од смртоносниот коронавирус.
За да се излезе од колективната депресија поради коронавирусот, Општина Битола одлучи не само да дозволи одржување културни и музички манифестации на отворено во градот туку истите тие и финансиски да ги помага.
Па, така, Битола покрај Охрид е еден од ретките градови во државата каде што се одржуваат музички случувања.

Но сите тие треба и мора да се одржуваат по строго пропишани протоколи.
Затоа никој нема право да ги злоупотребува довербата и добрите намери не само на граѓаните туку и на Општината, која во ситуација кога многу културни манифестации и случувања во градот се одложени за некое идно време, од својот буџет ги помага истите тие.
Иако за менаџерите и за организаторите на концертите отсекогаш профитот бил главна цел, сепак, во оваа ситуација на ковид-19 и тие треба поинаку да размислуваат и да водат пред сѐ грижа за безбедноста и здравјето на граѓаните, а потоа за нивните ситни математики.