Кога учителите се однесуваат како учениците

Суперсилите сметаат дека имаат и право и должност да ги извезуваат своите „вредности“ во другите земји, иако тие се далеку од универзални, особено во денешниот мултиполарен свет. Кога треба вредностите да се извезат, суперсилите употребуваат и тврда и мека моќ. Во вториот случај, тие се претставуваат како учители со огромно демократско искуство, кои најдобро знаат кога и како нивните ученици треба да научат и применат одредена лекција ако сакаат да направат чекор напред и да исполнат некоја своја цел, која, секако, мора да се совпаѓа со целите на суперсилите.

Ако не помага тоа, а целта мора да се постигне по секоја цена, тогаш баш и не мора да се почитуваат сите наведени норми од лекциите по демократија и владеење на правото. Некоја може и да се скокне. Таков беше случајот со Македонија и со Преспанскиот договор. Тогаш учителите ни рекоа дека баш и не мора толку да се држиме до правилата, дека договорот мора да се усвои ако сакаме во ЕУ и во НАТО, дека тој е толку добар што во иднина може да се употреби и како модел за решавање други спорови, дека мора само малку да жртвуваме итн. Накратко, учителите ни рекоа дека можело да се применат и „балкански методи“, ама договорот мора да помине. На крајот и помина и откако се заврши целата работа, тогаш почна да се зборува за неговите „дефекти“ и за тоа како во процесот на ратификација биле жртвувани и демократијата и владеењето на правото, односно токму оние лекции што учителите ни велат дека мораме да ги научиме ако сакаме во ЕУ и во НАТО.

Но што се случува во моментот со учителите? Тие како да решиле да применуваат балкански методи за решавање на сопствените проблеми. Да земеме три примери – Британија, ЕУ и САД. Британија во моментот се мачи со брегзит, односно со процесот на збогување од ЕУ. Таму, како и тука, се чини дека постојат две дијаметрално спротивни реалности. Првата реалност ја отсликуваат оние што сметаат дека брегзит не требаше да се случи иако мнозинството излезени гласачи се изјаснија за таа опција на референдум. Втората реалност ја одразуваат премиерот Борис Џонсон и сите преостанати што како него се уверени дека мора да има брегзит до крајот на месецот, па макар и без договор со ЕУ. Во тој процес, Британија дури привремено и го суспендира парламентот, што беше оценето како најголем удар за парламентарната демократија, и тоа токму во т.н. колепка на современата парламентарна демократија. Суспензијата беше укината откако Врховниот суд ја прогласи за незаконска, зашто премиерот ја злоупотребил можноста за суспензија на парламентот за да блокира дебата за брегзит и да принуди излегување од ЕУ без договор. По укинувањето на суспензијата следуваше вистинска „војна на зборови“ меѓу премиерот и пратениците. Тензиите се зголемуваат од ден на ден, а некои пратеници се жалат дека постојано добиваат закани по живот. Самиот премиер најавува дека може да го заобиколи законот со кој парламентот ќе му нареди да бара го одложи брегзит, додека во меѓувреме се шпекулира оти Даунинг стрит тајно барал од членки на ЕУ да не дозволат одложување на брегзит. Како што се наближува крајниот рок за брегзит, така се чини се зголемува и употребата на балканските методи во британската политика.

Но балканските методи и состојби се чини ја мачат и ЕУ. Таа во моментот ги сослушува кандидатите за новиот состав на Европската комисија предводена од Германката Урсула фон дер Лејен. Но овој пат ЕУ се соочува со поделен парламент, кој е многу понепријателски настроен кон комисијата. Од вкупно 28 кандидати за еврокомесари, десетина заглавија со сомненија за корупција, злоупотреба на фондови, сомнително потекло на милионски суми и за конфликт на интереси. Двајца кандидати беа отфрлени од парламентот, од Романија и од Унгарија. Други двајца баш пред почетокот на сослушувањата беа ослободени од секакви сомненија и истраги. Кога човек ги чита деталите од истрагите, се прашува како овие луѓе воопшто со години извршувале функции на национално и на европско ниво, па сега ги наградуваат за сработеното со кандидатури за еврокомесари. Прашани зошто подетално не ги испитаат наводите за корупција и други дела против кандидатите, од институциите на ЕУ кратко одговараат дека тие не се полиција. На крајот, некои кандидати ќе бидат жртвувани, но не за да се задоволи правдата, туку за да се замачкаат очи, додека зад затворени врати не се договори нивната замена.

