Колатерални штети од глобалната војна против тероризмот

Речиси две децении поминаа од терористичките напади против САД, на 11 септември 2001 година, кои засекогаш го променија светот. Последиците од нив се чувствуваат до денес

Денес се одбележува уште една годишнина од терористичките напади против САД, на 11 септември 2001 година, кои засекогаш го променија светот. По нив, Америка и нејзините сојузници тргнаа во глобална војна против тероризмот со последици што се чувствуваат до денес и ќе продолжат да се чувствуваат уште многу години. САД и сојузниците влегоа во војни со сомнителни оправдувања, кои, на пример, вклучуваа и непостојни докази дека Ирак поседувал оружје за масовно уништување. Во екот на војните, критичарите нагласуваа оти се погазени меѓународното право и меѓународните институции. Конфликтите беа проследени и со безброј „колатерални штети“: стотици илјади жртви, милиони раселени, огромен број лица затворени како терористи без докази, од кои потоа произлегоа разни случаи на мачења и други изживувања, зголемени тензии на меѓуверска и меѓуетничка основа итн.

Резултатите од една студија на универзитетот „Браун“ за штетите од глобалната војна против тероризмот само делумно ги покажува вистинските последици, но и тие се застрашувачки. Во војните во Ирак, Авганистан и во Пакистан по 11 септември, директно настрадале над половина милион луѓе – војници, цивили, мажи, жени, деца, хуманитарни работници и новинари. Тоа се конзервативни бројки, кои не ги вклучуваат и индиректните жртви. Над 21 милион луѓе од Ирак, Авганистан, Пакистан и од Сирија до денес живеат како воени бегалци, во ужасни услови. Економските штети се бројат во илјадници милијарди долари.

По тие војни изникнаа или уште повеќе се засилија терористички организации како Ал каеда или Исламска држава, кои го искористија џихадизмот за да привлечат што повеќе млади луѓе незадоволни од конфликтите. Долг период потоа западните земји и нивните сојузници беа сведоци на терористички напади. Војните ги зголемија тензиите, ја намалија толеранцијата, предизвикаа бранови бегалци и ги зголемија антиимиграциските чувства. Тоа ги зајакна популистите, кои имиграцијата ја претставија како причина за сите проблеми.

Критичарите на војните до денес тврдат дека големите сили и сојузниците се водат од тесни економски интереси во т.н. војни против тероризмот, еден ден соработувајќи со авторитарните лидери, а друг ден прогласувајќи ги за поддржувачи на тероризмот (како Моамер Гадафи или Садам Хусеин). Истите критичари тврдат дека големите сили во воените походи не тргнуваат од хуманитарни цели туку од глад за нови територии, ресурси или сфери за влијание. Нивната пресметка често завршува со вештачки поделени територии и популации, кои потоа со децении не можат да најдат мирно решение за конфликтите. Тоа води кон нови војни и така тркалото бескрајно се врти.
Се разбира, оние што тргнуваат во војни секогаш ги бранат нив со благородни цели: да се спречи тероризмот, да се ослободи некој угнетен народ или за да се шират демократијата и либералните вредности. Во таквите приказни нема место за „колатералните штети“. Но што ако западните вредности за либерализмот и демократијата, се само мит? Како западните земји ќе „извезуваат“ демократија ако одбиваат да се справат со нејзиното газење дома? Како што вели „Фајненшл тајмс“, како Британија, колепката на модерната парламентарна демократија“, може да им држи лекции на другите земји за вредностите на парламентарната демократија, кога реши да го суспендира сопствениот парламент?

Деновиве беше објавена интересна статија од британскиот новинар Мајкл Пил, кој пишува за убиствата на повеќе европски новинари што истражувале корупција на највисоките нивоа во неколку членки на ЕУ и истите тие ги поврзува со митот за европските вредности. Според него, ликвидациите на новинарите укажуваат на еден брутален тренд на (не)владеење на правото во ЕУ. Како што вели тој, ЕУ помина многу време, нагласувајќи ги своите наводни вредности за човековите права и демократијата и постојано повикувајќи ги земјите во светот да го следат нејзиниот пример. Но земјите на ЕУ, поновите, а особено постарите членки, кои најмногу се удираат во градите како бранители на демократијата, често се или соучесници, па и предводници на грубиот пристап на ЕУ кон демократските вредности. Згора на сѐ, тие ретко гледаат внимателно кон сопствените проблеми со корупцијата, без разлика дали станува збор за постапки на нивни компании во странство или за судири на интереси на нивни политичари.

За да биде проблемот уште поголем, западните земји често селективно гледаат кон историјата и кон колонијалистичкото минато. Според Пил, предавањата на Западна Европа за добро владеење и за морал одамна изгледаат како чиста пропаганда и лицемерство, особено за земјите што претрпеа толку големи штети за време на империјалистичката окупација од европските владетели.

Но суперсилите сѐ уште сметаат дека имаат право да ги „извезуваат“ своите „вредности“, иако можеби тие не се универзални бидејќи светот денес е мултиполарен и вклучува многу големи, средни и мали „сили“. Сепак, кога силите ќе решат дека нивните интереси или вредности треба да се извезат, тогаш тие се подготвени да ја употребат сета тврда или мека моќ што ја имаат на располагање. Земете го за пример усвојувањето на Преспанскиот договор, кое вклучуваше постојана примена на морковот и стапот од меѓународната. Договорот од приврзаниците е претставен како средство за помирување меѓу соседите, па дури и како модел за решавање на други спорови во светот. Меѓународната заедница, поточно Западот, уште од самиот почеток застана зад договорот и бараше негово прифаќање по секоја цена, макар и со „балкански методи“, како што ни сугерираше самата. Во процесот беа жртвувани владеењето на правото и демократијата, токму истите вредности што Западот сака да ги извезе на овие простори, но тоа наводно беше направено само еднаш, во име на „повисоките евроатлантски цели“. Сега, откако помина усвојувањето, сѐ погласно се зборува за неговите дефекти и тоа од посилната страна, Грција, додека ние сѐ уште оперираме само со датуми за влез во ЕУ и за НАТО. Ако договорот има дефекти и се најавува ревизија, дали тогаш тој навистина е наметнат по секоја цена за да се остварат целите на големите сили и дали Грција како посилна страна сега со помош од меѓународната ќе ги санира дефектите, а Македонија ќе го извлече подебелиот крај и ќе остане со дефектите, за кои повторно ќе ѝ ветуваат дека ќе се изгубат во евроатлантската чекалница?

Многу конфликти и спорови што произлегле од употребите на тврда и мека моќ на суперсилите денес тонат во заборав. Јавноста е незаинтересирана за Ирак, Авганистан, Либија, Сирија или за другите земји погодени од конфликти или од некој вид „револуционерна пролет“. Дали по војната против тероризмот и по сите други поголеми геополитички случувања произлезени од неа може да се каже дека на овие општества навистина им е подобро? Одговорот најдобро го знаат само локалните населенија. Еднаш имав можност да разговарам со еден Авганистанец, кој студираше во Британија и беше во многу попривилегирана ситуација од своите сонародници. Го прашав како се живее во Авганистан, а тој кратко ми одговори: „Се родив во војна, живеам во војна и веројатно ќе умрам во војна“. Најнова вест: Доналд Трамп објави дека преговорите за Авганистан се „мртви“, што значи – војната продолжува.

[email protected]