Кога ќе стивне ППР

На граѓаните им е најпотребен тој барем еден ден изборен молк, да се потсетат дека тие со своето излегување на гласачките места и со својот избор не треба да придонесат за интересот на нечија политичка амбиција, да ги задоволат очекувањата на политичарите, туку да одлучат за она што сметаат дека е во нивен најдобар интерес

Од денеска веќе е извесно дека по речиси едномесечна предизборна кампања за локалните избори стивнува платеното политичко рекламирање (ППР), а јавното политичко конфронтирање на кандидатите и политичките партии е исклучено од дневната програма на медиумите. Навистина, и по голем број изборни циклуси во демократска Македонија, некако останува како спореден интерес дали денот на законски предвидениот изборен молк е доволен за политичка деконтаминација на граѓаните (гласачите) од многу често токсичните партиски кампањи, кои стануваат сѐ поинтензивно конфронтирачки, како што се наближува времето за конечна одлука.
Политичарите кога истрчуваат на изборен терен, без разлика за какви избори станува збор, и покрај почетниот пристап во стилот „само во интерес на граѓаните“, многу брзо ги понесува жарот на политичките спротивставености, па на својата амбиција или потреба да се биде (на) власт ѝ припишуваат историски димензии. „Интересот на граѓаните“ иако по инерција можеби и понатаму се провлекува во говорите на кандидатите, во целокупниот предизборен амбиент почнува да доминира наративот за историското значење на канализацијата во руралните општини, како и на дебелината на слојот на асфалтот во одредени споредни улични, или цената на паркингот и казните на пајак-службите…, а сето тоа „влијае“ на европскиот пат на Македонија и геополитичките поместувања во регионот и пошироко!?

Многу брзо темите за локалните избори излегуваат од форматот за задоволување на секојдневните потребни на граѓаните, олеснување во справувањето со предизвиците во функционирањето на обичниот живот и им се наметнува на граѓаните одговорност (па и грижа на совеста) како божем да одлучуваат за судбината на светот, наместо да изберат по свое согледување за кого сметаат дека најсоодветно ќе одговори на потребите со кои се соочуваат во секојдневното живеење. Меѓусебните интриги, политички подметнувања, обиди за лични оцрнувања и дисквалификации на опонентите во изборите, за време на изборната кампања, можеби беа очекувани и во голема мера предвидливи, но повторно не го допираа интересот на граѓаните, туку само придонесуваат за нивно дефокусирање од темите и контаминација на целиот изборен амбиент. Токму затоа, на граѓаните им е најпотребен тој барем еден ден изборен молк, да се потсетат дека тие со своето излегување на гласачките места и со својот избор не треба да придонесат за интересот на нечија политичка амбиција, да ги задоволат очекувањата на политичарите, туку да одлучат за она што сметаат дека е во нивен најдобар интерес.
И секогаш, на секои избори треба да се потсетуваат политичарите дека граѓаните не се во служба на нивните политички интереси, туку тие (политичарите) се избрани за да бидат во служба (и на услуга) на граѓаните.
Колку и да е богато изборното искуство, и на политичарите што учествуваат на избори и на граѓаните што гласаат, но и на организаторите на изборите, унапредувањето на демократскиот процес на одлучување и избор е секогаш нов предизвик за сите.
Предизвикот е политички, често ја допира и изборната легислатива, секако – општествен, но во денешно време, во голема мера и техничко-технолошки.

На денот од првиот круг на локалните избори, пред две седмици, Државната изборна комисија се соочи токму со техничкиот дел од предизвикот за организирање избори, со неснаоѓањето или нефункционирањето на уредите за препознавање на отпечатокот од прст на гласачите. Констатирано беше дека овој нов современ начин на идентификација на гласачите, го одолжи процесот на гласање, поради несоодветната координираност со базата на податоци на отпечатоците од прсти на МВР, што дури на некои избирачки места беше продолжено и времето за гласање. Сепак, унапредената технологија на идентификација на гласачите, што требаше да ги спречи поранешните обиди за нерегуларности при гласањето, се чини не успеа да го намали бројот на неважечки ливчиња во првиот круг, а со тоа и просторот за сомневање во регуларноста на изборите. Речиси 60.000 неважечки гласачки ливчиња од првиот круг беа причина за една непотребна епизода на ДИК, меѓу двата круга, со носење (па поништување) одлука (упатство) за прогласување како важечки на ливчињата во вториот круг, кои, евентуално, не би имале печат од избирачките одбори.

Првичната одлука на ДИК предизвика реакции во јавноста во смисла дека на тој начин се дава зелено светло за нерегуларности за полнење на избирачките кутии, а подоцнежното повлекување на одлуката отвори прашања за способноста и компетентноста на членовите на ДИК да го организираат изборниот процес. Вториот круг од локалните избори е можност што ДИК не смее да ја пропушти и да докаже дека ги надминала слабостите во организацијата на изборниот процес од првиот круг и да не остави сомнеж дека на каков било начин (особено од технички аспект) може да биде манипулирана волјата на граѓаните.
И конечно, каква и да биде волјата на граѓаните, политичарите треба да ги прифатат резултатите, без разлика дали се соодветни за нивните „историски визии“.