Третиот случај на балкански методи кај учителите се однесува на најновиот скандал на Доналд Трамп, поради кој американскиот претседател се соочува со импичмент. Украинската афера има балкански елементи на повеќе нивоа. Прв елемент е телефонскиот разговор и Трамповото барање до новиот украински претседател да му направи мала „услуга“, која се однесува на корупциска истрага против синот на неговиот најголем политички противник Џо Бајден. Трамп наводно блокирал воена помош за да го принуди украинскиот претседател да му ја заврши „услугата“, иако двајцата негираат каков било притисок. Втор елемент се свиркачот и тврдењата дека Белата куќа наводно се обидувала да го скрие транскриптот од разговорот, како и дека тоа го прави со многу други разговори на Трамп со други светски лидери, меѓу кои и Владимир Путин. Трет елемент е обидот на Белата куќа да спречи извештајот за свиркачот да стигне до Конгресот. Четврти елемент е наводната закана од Трамп, кој, според „Њујорк тајмс“, во една пригода рекол: „Знаете во минатото, кога бевме паметни, што им правевме на шпионите и предавниците, нели?“ Петтиот е најновата информација дека Трамп барал слична „услуга“ и од Австралија.
Демократите долго време бараа импичмент, но не се осмелуваа на таков чекор, стравувајќи дека процесот може повеќе да им наштети отколку да им помогне на нивните кандидати во претседателската трка во 2020 година. Прашањето е што се смени сега што ги натера да веруваат дека ќе може да го истераат процесот докрај. Аналитичарите оценуваат дека на Трамп веројатно ќе му биде изгласан импичмент во Долниот дом, каде што демократите имаат мнозинство, но дека тој нема да биде сменет од претседателската функција во Горниот дом на Конгресот под контрола на републиканците, за што е потребно двотретинско мнозинство. Како и да е, одлуката е политичка и нема врска со правдата.

Но американската приказна има балкански елементи и од страната на Бајден, за кои многу помалку се зборува. Според Трамп, но и според повеќе американски медиуми, Бајден се фалел дека пред три години го сменил украинскиот обвинител, кој, меѓу другото, истражувал и корупција во компанијата за гас во која работел неговиот син Хантер. Во САД преовладува тврдењето дека нема поврзаност меѓу улогата на Бајден како тогашен потпретседател и на неговиот син Хантер како вработен во компанијата под истрага. Но дури и да нема поврзаност, се поставува прашањето како Хантер Бајден завршил во таа компанија. За ова многу не се пишува во американските медиуми, со ретки исклучоци, како на пример една статија на Сара Чајес во „Атлантик“, со пригоден наслов „Совршено легалната, општествено прифатлива корупција на Хантер Бајден“. Таа во неа опишува како Хантер Бајден завршил во компанијата (се разбира, поради татко му) и зошто, поопшто, високи бивши американски функционери и нивните роднини и пријатели преку свои „консултантски фирми“ заработуваат милиони долари од соработката со сомнителни странски тајкуни и влади. Сетете се само колку такви минаа низ Балканот.

Но што да прават учениците додека учителите користат балкански методи? Можат да продолжат да ги следат учителите и на ист балкански начин да ги решаваат проблемите. Секако, ова најмногу им одговара на елитите, а најмалку на граѓаните. Може да чекаат да дојде некој заменски учител, но не знаат дали и тој ќе ги користи истите методи. Најдобро е да ги засукаат ракавите и вистински да се променат, за себе, а не за учителите. Тоа е најтешко, ама и најкорисно.

[email protected]