Консензус за реформите

Во таа насока логично се наметнува и дилемата дали е можно како што власта и опозицијата постигнаа консензус за предвремени избори да постигнат консензус и за сите други битни прашања, чие решавање може да ѝ обезбеди поперспективна иднина на земјава

Минатата недела можеби ќе остане запаметена како една од најдраматичните во историјата на македонскиот народ и држава во однос на нејзиниот европски пат. Францускиот претседател Емануел Макрон беше единствениот ЕУ-лидер што изминатата седмица стави вето на почетокот на преговорите на Македонија за членство во Унијата. Во исто време одлуката на Макрон експресно беше осудена од првиот човек на Европската комисија Јункер како „историска грешка“, но францускиот претседател остана на своето дека „ЕУ треба да се фокусира на сопствениот дом „реформски“ пред да размислува дали ќе прими нови членки“.
– Ова е недоразбирање околу визијата. На правилата, но и на ЕУ за проширување им се потребни реформи – изјави Макрон.

Сублимирајќи ги накратко пораките од Макрон, очигледен е фактот дека еден од моторите на Европа, Франција, која по Германија е движечка сила на Унијата, си го кажаа своето, а тоа е дека Унијата во брзо време не планира да се проширува со нови земји, туку очигледно е дека таа ќе се занимава со внатрешни реформи. Практично за нас тоа значи нова најава за уште една долга патека што ќе мораме да ја изодиме за да го стигнеме членството во ЕУ, но и нов предизвик со времето како да го потрошиме.
Клучната дилема што е актуелна во политичките кругови е дали предвремените избори (за кои власта и опозицијата експресно се согласија) се вистинското решение во ситуација на колективно разочарување по француското „не“, кога патот кон ЕУ е крајно маглив или, пак, е период во кој сите политички субјекти, како што сметаат и знаат, треба поодлучно да влезат во спроведување на реформите во делот на правосудството и администрацијата, борбата со корупцијата итн. Има многу области на кои треба интензивно да им се посветиме и да се подобрат состојбите во нив, а се детектирани од поодамна.

Суштинските реформи, кои значат подобра иднина за граѓаните, подобар правосуден систем, поконкурентна економија итн., не смеат да се користат за печалење политички поени, на еден или на друг начин

Во таа насока логично се наметнува и дилемата дали е можно како што власта и опозицијата постигнаа консензус за предвремени избори да постигнат консензус и за сите други битни прашања, чие решавање може да ѝ обезбеди поперспективна иднина на земјава. Едно од тие прашања, на пример, е пописот, како тема што, очигледно, исто така, се избегнува со здружени сили, и покрај сите претходни амбициозни најави дека конечно ќе се преброиме следната година. Всушност, очекувано е резултатите од пописот да значат болно соочување со реалноста, односно да ги потврдат неодамнешните податоци во извештајот на Светска банка, со кои се покажа дека од земјава токму поради каскањето на реформите се иселија половина милион граѓани. Тоа ли е причината поради која се одложува оваа важна статистичка операција?
Понатаму, по последниот (не)очекуван студен туш од Брисел, веројатно на сите сега им е повеќе од јасно дека треба да седнат сите заедно како на селско гумно и да дискутираат за перспективите и за алтернативите. Да го потиснат нивото на драматика и да се обидат суштински да пристапат кон решавање на проблемите.

Затоа редно време е домашните политичари од сите партии безусловно во земјава, додека ги чекаме изборите или новиот датум со ЕУ, да се зафатат со вистински реформи и да сфатат дека во иднина не може да се функционира по системот купи ден продај, туку неодложно и итно да се зафатат со решавање на наталожените проблеми. Се разбира, тоа не може да биде обврска и задача само на една или две политички партии, туку заедничка обврска и одговорност на сите политички чинители во државата. Суштинските реформи, кои значат подобра иднина за граѓаните, подобар правосуден систем, поконкурентна економија итн., не смеат да се користат за печалење политички поени, на еден или на друг начин.

Во таа насока, критиките од ЕУ во кои се истакнува дека во државата слабо функционираат правната државата, економијата и безбедноста не се новост за обичните граѓани. Ним никој не треба да им каже дека земјата по патот кон ЕУ бавно ни се влече, и има мака да ги достигне државите што веќе се дел од Унијата. На обичниот народ исто така не му требаат предизборни илузии од политичарите, бидејќи тој добро знае зошто економијата ни каска зад европската, зошто корупцијата е толку висока и зошто правната држава и судството ни се наоѓаат на ниско стојалиште зад европските стандарди. Токму затоа сега политичарите треба да се откажат од практиката и реториката на постојани меѓусебни обвинувања и заедно да се здружат, да засукаат ракави и да сработат за да ја издигнеме земјата на европско ниво по сите стандарди и мерила. Со други зборови кажано, додека го чекаме новиот датум да го искористиме времето за да сфатиме дека никој однадвор не може да ни ја среди државата најмалку Брисел, а уште помалку Париз, додека самите ние не ја европеизираме Македонија.

Фото: Игор Бансколиев

[email protected]