Колку криминал и корупција може да собере еден мандат

И додека политичките партии како претоварени бродови бесцелно пловеа по отвореното но релативно мирно море во изминативе неколку години, некако успеваа да се справат со сите тие оптоварувања. Сега, кога се доближуваат до копното и треба да впловат во пристаништата, потребни се вешти маневри и бродови ослободени од непотребната баласт. Поедноставено, доаѓаат избори. Ако партиските лидери се обидат да впловат во пристаништата со истиот товар, со истата не само неквалитетна туку и мошне расиплива понуда и на овие избори, тогаш јавноста навистина и ја заслужува улогата на потценета пасивна маса, без никаква волја за размислување и дејствување, а политичката понуда – на нејзина проста рефлексија

Старата година заврши со одлуката со која Судскиот совет, по барањето на Кривичниот суд, му го одзеде судскиот имунитет на еден од своите членови, но го одби барањето за неговиот 30-дневен притвор како првоосомничен во истрагата за нелегална приватизација на државен имот. Новата започна со одлуката на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд – Скопје да поднесе обвинителен акт за едно правно и пет физички лица, меѓу кои и актуелна пратеничка и потпретседателка на Собранието. Тие се товарат за измама и за перење пари во случајот што на јавноста ѝ е познат како „Рекет 2“. Континуитетот, значи, ниту при смена на декадите, не беше загрозен и аферите што произлегуваат од највисоките нивоа на власта, еднакво од судската, законодавната и извршната, продолжуваат со несмален интензитет и потенцијал да се интензивираат со разгорување на предизборната кампања, што, секако, ќе зависи и од способноста на моменталната техничка влада, но и на таа што треба да се формира напролет, по изборите, да ги апсорбира сите криминогени и на корупција подложни кадри во свои редови.

Тука, значи, не се зборува за чаршиски муабети, за некакви нејасни најави на случаите со криминал и корупција на највисоките нивоа на власт. Станува збор за случаите што веќе се предмет на постапувања од страна на надлежните органи, а за кои се товарат актуелни државни функционери, така што какви било објаснувања за политички мотивираните прогони, барем во прв момент, оставаат впечаток на краен невкус и на недораснатост на, по сѐ изгледа, лесно добиените улоги во политичкиот и, воопшто, во општествениот живот на земјава. Но бидејќи помалку или повеќе слични афери со години се речиси секојдневие во државава, воопшто не е потребно подлабоко промислување за да се дојде до поразителното сознание оти тоа веќе не е само начин на владеење туку и начин за живеење, и тоа не само на повисоките ами и на сите нивоа на политичките структури, па дури и на оние што успеваат да фатат каков било линк со некој „јак од политиката“.

Тоа се баластите за кои партиските раководства се мошне свесни, иако јавно одбиваат да ги признаат и декларативно се обидуваат да се дистанцираат од нив, додека зад кулисите вешто ја балансираат нивната тежина заради заштита на востановената сопствена и партиска репутација, но уште повеќе заради контрола и манипулација на што поширок круг луѓе, кои од различни мотиви и со различни намери се качиле на бродовите, на кои, сепак, има помалку елеци за спасување отколку патници. Можеби не со повратни, но секако со, барем за во една насока, валидни билети.

И додека политичките партии како претоварени бродови бесцелно пловеа по отвореното но релативно мирно море во изминативе неколку години, некако успеваа да се справат со сите тие оптоварувања. Сега, кога се доближуваат до копното и треба да впловат во пристаништата, потребни се вешти маневри и бродови ослободени од непотребната баласт.

Демократскиот систем треба да тежнее ако не кон идеалното тогаш барем кон подоброто, што со етаблираните политички опции веќе дефинитивно не се постигнува. Освен доколку некоја од нив не направи голем пресврт, што, за жал, исто така е речиси невозможно да се очекува, барем не во скора иднина. Затоа, да се вооружиме со нерви и со трпение за уште еден циклус на крајно нерационални политички одлуки, промашени мерки и јавни политики и, се разбира, на неограничената злоупотреба на скапата правосудна машинерија за судски процеси со сѐ помалку правна основа и најчесто без општоприфатливи или никакви завршници

Поедноставено, доаѓаат избори. Ако партиските лидери се обидат да впловат во пристаништата со истиот товар, со истата, не само неквалитетна, туку и мошне расиплива понуда и на овие избори, тогаш јавноста навистина и ја заслужува улогата на потценета пасивна маса, без никаква волја за размислување и дејствување, а политичката понуда на нејзина проста рефлексија. Во таквата игра на брановите, сите сериски се компромитирани, при што востановените, што не значи и оправдани правила на играта, вообичаено се избира помалото зло, што исто така е неоправдано.

Демократскиот систем треба да тежнее ако не кон идеалното тогаш барем кон подоброто, што со етаблираните политички опции веќе дефинитивно не се постигнува. Освен доколку некоја од нив не направи голем пресврт, што, за жал, исто така е речиси невозможно да се очекува, барем не во скора иднина.

Затоа, да се вооружиме со нерви и со трпение за уште еден циклус на крајно нерационални политички одлуки, промашени мерки и јавни политики и, се разбира, на неограничена злоупотреба на скапата правосудна машинерија за судски процеси со сѐ помалку правна основа и најчесто без општоприфатливи или никакви завршници.

[email protected]