Колку тежи еден збор

Многубројните канали за комуникација, пред сѐ социјалните мрежи, кои од страна на политичките фактори се користат пред сѐ за потврда на нивната „транспарентност“, а од оние што не се тоа, како можност и тие да бидат видени и чуени, со сите наведни, но и голем број други можности за манипулација со зборовите, се сведоа на кафеанска дебата. Не онаква каква што беше некогаш, кога кафеаните беа интелектуални жаришта, туку на приземна, полупијана и малограѓанска, полна со завист, омраза и субјективност или, пак, додворувачка, лицемерна и сервилна. Во двете крајности – нецелисходна и непродуктивна

Мудрите некогаш говореа дека тежината на зборот зависи од тоа кој го изговара, но во последно време зборот сѐ повеќе почнува да се вреднува и според тоа каде и како, па дури и зошто се изговара, значи според ситуацијата. Крајниот резултат на оваа модифицирана формула е можноста за релативизирање на секој изречен збор, за произволно зголемување и намалување на неговата тежина. Некој одамна им го објаснил тоа на политичарите, дури и им осмислил алатки што обезбедуваат убедлива поддршка за манипулација со зборовите. Па, така, имаме проектиран буџет и ребаланс на буџетот, проектиран и ревидиран економски раст, договори и анекси на договори, закони и цел спектар брилијантни можности за нивно непочитување или за нивно спроведување во сосема друга насока од првично декларираната, од подзаконските акти, преку законски дополнувања и измени, до радикална реформа на целиот систем, па дури и реформи на реформи.

Надградбата одела и понатаму, така што на политичарите им се обезбедени и дополнителни системи за амортизирање на повратните удари од нивните погрешно изречени или дадени па повлечени зборови. Сателитските политички партнери, невладини организации и граѓански активисти, експерти од разни области и анонимни ликови од специјалните тимови во кабинетите, со различни информации и дезинформации, пропаганди, спинови и контраспинови, се ангажирани за да обезбедат некаква веродостојност и колку толку да ја одржат тежината на зборот на одредени личности. Но, како што оваа, на прв поглед, стабилна пирамида се надградува, така всушност се нарушува нејзината статика. Лошиот распоред на оптоварувањата можеби и не е толкав проблем, колку што се сѐ побројните постојано отворени канали за комуникација, кои тешко, речиси невозможно, е да се контролираат. Па така, на пример, кога некој висок политичар, во моментот на инспирација, ќе истресе нешто на Твитер или на Фејсбук, без некогаш порано задолжителната повеќекратна проверка на официјалните соопштенија од страна на за тоа по службена должност задолжените тимови, нештата тргнуваат кон катастрофа. Прво, затоа што содржината не може да се повлече, бидејќи некој веќе ја презел и ја споделил, но затоа секогаш може да се тврди оти профилот бил злоупотребен или, пак, оти станува збор за лажен профил. Понатаму, во секоја од овие варијанти следуваат безбројни можности за интерпретации, анализи, коментари и заклучоци. Во краен случај, сосема легитимно стана и политичарот самиот да си го повлече зборот и сѐ да заврши како никој да не бил навреден, охрабрен или излажан со таквата информација. Но и тогаш топката може да продолжи да се тркала со речиси идентични објаснувања, дека профилот бил лажен, дека некој погрешно го интерпретирал, па дури и „повлекувањето на зборот“ да биде повлечено.

Со сето тоа, на традиционалните медиуми им се ограничуваат можности за критички пристап, како единствен начин за постигнување некаков квалитет, не само во информирањето туку и во сложените процеси на согледувањето на проблемите и на нивното решавање, нешто што јавноста со право го очекува од секоја власт. Затоа се вели дека зборовите можат да бидат креативна сила и да носат енергија. Но тоа само доколку имаат тежина

Освен тоа, истите тие постојано отворени канали за комуникација, не помалку простор и не помалку можности, им даваат и на политичките маргиналци, разни ликови чиј збор некогаш многу тешко можеше да стигне до пошироката јавност, а и во тој случај, со самиот негов пласман во медиумите, јасно се одредуваше и неговата тежина. И некој, со име и со презиме, и за тоа беше одговорен.
Многубројните канали за комуникација, пред сѐ социјалните мрежи, кои од страна на политичките фактори се користат пред сѐ за потврда на нивната „транспарентност“, а од оние што не се тоа, како можност и тие да бидат видени и чуени, со сите наведни, но и голем број други можности за манипулација со зборовите, се сведоа на кафеанска дебата. Не онаква каква што беше некогаш, кога кафеаните беа интелектуални жаришта, туку на приземна, полупијана и малограѓанска, полна со завист, омраза и субјективност или, пак, додворувачка, лицемерна и сервилна. Во двете крајности – нецелисходна и непродуктивна. Но она што притоа е многу пострашно е што со сето тоа на традиционалните медиуми им се ограничуваат можностите за критички пристап, како единствен начин за постигнување некаков квалитет, не само во информирањето туку и во сложените процеси на согледувањето на проблемите и на нивното решавање, нешто што јавноста со право го очекува од секоја власт.

Затоа се вели дека зборовите можат да бидат креативна сила и да носат енергија. Но тоа само доколку имаат тежина. И особено пред избори.

[email protected]