Комар(ец)-ситуации

Работава секако не е за шега, но и самата констатација дека со месеци не можеме да се справиме со јато женски комарци (негде прочитав дека само тие касале и цицале крв), а од друга страна сме подготвени за влез во НАТО е навистина иронична, да не кажам парадоксална

Македонската метропола е нападната од воздух. И тоа пред да станеме дел од НАТО. Непријателот ја користи тактичката предност што Алијансата не може да нѐ брани и ете удри со сите сили. Сега мора сами да се справиме со опасноста што доаѓа од горе. Да биде маката поголема нашите авиони и воздухоплови се невооружени и практично беспомошни. Велат дека биле стелт-авиони, невидливи и премногу тивки. Не бучеле како претходно и не ги плашеле непријателските трупи, па овие да се разбегаат наоколу.

Во меѓувреме бројот на настрадани секојдневно расте. Речиси нема граѓанин што не го почувствувал на своја кожа гневот на непријателот. Негова специјалност, пак, е цицањето крв. Притоа како оружјe користи многу едноставно, генетички вродено долго рило за бодење со кое им ја пие крвта на жртвите. Ако инвазијата продолжи уште некое време ќе нѐ направи сите анемични. Ќе нѐ обескрват комарците пред референдумот. Засега единствено ефикасно противсредство да се заштитите од оваа агресија е да го покриете целото тело и да се закопчате до гуша. Ама кој може да издржи толку покриен на овие горештини. Што велат угоре високо, удолу длабоко.
И така, засега го положивме оружјето пред непријателот, пред да влеземе во НАТО.
Врховниот командант на НАТО-силите за Европа и командант на Командата на американските сили во Европа, генерал Куртис Скапароти деновиве дојде да нѐ види и порача дека едвај чека да станеме 30-та членка на Алијансата.

Како да се справиме од споменатата агресија, не кажа. Но ако пораката дека едвај чекаат да нѐ примат значи дека под нивниот безбедносен чадор ќе се спасиме и од комарците, богами и ние едвај чекаме. Работава секако не е за шега, но и самата констатација дека со месеци не можеме да се справиме со јато женски комарци (негде прочитав дека само тие касале и цицале крв), а од друга страна сме подготвени за влез во НАТО е навистина иронична, да не кажам парадоксална.
Како и редица други ситуации, карактеристични за изминатава недела.
Ќе споменам само некои од нив.

Да тргнам од во моментов најактуелното политичко прашање поврзано со претстојниот референдум за промена на името за членство во ЕУ и во НАТО. Додека кај нас течат подготовките за негово одржување, сигналите што доаѓаат од соседна Грција сосема го релативизираат значењето на референдумот, односно уште отсега ги прават неговите резултати целосно безначајни. Со други зборови, што и да направи Македонија, па дури и референдумот да биде суперуспешен, тоа нема ништо да промени во односот на Грција кон нас ниту во нашите евроатлантски интеграции. Ќе останеме каде што бевме и досега, само можеби со променето име и со променет Устав. Народот има убава изрека за вакви ситуации, која гласи: „Ќе ве пренесат жедни преку вода“. Еве точно за што станува збор.

Во домашните медиуми некако млако одекна изјавата на лидерот на Независни Грци и министер за одбрана на Грција, Панос Каменос, кој патем е коалициски партнер во владата на Ципрас и кој деновиве порача дека уште пред договорот со Македонија да дојде во грчкиот парламент тој и неговата партија ќе ја напуштат Владата. Каменос всушност сака да каже дека ние овде може да гласаме колку сакаме, да се прекрстиме и во северна Алјаска како што се мајтапеше неговиот колега Коѕијас, но пак нема да влеземе во ЕУ и во НАТО. Каменос е решен попрво да ја урне владата на Ципрас, во која и тој е министер, да се оди на нови избори или на референдум и во Грција, наместо нашиот јужен сосед да ја испочитува спогодбата од мала Преспа. И ова не се мрачни сценарија или новинарски претпоставки туку јасни и категорични тврдења на министер во грчката влада и клучен коалициски партнер.

И како и за комарците и за одредени претпоставени дипломатско-политички стапици и ситуации, за жал, немаме ефикасна противодбрана. А таа е дека коцка и комар не може да се игра ако во залог се ставаат интересите на државата и на граѓаните. И особено не со противник што е научен да мами

По ова секој натамошен коментар би бил вишок. Грците испланирале чекалницата да остане уште долго нашата судбина. Само сега чекаат уште да се смени името на пациентот што чека. Ова некако ми личи на комар(ец)-ситуација. Вие вложувате сѐ на една карта, се коцкате со најважните атрибути на државата, мавтате со спогодбата наоколу како да бркате комарци, се изложувате на ризик да изгубите сѐ, додека играчот спроти вас само гледа сеир и чека во заседа да ви го забоде своето рило и да ви ја доисцица крвта. И како и за комарците и за ваквите претпоставени стапици и ситуации, за жал, немаме ефикасна противодбрана.

А таа е дека коцка и комар не може да се игра ако во залог се ставаат интересите на државата и на граѓаните. И особено не со противник што е научен да мами.
И додека горештините притискаат, комарците гризат, а соседите тактизираат, како гром од ведро небо нѐ стрефи извештајот на ГРЕКО, тело на Советот на Европа за борба против корупцијата, во кој се констатира дека состојбите во Македонија на овој план да ти биле уште поразочарувачки. Во извештајот има сѐ и сешто, што сме исполниле што делумно сме исполниле и што воопшто не сме исполниле, но тоа сега е помалку важно. Суштинската порака е дека и со овој извештај како и со нон-пејперот, кој стигна претходно од Брисел, се укажува на сериозни пропусти во функционирање на државата. Тоа секако треба да нѐ загрижува сите.

Оттаму веднаш по одморите веројатно прва задача со која треба да се зафатат домашните институции и политичари е да ги отклонат сите констатирани аномалии, да ги засилат реформите и да се посветат на она што е нивна основна и примарна задача. Подобрување и олеснување на животот и стандардот на граѓаните. На дело, со конкретни потези и мерки наместо со празни зборови и ветувања. Само така ќе превенираме утре некој иден извештај да ни се удри од глава. И уште поважно од сѐ, ќе ги разубедиме граѓаните дека конечно државата и инструкциите работат и функционираат во согласност со предвидените законски и европски норми, а не како нечиј домашен пашалак.