Колумбискиот „Ботеро“ – пример на добра музејска практика

Музејот на Ботеро или јужноамериканскиот Пикасо, како што го нарекуваат, е пример за тоа како една мала галерија, со дела донирани од авторот, една не претерано скапа инвестиција, може да прерасне во вистинска препознатливост на еден град. Пример дека и најмалиот музеј може да продаде голема приказна, а приказните што се плетат тука да бидат поттик за стотици туристи секојдневно да се слеваат по колонијалните улички на престолнината на Колумбија, Богота

Висококвалитетни масивни принтови на делата на славниот сликар Фернандо Ботеро ве пречекуваат на аеродромот „Елдорадо“ во Богота, престолнината на Колумбија. Препознатливите дебели фигури на најславниот современ колумбиски уметник паѓаат во очи дури и кај оние што не се познавачи или љубители на ликовната уметност. Токму тоа е и целта на ваквиот потег – да се заинтересирате за шармантните дебели женички што висат од секое ќоше на колумбискиот аеродром и да се запрашате што се тие, какви се нивната цел и намена…

Интересна идеја и маркетиншки потег за привлекување внимание на туристите и посетителите на овој град, за да се зголемат вредноста и почитта кон богатството на колумбиската уметност. Со оваа обична изложба на необично место (аеродром) јавноста станува уште посвесна за богатството и вредностите на културното наследство на Колумбија. Овој мал тригер е доволен подоцна да ве одведе до музејот „Ботеро“, во кој е собрана завидна колекција од творештвото на авторот.

Музејот се наоѓа во идиличното соседство Ла Канделарија во Богота, градскиот историски центар со колонијална архитектура и згради во зелена боја. Музејот го добива името по познатиот колумбиски сликар Фернандо Ботеро (р. во 1932 година, Меделин Колумбија), кој на музејот му донирал 208 уметнички дела: 123 сопствени и 85 дела од други славни автори, меѓу кои: Пикасо, Моне, Дега, Лотрек, Реноар, Шагал, Миро и др. Сместен во двокатна колонијална бела куќа, музејот може да се пофали со прекрасна цветна градина во средиштето на објектот и одличен поглед на боготските покриви и катедрали од горниот кат. Музејот има шармантно продавниче за музејски експонати и преубав ресторан за одмор на посетителите.

А збирката не е многу обемна, но е неверојатна. Благодарение на широкоградоста на Фернандо Ботеро, кој ги донира сите дела, и влезот е бесплатен. Така, за ич пари можете да уживате во делата на уметникот што знае да ги провоцира критичарите со своите колоритни, огромни и многу популарни дела веќе цели шест децении. Покрај слики, изложени се и неколку скулптури, чудовишни по своите димензии и мотиви, леани во бронза, а работени во истиот манир како и маслата на платно. Популарноста и успехот во случајот на Ботеро се должат на неговата фасцинација од величината и волуменот, кои му донесоа светска репутација. Многумина веројатно најдобро ја знаат неговата „дебела“ Мона Лиза, едно од неговите најпознати дела, и многумина, особено критичарите, понекогаш со потценување гледаат на неговата уметност, иако неговите слики достигнуваат милионски суми кај колекционерите. Но кога ќе се најдете наспроти неговите огромни разнобојни платна, сфаќате дека Ботеро е уметник што ги надминал концептите на висока и ниска уметност, и токму во тоа и е неговата вредност. И самиот знае да се пошегува дека неговите дела душа дале да украсат нечија дневна соба.

Неговите дела се толку достaпни (скулптурите ги има на јавни простори од Њујорк до Женева) што едноставно изгледаат како некој вид народна уметност. Дури и аеродромот во Барселона доби на подарок бронзен коњ со потпис на Ботеро. Иако е универзално сфатена, работата на Ботеро може да изгледа наивно, но таа е сѐ освен тоа. Покрај својата масивна привлечност, неговите ликови кријат сила што само ја засилува масивноста, а зад нивната комична волуменозност (хуморот, покрај колоритет, е одлика на уметникот) се кријат жестока сатира и закана. Неговите надуени фигури ги критикуваат и изразуваат нашите ставови кон алчноста, изобилството и богатството, секој вид претерување. Во исто време неговите балонски жени, мажи и деца, се сензуални и нежни.

Музејот на Ботеро или јужноамериканскиот Пикасо, како што го нарекуваат, е пример за тоа како една мала галерија, со дела донирани од авторот, една не претерано скапа инвестиција, може да прерасне во вистинска препознатливост на еден град. Пример дека и најмалиот музеј може да продаде голема приказна, а приказните што се плетат тука да бидат поттик за стотици туристи секојдневно да се слеваат по архаичните улички на Богота. Како што Холандија го има Ван Гог, Шпанија – Пикасо, Франција – Роден, Америка – Џексон Полок, Јапонија – Кусама, Црна Гора – Петар Лубарда, Шпанија – Пикасо и Миро, за Колумбија тоа е Фернандо Ботеро. И сите овие уметници имаат свои музеи во својата средина.

И Македонија има бележити сликарски имиња што заслужуваат да имаат свој музеј, како што тоа е практика во сите поголеми но и помали градови. На пример, нашиот мајстор Петар Мазев, еден од корифеите на македонското сликарство, заслужува простор во кој ќе биде сместена неговата импозантна оставина. Можно е неговата куќа и ателје во Сарај да се адаптираат за музеј во согласност со семејството, што може да биде фантастична туристичка атракција. Нешто слично на големиот број свeтски музеи што секојдневно привлекуваат илјадници посетители. На тој начин ќе се развива и т.н. ликовен туризам, по теркот на мноштвото локални музеи низ светот. А првата постојка на таквиот туризам може да бидат аеродромските терминали, како што тоа го прави колумбиската престолнина за подобро да ја продава приказната за својот ненадминат Фернандо Ботеро.