Кога јазикот ќе ни удри една преку уста

„Македонскиот јазик има огромна зборообразувачка моќ, толку е голема неговата моќ што на него може да се преведува секаква книжевност. Вакво завештание ни оставиле Кирил и Методиј и прво треба да се учи од нив. Од нив учеле нашите најголеми мајстори и мајсторици. Македонскиот јазик може да беседи на книжевна гозба со сите јазици, но од нас самите зависи како ќе му служиме на својот јазик на таа гозба, какви виноточи ќе му бидеме и, би додал, дали ќе го натераме да ни удри
една преку уста…“

(Огнен Чемерски)

Ќе се научат ли некогаш луѓето дека не се пишува базент и ресторант, дека доба е именка од женски род – таа доба, а не тоа доба, дека не е правилно сеуште, туку сѐ уште, дека не е прилагоди, туку приспособи, придонесе – а не допринесе. Зборовите твитање, гуглање, шопинг, фаст фуд, принтање, кастинг, кул, тренд, лајк, френд… веќе се одомаќени во секојдневната комуникација, но голем број туѓи зборови што се употребуваат не ги разбираат ни постарите ни младите, или погрешно ги разбираат (на пример, транспарентна – бил разбран како актуелна или компетитивна – како одговорна). Сѐ уште има такви што „секундарно“, пак, го разбираат како „веднаш“ или „моментално“, поради сличноста со зборот „секунда“!

Очигледно дека македонскиот граѓанин, кај не го знае ни сопствениот јазик, тешко се справува и со прогресивната глобализација. Туѓите зборови најмногу ги употребуваат новинарите и политичарите, веројатно затоа што во Македонија (многу интересен феномен) употребата на интернационализмите се смета за престижна општествена јазична варијанта и го отсликува говорителот како припадник на интелектуално висока класа (?!). Јазикот е отворен на влијанија во глобалниот свет, особено со многубројните начини на масовна комуникација, но и во тоа треба да се има вистинска мера. Особено во ситуации кога употребуваме странски збор наместо наш, иако го имаме и може да покрие исто семантичко поле, односно исто поле на значење како странскиот збор.

Денот на словенските просветители, кој некои корисници на социјалните мрежи го искористија да го честитаат со објавување смешно неписмени фрази, што ја покажуваат нашата неписменост, наедно е добар повод да се актуализираат, за жал, сѐ уште присутните прашања за правилната употреба и заштитата на македонскиот јазик. Македонистиката во Македонската академија на науките и уметностите е практично заборавена, оспоруваната Македонска енциклопедија пред повеќе години буквално ја понижи македонската наука за јазикот, ставајќи ја под сите можни турбофолк-пејачи и спортисти, актери и други од десетта категорија. Институтот за македонски јазик со години се соочува со многубројни финансиски и кадровски тешкотии.

Приказната за нашите лекторати во светот, кои едвај опстојуваат, веќе е апсолвирана, да не речам здодевна. Образовните институции се посебен проблем. Традиција е резултатите од тестовите по англиски јазик да се подобри од оние што децата ги постигнуваат на испитот по мајчин јазик. Кој останува да се грижи за јазикот – политичарите (!), кои се први на листата на јазични варвари, грешат во изговорот, во употребата на зборовните категории, во збороредот, говорат со англицизми и други интернационализми, дијалекти и жаргони, не акцентираат како што бара јазичната норма.

Сѐ уште, ако не грешам, не постојат електронски верзии на Македонскиот дијалектен атлас, Интенцијално-синтаксичкиот речник, Речникот на презимињата, Речникот на личните имиња во народните умотворби, Речникот на народната поезија, Речникот на црковнословенскиот јазик од македонска редакција… Овие речници им се достапни во печатена форма на сите што се занимаваат со јазикот, но поширока нивна употреба би се овозможила доколку ги има и во дигитална форма.

А токму идентитетот, изразен пред сѐ преку јазикот, сѐ уште ни е најактуелен и најгорлив проблем и највисок приоритет за опстојување на државата, па дури и на нацијата. Битката за правилна употреба за јазикот, за негово зачувување, грижа и негување е нешто што треба да биде пред сѐ и над сѐ , особено во време кога состојбата со јазикот е алармантна, кога тој е нападнат и однадвор и однатре.

За крај, ќе потсетам на еден цитат од нашиот исклучителен преведувач Огнен Чемерски, кој за жал, одамна не е меѓу нас: „Македонскиот јазик има огромна зборообразувачка моќ, толку е голема неговата моќ што на него може да се преведува секаква книжевност. Вакво завештание ни оставиле Кирил и Методиј и прво треба да се учи од нив. Од нив учеле нашите најголеми мајстори и мајсторици. Македонскиот јазик може да беседи на книжевна гозба со сите јазици, но од нас самите зависи како ќе му служиме на својот јазик на таа гозба, какви виноточи ќе му бидеме и, би додал, дали ќе го натераме да ни удри една преку уста…“