Концепт „Квалитетно општество за сите“

Парадоксално е и самото барање да се делат субвенции за вработувања по етнички клуч. Имено, никој во оваа држава не е граѓанин од втор ред, па да мора државата некому да му плаќа да го вработи. Сите сме исти, а ако сакаме работите да тргнат на подобро, можеби концептот „Едно општество за сите“ треба да се промени и да биде „Квалитетно општество за сите“. Токму така, квалитетно општество за сите

Не толку одамна актуелната власт го промовира концептот „Едно општество за сите“, кој беше и во нивната политичка понуда во пресрет на изборите. И идејата навистина е благородна. Македонија отсекогаш била плодно тло за заеднички живот, соживот, национална и верска толеранција, била шаренолика и многуслојна по сите основи, со уважување на различностите. Тоа пуштило длабоки корени во татковината и државата на нас Македонците, која, се разбира, е татковина и на сите оние што се чувствуваат различно од нас а живеат на овие простори. Ние длабоко и чесно ги уважуваме сите! Но ние Македонците сме биле и претолерантни, препопустливи и пристапни за секакви компромиси, дури и на штета на нашите суштински и темелни интереси. Добро, никој не е совршен, ќе речете, па ни ние. Но, навистина, сега слободно може да кажам дека македонските граѓани навистина се изморени од (перманентно наметнатите однадвор) поделби по разни основи. Сите ние се понадевавме дека и во оваа земја конечно ќе престанат поделбите, а единствен критериум за напредок ќе стане квалитетот.

Но надежта кратко траеше. Многу брзо по формирањето на Владата, албанскиот коалициски партнер во Владата почна да ја „буши“ власта со далеку од разумни барања. И, демек, сето тоа во рамките на заедничката владина програма?! Се покажа дека не е така… Првиот вицепремиер излезе со најава дека државата ќе субвенционирала приватни компании што ќе вработувале Албанци, па по бурата што се крена во јавноста, терминологијата се смени прекуноќ и идејата се трансформира во „субвенции за вработување припадници на етничките заедници“.
И уште додека траеше дебатата дали ова води кон нови поделби и фаворизирање на една етничка заедница, уште еден лидер на албанска партија од владејачката коалиција излезе со барање во приватните фирми да се воведе и двојазичност, демек дипломираните Албанци слабо го знаеле македонскиот јазик.
Уште од старт и обајцата ја закопаа толку благородната традиционална идеја инкорпорирана во концептот „Едно општество за сите“, која гледана низ нивна призма би требало да гласи „Едно општество за Албанците“.

Токму ваквите барања водат кон уште подлабоки поделби на општеството и фрустрација на сите други, па затоа не треба да зачудува што сè поголем број луѓе ја напуштаат земјава и среќата ја бараат во странство, губејќи секаква надеж дека „ќе нè биде“.
Да биде парадоксот уште поголем, сопствениците на приватните фирми секогаш се во потрага по квалитетен кадар и не верувам дека имаат некакви предрасуди при вработувањето дали некој е Македонец, Албанец, Турчин, Србин, Ром, Влав, туку нив ги интересира дали вработениот придонесува за доброто работење на компанијата.
Покрај тоа, зошто некој би вработувал по етнички клуч за да добие субвенции ако таквите вработувања му донесат лошо работење на фирмата и постојани загуби? Субвенциите сигурно нема вечно да траат, но штетата што ќе се направи ќе биде ненадоместлива.
Ако гледаме така, државата веќе десетина и повеќе години де факто субвенционира неколку илјади луѓе вработени по етнички (партиски) клуч што воопшто не одат на работа а земаат плата.

Уште поголем хаос ќе донесе двојазичноста. Кога луѓето добро се разбираат има постојан напредок, но кога нема разбирање, тоа води кон поделби.
Ако е Македонија едно општество за сите, тогаш може и официјалниот јазик да биде средство за официјална комуникација на сите.
Впрочем, илјадниците гастарбајтери од земјава кога одат да работат во Германија и во други земји со тамошните газди во фабриките не комуницираат на македонски, албански, турски или некој друг јазик, туку пелтечат на германски или на јазикот што е официјален во таа држава и уште се горди што врзале два-три странски збора.
Изгледа дека истите тие дипломирани кадри не го познаваат само македонскиот јазик, додека со другите светски јазици добро „парлаат“ и во странство не бараат тамошните газди да го научат нивниот јазик.
Значи, да не се разбереме погрешно, немам против секоја етничка заедница да си го негува мајчиниот јазик и да си го употребува слободно, но потребно е да се почитуваат и државата и нејзиниот официјален јазик за да се олесни комуникацијата и да се подобри разбирањето.

Повлекувањето во етнички табори води само кон нови поделби.
Парадоксално е и самото барање да се делат субвенции за вработувања по етнички клуч. Имено, никој во оваа држава не е граѓанин од втор ред, па да мора државата некому да му плаќа да го вработи. Сите сме исти, а ако сакаме работите да тргнат на подобро, можеби концептот „Едно општество за сите“ треба да се промени и да биде „Квалитетно општество за сите“. Токму така, квалитетно општество за сите.
Кога критериумите „квалитет“ и „способност“ ќе станат главни при поставувањето луѓе на раководни функции, тогаш никому нема да му биде гајле дали прв човек на некое јавно претпријатие во Дебар е Македонец ако тоа претпријатие работи одлично, а бенефиција имаат сите дебрани.
Истото тоа може да биде и во Струмица. Значи, единствено нешто што може да доведе до напредок на државата е токму концептот „Квалитетно општество за сите“.
Она што треба итно да се направи е бришење на етничкото и партиското, а вработување на оние со знаење, визија и чесност, кои ќе тргнат од идејата за градење просперитетно општество за сите, без оглед на етничката припадност.

А државата, наместо да субвенционира вакви етнички вработувања и двојазичност во приватни фирми, нека субвенционира талентирани деца, нека им помогне на оние на кои им се потребни средства за операции во странство, нека го забрза развојот на инфраструктурата, нека ја стимулира екологијата, нека им помогне на социјално ранливите категории…
Токму тоа е она што треба да се направи и што ќе доведе до развој на едно хумано и кохерентно општество, општество што ќе ја гради оваа држава, која ќе биде дом за сите и во која сите ќе имаат еднаква шанса.